Енергијата од сонцето и енергијата од ветерот претставуваат примарни обновливи извори на енергија во најчиста смисла на зборот. Овие два вида енергија ги претвораме во електрична со помош на фотонапонски електрични централи (ФЕЦ) и ветерни електрични централи (ВЕЦ). Двата вида на централи претставуваат непостојани (волатилни) извори на енергија, како на дневна, така и на месечна основа.
Ниту ФЕЦ, ниту ВЕЦ можат да генераираат енергија 24/7 од очигледни причини, поради што како многу важна мерка за нивната способност за генерирање се користи таканаречениот капацитетен фактор, наречен уште и фактор на расположливост. Капацитетниот фактор, којшто секогаш изнесува помеѓу 0 и 1, претставува бездимензионален количник помеѓу вистински генерираната електрична енергија во текот на одреден временски период и теоретски максималното количество енергија во истиот период.
На пример, една ВЕЦ со инсталиран капацитет (инсталирана моќност) од 100 MW во текот на една календарска година, којашто има 365х24 = 8.760 h, кога би работела непрекинато теоретски би генерирала 100*8760 = 876.000 MWh = 876 GWh електрична енергија. Од друга страна, во стварност нека е измерено дека истата ВЕЦ за една година генерирала 270.000 MWh = 270 GWh. Тогаш капацитетниот фактор (факторот на расположливост) изнесува 270/876 = 0,308.
Доколку капацитетниот фактор го пресметуваме на дневно, наместо годишно ниво, ќе забележиме дека тој се менува со силно изразена сезоналност, при што капацитетниот фактор за ветерните централи (сината линија на сликата) е најголем во зима, а за фотонапонските централи (црвената линија) е најголем во лето. Обратното важи за минимумите на производството.
Доколку побараме просечен капацитетн фактор за ФЕЦ и ВЕЦ (црната линија на дијаграмот), ќе забележиме дека варијабилноста е прилично намалена на сезонска основа, бидејќи врвовите и доловите на производството од ФЕЦ и ВЕЦ взаемно се компензираат, т.е. пополнуваат или израмнуваат. Остануваат случајните дневни варијации, што не зависат едни од други, односно не се взаемно корелирани.
Оттука станува јасно зошто Македонија мора да гради не само фотонапонски (ФЕЦ) туку и ветерни (ВЕЦ) електрични централи. Бидејќи овие два обвновливи извори на енергија (ОИЕ) прилично добро се дополнуваат (комплементираат), постигнуваме еден вид природно балансирање помеѓу сезоните. Може прилично точно да се пресмета колкав треба да биде вкупниот инсталиран капацитет во ВЕЦ и ФЕЦ, врз онова на побарувачката за електрична енергија на месечна основа.
Остануваат уште два проблеми. Прво, дневните варијации на електричниот аутпут (излезната моќност) на централите и второ, пролонгираните периоди на намален аутпут од двата извори - на пример во јануари, кога има малку сончеви часови (на пример поради магла), а истовремено нема доволно ветер.
Првиот проблем, којшто предивикува дебаланс (нерамнотежа) помеѓу генерирањето и потрошувачката може да се реши на неколку начини. Можат да се користат „пикер“ (peaker) гасни централи, што е најскапиот начин, класични акумулациони хидроцентрали (ХЕЦ) и конечно како најефикасен начин да се применат реверзибилни, односно пумпно-акумулациони хидроцентрали (РХЕ, односно ПАХЕ). Конечно, поради големата брзина на вклучување, извесен капацитет за складирање треба да претставуваат и литиум-јонските батерии.
Предноста на ПАХЕ се состои во потребата од релативно мали резервоари (базени) за еднодневна до најмногу неколкудневна акумулација на енергијата. Освен ВЕЦ и ФЕЦ, Македонија задолжително мора да инвестира во една нова ПАХЕ, при што „Чебрен“ не претставува економски најповолно решение, споредено со ПАХЕ со базенска акумулација.
Гасните централи (само со гасни турбини, без комбиниран гасно-парен циклус), поради малиот број работни часови во текот на годината, многу бавно ги враќаат инвестираните пари, поради што не претставуваат препорачано решение. Освен тоа, гасот претставува фосилно гориво, кое треба што побргу да го напуштиме, поради што гасните електрани треба да ги сметаме само како еден вид привремено, односно преодно решение.
Доколку во Македонија се одлучи за изградба на една гасна централа, најдобро би било евтино да се купи една работена (половна) гасна централа, истата да се пресели, ревитализира и инсталира во државата. Варијанта на ова решение би био гасната централа да се поврзе со парната секција на ТЕ „Неготино“ и на тој начин да добиеме една централа во комбиниран циклус, со повисока ефикасност - штом веќе ТЕ „Неготино“ стои неискористена, како некаков бескорисен споменик. Репарираната половна гасна централа би дошла со гаранција од 8000 работни часа, што при 1-2 месечна повремена работа годишно би можела да „истурка“ десетина години, до нејзиното пензионирање и конечниот премин кон ОИЕ.
Старо-новите гасни централи, но секако и постоечките македонски хидроцентрали, би го решиле и вториот проблем со ФЕЦ и ВЕЦ, а тоа е задоволување на зголемената потрошувачка и намалената генерација на електрична енергија од ОИЕ во зимскиот период. Во перспектива тука би дошле и малите нуклеарни централи.
Предложените четири вида централи треба да ги претставуваат основни блокови на нашиот иден електроенергетски систем, со што постепено би ги напуштиле термоцентралите на јаглен (РЕК „Битола“ и „Осломеј“), а во перспектива веројатно би ги напуштиле и гасните централи.
На нивно место, за базна генерација на електрична енергија во иднина би дошле нуклеарните електрични централи, базирани на мали модуларни реактори (small modular reactor - SMR), коишто претставуваат најнов и брзорастечки тренд на енергетиката во светот. Македонија не смее да губи време, туку треба да фати чекор веднаш, пред се со образување на идните кадри за овие нови постројки.
Атомските централи би го решиле и проблемот со централно греење во градовите, така што изградбата на когенеративни гасни постројки (да се потсетиме на „Митилинеос“) би станала депласирана и би можеле едноставно да ја прескокнеме.
Така би заштедиле и 500 милиони евра од унгарскит кредит, што владата сака да ги употреби за изградба на нови когенеративни гасни централи, што би претставувало вистинско фрлање пари во застарена технологија што набргу мора да се напушти. Централното греење пак, наместо од когенеративните централи на гас би можело да премине на топлински пумпи и ОИЕ, барем таму каде што нема да имаме мали атомски централи.
Подобро би било тие 500 милиони евра кредит да се употребат за изградба на предложениот ветропарк кај Штип (тој што сакаат да му го отстапат на „Алказар Енерџи“) и една ПАХЕ, како трајно решение. Државата исто така треба да гради сопствени фотонапонски централи и да престане да зависи од приватните.
Тоа би претставувала вистинска енергетска независност и генерирање на сопствени приходи во македонскиот буџет, а не предложената зависност од странските директни инвестиции и лишувањето од сопствени приходи.