Присуството на тунели (формирани од протоци на лава) под површината на Месечината беше теоретизирано и дискутирано уште пред 50 години. Сега, една меѓународна група истражувачи, координирани од Универзитетот во Тренто (Италија), објави студија за откритие што означува значаен чекор кон потврдата за нивното постоење.
Тунелите под површината на Месечината можно е да настанале како нуспроизвод од протоци на лава, во времето на формирање на нашиот најголем природен сателит сателит. Течната лава се движела со голема брзина при што горниот дел, во допир со ниските температури од површината, брзо се оладил, формирајќи кора односно вистински тунелски свод.
Откако ерупцијата завршила и последната “капка” лава истекла од тунелите, тие останале во иста состојба до ден денес. Тунели од овој тип, иако помали по големина, има и на Земјата, распослани од Етна до Хаваите, а се чини дека ги има и на Марс.
Слика од лунарниот кратер под Морето на спокојството, којшто е предмет на студијата објавена во Nature. Анализата на радарските слики открива присуство на „пештерски канал“ на дното на оваа јама фото: NASA
Иако досега имаше наговестувања за постоењето на лунарни тунели, дефинитивниот доказ и потврда отсуствуваше. Индициите потекнуваа воглавно од фотографии на шуплини снимени од повеќе месечеви сонди. Ваквите фоотографии прикажуваат „потони“ длабоки десетици метри што од најразлични причини се случиле над тунелите.
Лоренцо Бруцоне, од Универзитетот во Тренто и координатор на истражувањето, појаснува „Она што го откривме е испразнет канал од лава, како што мислевме“.
Како дошле до овој заклучок објаснува самиот Брузоне: „Како дел од мисијата на НАСА во 2010 година, радарот Miniature Radio-Frequency (Мини-РФ) сними серија „слики“ од површината на Месечината. После многу години, ги анализиравме овие слики со сложени технологии за обработка на сигнал, развиени неодамна во нашата лабораторија, и откривме дека дел од радарските рефлексии кои доаѓаат од областа на Морето на спокојството може да се припишат на подземен канал.”
“Ова откритие го дава првиот директен доказ за пристапен карпест тунел под површината на Месечината“. Во моментов не е направена реконструкција на изгледот на целиот тунел, но „анализата на податоците ни овозможи да направиме модел кој го претставува неговиот почетен дел“, истакнува Леонардо Карер, истражувач на Универзитетот во Тренто и коавтор на трудот објавен во Nature.
Зошто овие тунели се интересни за идните мисии на Месечината?
Студијата сама по себе несомнено има големо научно значење, но таа носи и импликации за развој на идните човечки мисии на Месечината, каде околината е екстремно непријателски настроена во поглед на услови за одржување на човечкиот живот. Постојаноста на површината на Месечината е всушност прилично опасно и екстремно искуство. Температурите на страната изложена на Сонцето може да се искачат до 127 °C, додека оние од спротивната страна се спуштаат до –173 °C. Космичкото и сончевото зрачење е до 150 пати поинтензивно од она што се доживува на Земјата и конечно постои постојана закана од паѓање на метеорити, дури и ако се мали по големина. Затоа, потребата од засолништа за идните човечки колонии би можела да се задоволи токму со овие подземни шуплини.
Оттаму, радарските тестови стануваат исклучително важни со оглед на тоа што ќе им овозможат на идните роботски мисии да ги истражуваат овие тунели, пред човекот да изградни постојана база на Месечината.