Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC), која е дел од Светската здравствена организација, го класифицираше талкот како 'веројатно канцероген'. Ова не е првпат да се појави хипотеза за корелацијата помеѓу употребата на овој минерал и појавата на рак, особено рак на јајниците. Меѓутоа, до денес, сè уште не е идентификувана причинско-последична врска, ниту праг, во однос на количината или зачестеноста на употребата, над кој се зголемува ризикот од развој на канцер. Ова значи дека остануваат нешта што треба да се разјаснат. Поради ова треба и да знаеме што точно значи кога ќе се каже 'потенцијално канцероген'.
IARC избра да ја промени класификацијата на талкот откако тим од околу триесет истражувачи детално ја анализираа целата научна литература достапна на оваа тема. Во истражувањето објавено во The Lancet, заклучоците се влечат од случај до случај.
Постојат „ограничени докази“ дека талкот може да предизвика рак на јајниците, особено кога се користи во гениталните и перинеалните региони. Од друга страна, има „доволно докази“ дека талкот предизвикува рак кај животните вклучени во испитувањата: туморите што се појавиле најчесто ги зафаќале белите дробови и надбубрежните жлезди. Конечно, биле документирани „силни докази“ за канцерогените карактеристики на талкот во однос на човечките клетки кои се користат во лабораториските тестови. Набљудувањата откриле хронично воспаление и промена на правилната клеточна пролиферација, којашто е всушност прекинувач за вклучување на туморот. Сепак, овие резултати не се доволни за со сигурност да се утврди дека употребата на производи базирани на талк претставува онколошки ризик.
Најнапред, корисно е да се разјасниме од што се состои талкот, минерал кој во вид на пудра се користи за лична хигиена за сушење на кожата и спречување на осип на кожата, како и за производство на шминка (може да се најде, на пример, во пудрата за лице или основата за шминкање). Талкот во себе содржи магнезиум, силициум и кислород, а законската регулатива вели дека тој мора да биде без азбест. Имено, до 1970-тите години сѐ уште во производите бил присутен минералот кој природно во во себе содржел и азбест.
И тука веќе се наметнува првото прашање, бидејќи талкот што содржи азбест одамна е меѓу канцерогените материи за луѓето. Но, самиот IARC прецизираше дека „иако евалуацијата се фокусираше само на минерал кој не содржи азбест, во повеќето студии не беше можно да се исклучи контаминацијата од талк со азбест кај изложените луѓе“.
IARC ги класифицира супстанциите за кои е откриен дефинитивен или веројатен канцероген потенцијал во специфични групи кои укажуваат на нивото на ризик. Талкот сега се наоѓа во групата 2А, заедно со храна од типот на црвено месо (кое има негативни последици по здравјето само кога се надминат количините наведени во упатствата за здрава исхрана), соединенија кои се ослободуваат при пржење на висока температура, многу топли пијалаци и глифосат (пестицид што на големо се користи во интензивното земјоделство).
Групата 2А е различна од групата 1 која вклучува супстанции за кои е откриено дека се дефинитивно канцерогени. А тука се чадот од цигарите, преработеното и ултра-преработеното месо и алкохолот.
„Треба да се запамети дека во главните студии не постои [директна] корелација помеѓу употребата на талк и зголемениот ризик од рак на јајниците“, се наведува на веб-страницата на Институтот за онкологија Ромања, Имола. Единствениот случај за кој се чини дека се пројавува директна поврзаност се однесува на употребата на талкот за одржување на интимната хигиена.
Едно истражување чии резултати се објавени во 2016 годи во Epidemiology, спроведено од страна на Бригам и Женската болница во Бостон, откри 24% зголемување на ризикот од развој на рак на јајници кај над 2000 жени кои редовно нанесувале талк во пределот на гениталиите или во перинеалната област. Но, во 2020 година, поширок преглед на литературата ги поби овие резултати – анализата на податоците добиени од над 250 000 жени не утврдила статистичка врска помеѓу употребата на талк и појавата на рак.
Експертскиот тим на IARC спроведе главно опсервациски истраги кои немаат за цел да ги расветлат причинско-последичните врски. Можно е да постои врска помеѓу честото нанесување на минералот во интимните предели и појавата на рак на јајници, но нема научни податоци кои ја потврдуваат оваа хипотеза – по долгогодишни истражувања врската сѐ уште не е идентификувана.
До денес, во реалноста, се чини дека главните здравствени ризици се јавуваат во моментот на екстракција и вдишување на ослободената прашина, често контаминирана со кварц и, попрецизно, азбест, кои се наоѓаат во истите карпи кои го содржат талкот.
За крај, да сумираме: дали талкот е безбеден за употреба?
Знаеме дека талкот може да биде потенцијално канцероген под специфични услови, но IARC не утврди со сигурност кои се тие. Затоа, како превентивна мерка, не се препорачува примена на производи што го содржат овој минерал во гениталните и перинеалните предели. Но, тоа не значи и дека оние кои до овој момент го користеле на тој начин ризикуваат да развијат рак на јајниците. Што би се рекло, потребни се уште допонителни истражувања за потврдување на некоја директна врска.