Театарот како прв и најстар медиум денеска благодарение на технологијата сè уште е во фокусот на човечката културна посветеност. Технолошките достигнувања, особено во аудиовизуелните сфери, овозможија нов пристап кон визуелизација на човечката фантазија. Сценографијата ја прошири својата „димензија“ и видео проекцијата денеска е неизбежен сегмент од секое аудиовизуелно дело. Видеопродукцијата веќе не претставува само изработка на слика во две димензии, сценската проекција врз сценските елементи ја прикажува и нејзината трета димензија. Перцепцијата на гледачите не се фокусира само на актерската игра – сценската акција има нов рамноправен член, проекцијата. Оттука произлезе и потребата за едно своевидно “упатство за користење” на техниката со којашто видеопроекцијата се вклопува во сценската изведба, а “ Основи на сценската проекција ” од м-р Милчо Узунов е токму едно такво дело.