Рубрика: Метеорологија
Како една бура може да го промени вкусот на чајот
Објавено на 24.07.2024 - 14:30

Следниот пат кога ќе закрепувате по 'дивеењето' на некоја бура и ќе почувствувате потреба од шолја чај за закрепнување и враќање на енергијата, немојте да се изненадите ако пијалокот не ви ја понуди топлината на којашто се надевавте. Токму бурата можеби го променила вкусот на чајот.

Во ноември 2023 година, бурата Сиаран се истури над Европа – од Ирска до Италија, предизвикувајќи поплави и штета од силните ветришта. Исто така, според една нова студија, бурата ја спуштила точката на вриење на водата доволно ниско за да го намали квалитетот на црниот чај во југоисточна Англија, и тоа некаде точно околу времето за појадок (трагедија, по ѓаволите cheeky).

Студијата, објавена во Weather, известува дека воздушниот притисок во Рединг, Велика Британија, паднал толку ниско што водата зовривала на температура од нешто под 98°C, температура што ‘чајопијците’ најчесто сметаат дека е под минимумот за креирање на идеален напиток.

Ефектот на притисокот врз температурата на вриење одамна им е познат на планинарите, но Сиаран овозможи ефектот да зафати широк регион“, вели коавторот на студијата, д-р Алек Бенет, метеоролог на Универзитетот во Бат Спа, Велика Британија.

Имено, точката на вриење на течностите се менува со притисокот. При нормален атмосферски притисок, таа изнесува околу 100°C. Но, бурите со себе носат драматичен пад на воздушниот притисок, што значи дека водата преминува од течна во гасовита состојба на пониски температури. Бурата Сиаран имаше невообичаено низок воздушен притисок, поставувајќи рекорди во некои делови на Англија.

Како експериментатор, видов можност да направам некои мерења на својствата на зовриената вода при низок атмосферски притисок“, вели коавторот Кејлеб Милер, докторант на Универзитетот во Рединг, Велика Британија.

Вооружени со сензор за температура и чајник, истражувачите ја следеле точката на вриење на водата додека бурата минувала над Рединг. Тие ги комбинирале нивните набљудување со податоците добиени од метеоролошките станици ширум Обединетото Кралство со цел да го следат движењето на бурата. Центарот на системот со низок притисок се движел низ Англија помеѓу 4 и 10 часот наутро – или, како што истакнуваат истражувачите, отприлика во времето за појадок.

Во лабораторијата точката на вриење на водата паднала на нешто под 98°C, а метео-податоците укажуваат дека истото се случило и во поголемиот дел од земјата. Ова можеби било доволно за да се промени вкусот на чајот за сите, сметаат истражувачите.

Малите промени во точката на вриење се чини дека е поверојатно да се почувствуваат на овој начин отколку на некои од другите што имавме предвид“, вели водечкиот автор на студијата, професор Гилс Харисон, исто така од Универзитетот во Рединг. „Ова директно покажува  дека атмосферата – и промените во неа – може да имаат влијание на неочекувани начини”.

Истражувачите исто така истакнуваат дека невообичаено висок притисок, кој обично е придружен со мирно, сончево време, може да ја зголеми точката на вриење на водата. При едно мерење направено во јануари 2020 година, точката на вриење на истата станица се искачила на речиси 101 °C !

Клучни зборови: