Една нова студија, што произлегува од соработката помеѓу италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија (INGV) и Археолошкиот парк во Помпеја, потврди дека земјотресот што ја погодил областа истовремено со вулканската ерупција на 24 октомври 79 н.е. можеби ги натерал Помпејаните да побараат засолниште на отворено, каде потоа тие биле погодени од пирокластичниот облак.
„Земјата уште трепери од претходниот ден“, напишал Плиниј Помладиот пред околу 2 илјади години во своето послание до Тацит, опишувајќи ја ерупцијата на Везув.
Студијата објавена во Frontiers in Earth Science наведува дека повредите на 2 скелети, пронајдени во Помпеја со тешки фрактури и трауматски повреди, се во согласност со она што би го очекувале по уривање на зградите во градот, предизвикано од серијата земјотреси што се одвивале истовремено со ерупцијата на Везув во 79-та година од новата ера. Уривањето на зградите мошне извесно предизвикало масакр.
„Докажавме дека сеизмиката за време на ерупцијата одиграла значајна улога во уништувањето на Помпеја и, веројатно, влијаела на изборот на Помпјците кои се соочиле со неизбежна смрт“, вели Доменико Спариче, вулканолог во INGV-Osservatorio Vesuviano во Италија, и прв автор на споменатата студија.
Ископувањата во Casa dei Pittori al Lavoro – Дом на сликарите на работа (REGIO IX, 12), во Помпеја, откриле нешто различно во начинот на којшто се урнала оваа зграда. Имено, карактеристиките на руината не се совпаѓале со вулканските ефекти опишани во литературата.
Научниците открија два скелети во урнатините на зграда во Помпеја и заклучија дека нивната смрт мора да била предизвикана од колапс предизвикан од серија силни земјотреси. Фото: Археолошки парк Помпеја
„Најдовме чудни карактеристики што не се во согласност со ефектите на вулканските феномени опишани во вулканолошката литература посветена на Помпеја“, вели коавторот Мауро Ди Вито, вулканолог и директор на INGV-Osservatorio Vesuviano. „Мораше да има поинакво објаснување“.
Истражувачите откриле 2 машки скелета, обата на лица стари околу 50 години. Нивното позиционирање укажува на тоа дека „поединецот 1“ бил ненадејно смачкан од колапсот на голем ѕиден фрагмент, што резултирало со ненадејна смрт. „поединецот 2“ можеби се обидел да се заштити со кружен дрвен предмет, од којшто истражувачите пронашле изгниени траги во вулканските наслаги.
Овие индивидуи биле позиционирани на врвот на лапилите од пемза – мали честички од карпи и пепел кои паѓале врз градот во текот на првата, “Плинијска” фаза од ерупцијата. Благодарение на единственото преживеано писмено сведоштво за ерупцијата, напишано од Плиниј Помладиот, знаеме дека таа започнала околу 13 часот и траела 2 дена. Ерупцијата ги затекнала жителите на Помпеја среде нивните секојдневни активности. Околу 18 часа, лапилите паѓале врз градот, поради што населението барало засолниште. Кога ерупцијата престанала, жителите кои биле убедени дека се безбедни во своите домови, биле изненадени од серија силни земјотреси.
Коавторката на новиот труд, Валерија Аморети, антрополог која ја предводи Лабораторијата за применети истражувања на археолошкиот парк Помпеја, вели: „Луѓето кои не ги напуштиле своите засолништа веројатно биле затекнати од уривањето на зградите, веќе преоптоварени со лава и пепел, кое било предизвикано од земјотрес. Ваква била судбината на двете лица што ги пронајдовме“.
Бројот на жртвите пронајдени во наслагите од пепел укажува дека помислата за бегство, во очај, била земена предвид од многу од жителите на Помпеја, иако не постојат сигурни проценки за бројот на луѓе кои загинале поради вулканската ерупција или во земјотресите.
„Ова ново сценарио за уништувањето на Помпеја разјаснува многу работи во врска со изборот на жителите на градот, принудени одеднаш да одлучат дали да бегаат или да се сокријат, соочени со сигурна смрт, што и да изберат“, заклучува Габриел Цухтригел, директор на Археолошкиот парк Помпеја.