Рубрика: Геологија
Се раѓа нов микроконтинент помеѓу Канада и Гренланд
Објавено на 18.07.2024 - 18:30

Нецелосно расцепен и потопен микроконтинент е препознаен десетици милиони години по тектонските поместувања што го изнедриле. Разбирањето на начинот како микроконтинентите се раѓаат може да помогне во превенцијата од катастрофи за време на земјотреси.

Новопризнатиот микроконтинент постои на границата од тектонската плоча помеѓу Канада и Гренланд, што го формирала Дејвисовиот теснец. Овој теснец ги поврзува Лабрадорското Море и Заливот Бафин.

Научниците идентификуваа парче континентална кора со дебелина од 19 до 24 километри и долга околу 400 километри во океанот крај западниот брег на Гренланд. Парчето беше наречено “прото-микроконтинент од Теснецот Дејвис”. Студијата за формирањето на микроконтинентот е објавена во Gondwana Research.

Геолозите направиле реконструкција на тектонските движења на плочите што довеле до формирање на прото-микроконтинентот. Реконструкцијата опфаќа период од приближно 30 милиони години.

Прото-микроконтинентите се дефинирани од авторите како „поврзани региони на релативно густа континентална литосфера, одделени од големите континенти со зона на потенка континентална литосфера“. Притоа терминот литосфера се однесува на тврдата, карпеста надворешна обвивка на нашата планета. Тие ја исклучуваат можноста дека формацијата претставува уште една релјефна карактеристика на кората, како континентална лента, на пример.

Почетното разидување помеѓу Канада и Гренланд започнало пред околу 118 милиони години. Ширењето на морското дно започнало пред околу 61 милион години, а прекинало пред околу 33 милиони години при што се формирал Теснецот Дејвис.

Шематски приказ на еволуцијата на Лабрадорското Море, Бафинскиот Залив и Теснецот Дејвис во периодот на Палеогенот.

Научниците велат дека во периодот пред околу 58 до 49 милиони години, ширењето на морското дно помеѓу Канада и Гренланд се поместило од правец североисток-југозапад кон север-југ. Ова предизвикало отцепување на прото-микроконтинентот во Теснецот Дејвис. Ова ширење на морското дно престанало кога Гренланд се судрил со островот Елесмер, на север.

Истражувањето може да се искористи за да се разбере како се формираат и другите микроконтиненти ширум светот, вклучувајќи го и микроконтинентот Јан Мајен североисточно од Исланд, Источното Тасманиско издигнување  на југоисток од Тасманија и микроконтинентот Гулден Драак Нол, во близина на брегот на Западна Австралија.

„Подоброто познавање за тоа како се формираат овие микроконтиненти им овозможува на истражувачите да разберат како тектониката на плочите функционира на Земјата, со корисни импликации за ублажување на опасностите од тектонската активност плочите и откривање на нови ресурси“, вели коавторот на студијата д-р Џордан Фетеан од Универзитетот во Дерби, Велика Британија во статија на Phys.org.