„И нилските коњи летаат“. Обидете се ова да им го кажете на вашите пријатели во неврзан разговор и забележете како тие ќе реагираат. Сигурно ќе помислат дека – или се шегувате или сте полуделе. А сепак, иако овие огромни цицачи секако не изведуваат воздушни акробации споредливи со оние на птиците, нивниот начин на трчање вклучува и мали „летови“ – моменти кога тие ги креваат сите четири нозе од земјата истовремено, подвиг што се чини невозможен за животно тешко речиси два тона. Ако не верувате, можеби ќе се предомислите откако ќе ја прочитате студијата што го опишува овој животински подвиг, објавена во PeerJ.
Првиот автор на студијата за која станува збор, Џон Хачинсон, ја опишал како „мошне досадна за спроведување“. Имено, студијата не била реализирана во природно живеалиште на нилските коњи, туку во зоолошката градина лоцирана во Јоркшир, Англија, наречена Фламинго Ленд. Тука, една од студентките на Хачинсон, Емили Прингл, со помош на телекамера со висока резолуција ги снимала локалните жители – нилски коњи, додека тие трчале; овие слики биле интегрирани со други видеа од нилски коњи во трк, што биле пронајдени на YouTube. Студијата потоа вклучуваше (ова е здодевниот дел) анализа на снимката слика по слика, за да открие како овие цицачи ги движат своите нозе за време на нивното трчање.
Истражувачите откриле дека, најчесто, нилските коњи трчаат со синхронизирано движење на десната предна и левата задна нога, по што следи кревање на левата предна и десната задна нога. Овој начин на движење може да се спореди со тркот на слоновите.
Меѓутоа, кога нилските трчаат, особено кога ги бркаат своите ривали, тие се движат во галоп. Во овие моменти, тие истовремено ги креваат сите четири нозе од земјата, „летајќи“. Ова е истиот метод на трчање што го користи уште еден голем цицач – носорогот. „Летот“ на нилските коњи, се вели во студијата, ги држи суспендирани во воздухот 15% од времето што тие го поминуваат во трчање. Хачинсон сега сака да ја повтори студијата со анализа на тркот на нилските коњи додека тие сѐ уште се млади, а со тоа и полесни. Ова би му дало одговор на прашањето дали тогаш нилските коњи летаат уште почесто?