Рубрика: Астрономија и астронаутика
Нов систем во астронаутските костуми што ја трансформира урината во вода
Објавено на 15.07.2024 - 18:30

Систем способен да ја трансформира урината во вода за пиење е развиен и може да се интегрира во оделата на астронаутите: „вселенските прошетки“ ќе бидат подолги и поудобни.

Тим истражувачи од Медицинскиот колеџ Вејл Корнел разви иновативен систем за собирање и филтрирање на урината, сличен со оној што веќе е во функција на Меѓународната вселенска станица, но минијатуризиран до степен за да може да се вметне во скафандерите што ги носат астронаутите при нивните активности надвор од станицата (EVA). Системот, кој потсетува на костумот што го носат Слободњаците т.е. Фремените од најновата филмска итерација на „Дина“, би можел да ги подобри перформансите и удобноста на астронаутите при овој вид активности.

Чуму оваа иновација? Во моментов, за справување со физиолошките потреби при вселенските прошетки астронаутите користат супер апсорбентни пелени (MAG), кои можат да ‘издржат’ до 8 часа. Овој систем си носи бројни проблеми со хигиената и удобноста, од иритација на кожата до инфекции, а секако тука се и намалените перформанси што се должат на рестриктивните диети усвоени пред мисиите. Исто така сегашниот систем за хидратација, со само 950 ml вода, не е доволен за долготрајни “вселенски порошетки”, што го става во опасност здравјето на астронаутите. Па да разгледаме како функционира новиот систем...

Предложениот уред ја собира урината преку надворешен катетер и ја филтрира користејќи процес на директна и инверзна осмоза (Forward osmosis – Reverse osmosis, скратено FO-RO), претворајќи ја во вода за пиење. Овој кружен и одржлив систем ќе ја подобри благосостојбата на астронаутите, обезбедувајќи им соодветна хидратација и намалувајќи ги здравствените ризици.

Уредот за собирање урина (UCD) се состои од флексибилна, удобна облека со силиконска „чаша“ која ја собира урината и ја насочува кон системот за филтрирање. FO-RO системот ги отстранува нечистотиите од урината, создавајќи вода за пиење која се интегрира во системот за хидратација од костимот. Целта е да се нправи поврат на најмалку 87% од водата, а притоа да се потроши помалку од 10% од енергијата на костимот.

Кои се предностите и предизвиците што допрва треба да се надминат за овој ситем да биде применет?

Како што споменавме, новиот систем нуди бројни предности, вклучувајќи поголема хигиена (намалување на ризикот од инфекции и иритации на кожата); подобра хидратација (поголема достапност на вода за пиење при вселенските прошетки); енергетска ефикасност (FO-RO системот троши помалку енергија од традиционалните системи за филтрирање); намалување на трошоците (се намалува потребата за транспорт на вода во вселената, со што би се заштедиле илјадници долари по килограм).

Сепак, сè уште постојат некои предизвици што треба да се решат, како што се оптимизирањето на системот за филтрирање и намалување на димензиите на најголемиот дел од уредот, кој во моментов додава околу 8 килограми на тежината на целиот костум. Истражувачите се уверени дека, со понатамошен развој и тестирање, овој револуционерен систем може да стане реалност за идните вселенски мисии, што ќе ги направи побезбедни и поодржливи.

Функционирањето на системот е опишано во Frontiers in Space Technologies

Клучни зборови: