Денес се навршуваат точно 170 години од раѓањето на еден од најзначајните изумители и визионери на современото доба – Никола Тесла. Најпознат по неговите придонеси во дизајнирањето на современите системи за напојување со наизменична струја, тој зад себе оставил околу 300 патенти за своите пронајдоци, а бил и почесен доктор на петнаесет универзитети во Европа и во Америка. Бил и визионер, хуманист и филозоф, со исклучителна структура на карактерот.
Најважните пронајдоци на Тесла се полифазниот систем, ротирачкото магнетно поле, асинхрониот мотор, синхрониот мотор и Теслиниот трансформатор. Исто така, тој открил начин за генерирање на високофреквентна струја, дал значаен придонес во преносот и модулацијата на радиосигналите, а неговата работа во областа на Х-зраците била исто така значајна. Неговиот систем на наизменична струја го направил преносот на електрична енергија на долги растојанија многу полесен и поефикасен. Тој бил клучна личност во изградбата на првата хидроелектрана кај Нијагарините водопади.
Тесла е роден на 10 јули 1856 година како етнички Србин во селото Смилјан, округот Лика, во Австро-унгарското Царство (денешна Хрватска). Го започнал основното училиште во Смилјан, каде што изучувал германски, аритметика и религија. Во 1862 година, семејството Тесла се преселило во блискиот Госпиќ, каде што таткото на Никола работел како парохиски свештеник. Таму го завршил и основното училиште. Во 1870 година се преселил во Карловац за да посетува средно училиште, кое го завршил за три години, во1873 година. Според неговите кажувања, токму тука, преку својот професор по физика, Тесла се заинтересирал за електричната енергија. Истакнал дека демонстрациите на овој мистериозен феномен го натерале да сака да знае повеќе за оваа прекрасна сила. Набргу по враќањето во родното село, заболел од колера. Лежел во кревет девет месеци и повеќепати бил близу до смртта. Татко му (кој првично сакал Никола да биде свештеник како него), во момент на очај ветил дека ќе го испрати во најдоброто инженерско училиште, ако закрепне од болеста.

Меморијалниот Центар Никола Тесла во неговото родно Смиљане
Во 1875 година, Тесла се запишал на Политехничката школа во Грац, каде што добил стипендија. За време на својата прва година никогаш не пропуштил предавање, добил највисоки можни оценки, положил девет испити (речиси двојно повеќе отколку што се барало), основал српски културен клуб, а дури и деканот на Техничкиот факултет испратил писмо за пофалба до неговиот татко, во кое пишувало: „Вашиот син е ѕвезда од прв ранг.“
За време на втората година од студиите, Тесла дошол во судир со професорот Пешл (Poeschl), кога посочил дека кај Граме динамото (Gramme dynamo) не се потребни комутатори. На крајот на втората година, Тесла ја изгубил стипендијата. Кога дошла испитната сесија за трета година, не бил подготвен и побарал продолжување на студиите, но неговото барање било одбиено. Не добил оценки за последниот семестар на третата година и никогаш не дипломирал на универзитетот. Интересно е што некои од биографите на Тесла споменуваат дури дека бил избркан од универзитетот поради коцкање и бркање жени, но за ова баш и нема некои цврсти докази.
Како и да е, во декември 1878 година, го напуштил Грац и ги прекинал сите односи со семејството за да го скрие фактот дека го напуштил факултетот. Се преселил во Марибор каде работел извесно време. Во март 1879 година, таткото на Тесла отишол во Марибор за да го моли својот син да се врати дома, но тој одбил. Некаде во овој период Никола доживеал и нервен слом. На 24 март 1879 година, Тесла бил вратен во Госпиќ со полициска придружба, поради тоа што немал дозвола за престој. Истата таа година починал и татко му, па Тесла морал да работи како предавач во своето старо училиште во Госпиќ.
Двајца чичковци на Тесла собрале доволно пари за да му помогнат да го напушти Госпиќ и да оди во Прага, за да продолжи да студира (1880) на Карловиот универзитет. Но, пристигнал предоцна за да се запише. Исто така, Тесла никогаш не учел грчки јазик, кој бил задолжителен предмет, а не го знаел и правописот на чешкиот јазик. Она што се знае е дека тука најверојатно бил присутен и ги слушал предавањата од физика и електротехника.
Во 1881 година, Тесла се преселил во Будимпешта, Унгарија, за да работи во телеграфската компанија „Телефонска размена Будимпешта“. Му била доделена главната позиција на електричар. За време на неговото вработување, направил многу подобрувања во опремата на централната станица и тврдел дека го усовршил телефонскиот репетитор односно засилувач, кој никогаш не бил патентиран, ниту јавно опишан.
Наскоро добил друга работа во Париз (1882) во компанијата Континентал Едисон. Започнал да работи во тогашната нова индустрија, задолжена за инсталирање системи за осветлување. Во овој период се стекнал со големо практично искуство во електротехниката. Менаџментот го забележал неговото напредно знаење во областа на инженерството и физиката и наскоро го насочил кон дизајнирање и градба на подобри верзии на динама и мотори. Исто така, го испраќале да ги реши инженерските проблеми во другите подружници на команијата Едисон што се граделе низ Франција и Германија.
Во 1884 година, менаџерот на Едисон, Чарлс Бачелор (Charles Batchelor), кој ја надгледувал инсталацијата во Париз, бил вратен во САД за да раководи со Edison Machine Works, (производствена единица во Њујорк) и побарал од Тесла да дојде со него. Така, во јуни 1884 година, Тесла емигрирал во САД. Како и во Париз, Тесла работел во компанијата на Едисон на проблеми врзани со инсталациите и подобрувањето на генераторите. Но, не останал долго време.
Мошне бргу по напуштањето на компанијата, започнал со самостојна работа, работејќи на патентирање на лачен систем за осветлување, најверојатно истиот оној што го развивал кај Едисон. Со помош на партнерите кои се согласиле да финансираат компанија за производство на комунална опрема за осветлување со лак, Тесла основал компанија за електрично осветлување и производство (Tesla Electric Light & Manufacturing). Во текот на остатокот од годината работел на добивање на патенти – првите патенти издадени на негово име во САД, но и на градба и инсталација на системот во Њу Џерси.

Нашиот теслин трансформатор во акција – проект во ЕМИТЕР 4/2006
Новиот систем на Тесла добил позитивни коментари во техничкиот печат, при што биле истакнувани неговите напредни карактеристики. Откако комуналните услуги успешно биле пуштени во употреба во 1886 година, партнерите формирале нова компанија, напуштајќи ја компанијата на Тесла. Тесла дури изгубил и контрола над патентите што ги создал, бидејќи ги доделил на компанијата во замена за акции. Во тој период морал да работи разни електричарски работи за поправки, па дури и како копач на ровови за 2 долари на ден. Подоцна во животот, Тесла се сеќава на тој дел од 1886 година како на време на мака, пишувајќи: „Моето високо образование во разни гранки на науката, механиката и литературата ми се чинеше како подбив.“
Во 1887 година, Тесла развил индукционен мотор што работи на наизменична струја (Alternating current - AC), формат на електроенергетскиот систем, кој заради неговите предности во долгиот високонапонски пренос, брзо се раширил во Европа и САД. Моторот користел полифазна струја, што создава ротирачко магнетно поле за да го врти роторот (принцип за кој Тесла тврдел дека го замислил во 1882 година). Овој иновативен електричен мотор, патентиран во мај 1888 година, бил со едноставен, самостоен дизајн на кој не му требало комутатор. Со тоа се избегнува искрењето и скапото одржување поради постојано сервисирање и механичката замена на четкичките. Неговиот наизменичен (AC) индукциски мотор и сродните полифазни AC патенти, лиценцирани од „Вестингхаус електрик“ во 1888 година, му донеле значителна сума пари и станале камен-темелник на полифазниот систем што таа компанија го продавала. Тоа било навистина плодна година за Тесла, во прв ред, поради комплетниот двофазен систем за дистрибуција на електрична енергија, заедно со системот на трансформатори кои дозволуваат многу мали загуби при преносот на далечина.
Обидувајќи се да развие пронајдоци што ќе може да ги патентира и да ги пласира на пазарот, Тесла спровел низа експерименти со механички осцилатори / генератори, електрични цевки со празнење, рендгенска и радарска технологија. Изработил и безжично управуван чамец, еден од првите изложени дотогаш. Станал добро познат како пронаоѓач и им ги покажувал своите достигнувања на познати личности и богати покровители во својата лабораторија, а биле забележани и неговите јавни предавања.


Прва јавна демонстрација на радиото на Тесла и демонстрација за безжичен пренос на електрична енергија
На 30 јули 1891 година, на возраст од 35 години, Тесла станал натурализиран граѓанин на САД. Во истата година го патентирал Теслиниот трансформатор.
Во текот на 1890-тите, Тесла ги продолжил истражувањата врзани со неговите идеи за безжично осветлување и безжична дистрибуција на електрична енергија во светот, експериментите со висок напон и со висока фреквенција на напојување во лабораториите во Њујорк, а подоцна и во Колорадо Спрингс.

Демонстрација на високофреквентните струи со висок напон во лабораторијата во Колорадо Спрингс
Од 1893 до 1895 година, Тесла истражувал во доменот на високофреквентни наизменични струи. Тој успеал да произведе наизменична струја од милион волти користејќи го Теслиниот трансформатор и го проучувал површинскиот ефект на високите фреквенции во спроводливи материјали. Се занимавал со синхронизација на електричните кола и резонаторите, развојот на светилка со разреден гас што свети без жици, безжичниот пренос на електрична енергија и првиот пренос на радиобранови.
Во 1893 година, ја навестил можноста за безжична комуникација со неговите уреди. Имено истата година во Сент Луис во 1893 година, пред публика од 6000 луѓе, Тесла презентирал многу експерименти на привлечен начин, вклучително и пренос сличен на радио комуникацијата.
Обраќајќи се пред Институтот Франклин во Филаделфија и Националното здружение за електрично осветлување, тој ги опишал и демонстрирал своите принципи детално. Демонстрациите на Тесла привлекле голем интерес и биле внимателно следени.
Светската меѓународна изложба во Чикаго во 1893 година за прв пат посвети цела сала на електрични пронајдоци. Тоа беше историски настан бидејќи Тесла и Вестингхаус го демонстрираа својот систем на наизменична струја на посетителите, осветлувајќи ја целата изложба. На изложбата биле изложени флуоресцентните и едножичните светилки на Тесла. Тесла ги објаснил принципите на ротирачкото магнетно поле и индукцискиот мотор, предизвикувајќи восхит при демонстрацијата на ротацијата на бакарно јајце кое, инспириран од легендата за Колумбовото јајце, го поставил да стои исправено на неговиот врв. Ова било искористено за да се објасни и прикаже моделот на ротирачкото магнетно поле и индукцискиот мотор.
Во февруари 1894 година објавена е првата книга за Тесла, „Откритија, истражувања и пишани дела на Никола Тесла“. Книгата наскоро бива преведена на српски и на германски јазик. Голем удар врз истражувањето се случил на 13 март 1895 година, кога избувнал голем пожар во лабораторијата на адресата Јужна Петта Авенија бр. 35, уништувајќи околу 400 електрични мотори, електрични и механички осцилатори, трансформатори, многу оригинални дизајни и ракописот на речиси завршената книга „Приказната за 1001 индукциски мотор“.
Сепак, ова беше време на извонредната креативност и отпорност на Тесла. На 15 март, тој основа компанија наречена Никола Тесла и ја продолжил својата работа. Кон крајот на 1880-тите, Тесла и Томас Едисон стануваат соперници, поради потрагата на Едисон кон систем за дистрибуција на електрична енергија со еднонасочна струја (DC) и покрај поефикасниот систем на наизменична струја (AC) на Тесла. Како резултат на ова се случува т.н. Војна на струите. Имено, во раните денови на преносот на електрична енергија, еднонасочната струја била стандард во Соединетите Американски Држави и во Европа. Сепак, таа можела да се пренесува само на кратки растојанија, поради што имала потреба од обемна и скапа инфраструктура. Вестингхаус ги собрал најдобрите електроинженери од своето време во својата компанија, „Вестингхаус електрик енд мануфактуринг компани“, и започнал пазарна конкуренција нагласувајќи ги предностите на наизменичната струја и полифазните системи на Тесла. Едисон се обидел да ја прикаже наизменичната струја како небезбедна и опасна по живот. Ова се обидел да го докаже со јавно погубување животни со наизменична струја, при што демонстрирал дека еднонасочната струја е наводно целосно безбедна за човечкото тело. Низата егзекуции на животни од страна на Едисон кулминирала со егзекуцијата на слоницата Топси.
Наизменичната струја со ниска фреквенција (50–60 Hz) навистина е поопасна од слично ниво на еднонасочна струја, бидејќи наизменичните осцилации можат да го нарушат ритамот на срцето, предизвикувајќи вентрикуларна фибрилација, што може брзо да доведе до смрт. Сепак, секој практичен дистрибутивен систем ќе користи ниво на напон кое е доволно за да се обезбеди сигурна заштита од проток на опасните струи, без оглед на тоа дали се користи наизменична или еднонасочна струја. Бидејќи мерките на претпазливост против смрт од електричен удар биле слични, придобивките од пренесување на енергија преку систем на наизменична струја на крајот го надминале овој теоретски ризик, па конечно овој систем е усвоен како стандард.
.jpg)
Споменик на Никола Тесла во Канада непосредно до Нијагарините водопади во близина на хидроелектричната централа за наизменична струја
Некаде во овој период експертите предлагаат искористување на Нијагарините водопади за производство на електрична енергија. Наспроти предлозите од Едисон и Џенерал Електрик, договорот од страна на Комисијата бил доделен на системот на наизменична струја на Тесла. Со комисијата ја претседавал Лорд Келвин, а била поддржана од бизнисмени како Џ. П. Морган, Лорд Ротшилд и Џон Џејкоб Астор IV. Работата на електричната централа за ползување на енергијата од Нијагарините водопади започнала во 1893 година.
Иако постоеле сомнежи дека системот ќе произведе доволно енергија за снабдување на индустријата во оближниот Бафало, Тесла бил уверен дека системот ќе функционира, тврдејќи дека Нијагарините водопади имаат капацитет да го снабдуваат целиот источен дел на САД. На 16 ноември 1896 година, започнал преносот на електрична енергија од Нијагарините водопади до индустријата во Бафало. Генераторите беа изработени од корпорацијата Вестингхаус Електрик користејќи ги патентите на Тесла за системи на наизменична струја. На табличките со имиња на генераторите стои името на Тесла. Тесла, исто така, го воспоставил и стандардот од 60 Hz за Северна Америка. Целата електрана е завршена во рок од пет години.
Пуштањето во оптек на електраната на Нијагарините водопади го означува крајот на планот за пренос на енергија на Едисон и претставува пресвртница во прифаќањето на наизменичната струја. Наизменичната струја на Тесла ја заменила еднонасочната струја во многу случаи на производство и дистрибуција на електрична енергија, енормно зголемувајќи го опсегот и подобрувајќи ја безбедноста и ефикасноста на дистрибуцијата на енергија. Едисоновите пронајдоци што користеле еднонасочна струја набтргу се заменети со уреди за наизменична струја предложени од други. На крајот, компанијата на Едисон, Џенерал Електрик, исто така се префрлила на наизменична струја и започнала да произведува машини за наизменична струја.
Томас Едисон и Џорџ Вестингхаус на крајот од војната на струите излегуваат речиси банкротирани. Во 1897 година Тесла го раскинал договорот со Вестингхаус, со што го ослободил од плаќање на авторските права кон него.
Таа 1897 година, Тесла спровел радио експерименти што го упатиле кон истражувања за космичките зраци.
Кога имал 41 година, Тесла го поднел својот прв патент, бр. 645.576, во областа на радиото. Една година подоцна, тој ѝ прикажал на американската армија модел на радио-контролиран брод, верувајќи дека војската можеби е заинтересирана за радио-контролирани торпеда. Во тоа време, тој зборувал и за развој на „уметноста на телематика“, еден вид роботика. Радиоконтролиран брод бил јавно демонстриран во 1898 година на Електро-саемот во Медисон Сквер Гарден. Само една година подоцна, во Чикаго тој демонстрирал и брод кој бил способен за нурнување. Овие уреди содржеле иновативен резонантен приемник и серија логички кола. Далечинскиот радиоуправувач останал новина до Втората светска војна. Истата година, Тесла измислил електричен запалувач односно свеќичка за бензински мотори со внатрешно согорување, за што му бил доделен патентот 609.250, насловен како „Електричен запалувач за бензински мотори“.
Тесла се обидел да ги примени овие идеи во практиката, во својот недовршен проект Кулата Варденклиф (Wardenclyffe Tower) – интерконтинентална безжична комуникација и предавател на моќност. До јули 1901 година, Тесла ги проширил своите планови да изгради помоќен предавател за да го прескокне радиосистемот на Маркони, за кој сметал дека е копија на неговиот сопствен. Упорно барал повеќе средства од финансиерот на проектот Морган, но тој одбил да обезбеди дополнителни средства. Во декември 1901 година, Маркони со успешната демонстрација на неговиот систем ги привлекол инвеститорите на Волстрит да ги даваат своите пари во системот на Маркони, а некои во печатот почнале да пишуваат против проектот на Тесла, тврдејќи дека станува збор за измама. Финансирањето на проектот било прекинато пред Тесла да може да го заврши. По ова, експериментирал со низа пронајдоци во 1910-тите и 1920-тите, со различни степени на успех.
Трошејќи поголем дел од своите пари, Тесла живеел во разни хотели во Њујорк, оставајќи ги зад себе неплатените сметки. На 7 јануари 1943 година, на 86-годишна возраст, починал сам во собата 3327 од хотелот Њујоркер. Неговото тело подоцна го пронашла собарката, откако влегла во собата на Тесла, игнорирајќи го знакот „не вознемирувај“ што Тесла го поставил на својата врата два дена порано.
Два дена подоцна, Федералното биро за истраги (FBI) му наложило на Џон Г. Трамп (John G. Trump), професор на М.И.Т. и познат електроинженер што бил технички експерт во Националниот комитет за истражување на одбраната, да ги анализира предметите на Тесла, кои биле задржани. По тридневната истрага, во извештајот на Трамп бил наведен заклучок дека нема ништо што би претставувало опасност за безбедноста на САД ако паднат во непријателски раце. Според него: „Мислите и напорите на Тесла во последните 15 години беа првенствено на шпекулативен, филозофски и малку промотивен карактер, кој честопати се однесуваше на производство и безжично пренесување на енергија; но не вклучува нови, валидни, применливи принципи или методи за реализација на ваквите резултати.“
На 10 јануари 1943 година, градоначалникот на Њујорк, Фјорело Ла Гвардија, прочитал проштална реч, напишана од словенечко-американскиот автор Луис Адамиќ, во живо, преку радио WNYC, додека во заднина се слушале виолински сегменти од Аве Марија и Тамо далеко. На 12 јануари, две илјади лица присуствувале на државниот погреб за Тесла во Соборниот храм Свети Јован Богослов во Менхетен. По погребот, телото на Тесла било однесено на гробиштата Фернклиф во Ардсли, Њујорк, каде што подоцна било кремирано.
Во 1952 година, под притисок на внукот од сестра на Тесла, Сава Косановиќ (кој бил југословенски дипломат во Вашингтон по Втората светска војна), целиот имот на Тесла бил испратен во Белград. Во 1957 година, била транспортирана и урната со пепелта на Тесла, од САД во Белград. Пепелта е сместена во позлатена сфера, на мермерен постамент во Mузејот Никола Тесла во Белград.
Делото на Тесла паднало во релативен заборав по неговата смрт, сè до 1960 година, кога Генералната конференција за тежини и мерки ја именувала SI единицата за магнетна индукција Тесла, во негова чест.
Досега, на страниците на Емитер читателите многупати можеа да се запознаат со Никола Тесла и со неговите дела преку написите од нашите соработници, како на пример: Никола Тесла - Пронаоѓач од соништата (2/2006), Тесла и неговите ривали (9/2006), Големиот визионер и изумител Никола Тесла (12/2006), Неверојатниот Тесла (1): 120 години од првата јавна презентација на радиопренос (3/2013), Неверојатниот Тесла (2): 125 години превласт на Теслиниот систем на полифазни струи (7-8/2013), "Чудни факти за најголемиот иноватор на сите времиња", "Никола Тесла – човекот од иднината", "Пронајдок на Никола Тесла стар еден век може да има современа примена", “165 години од раѓањето на големиот Никола Тесла”... Уште повеќе, со помош на нашите упатства можеа и сами да го изработат популарниот Теслин трансформатор за генерирање високофреквентни и високонапонски електрични осцилации и молњи (Емитер 3/2006, 4/2006, 7-8/2007).
Создателот на современата електротехника, телекомуникации и роботика имал огромна верба во моќта на логиката и техниката. Тој во себе носел и просветителско убедување дека со напредокот и знаењето човекот незадржливо се движи кон благосостојба, материјална и духовна.Сепак, најголемата вредност на Никола Тесла е што успеал во тоа време да ги убеди луѓето во реалноста на својот сон за доброто на човештвото. Еве неколку негови мисли што ја потврдуваат неговата хуманост и космополитизам:
– Човекот не треба да се понижува, треба да се велича неговата моќ над природата
– Развојот на човештвото е витално зависно од науката
– Треба да се земе енергијата од земјата, да се крене и воздигне до непроценливи големини, а во исто време да биде достапна и од корист на секој поединец.
– Мракот може да го победи само светлината на науката.
– Нашите убави особини и мани се неразделни, како силата и материјата, ако се раздвојат човекот нема да постои.
– Мирот може да биде само природна последица на спојување на расите и државите.
– Патриотизмот треба да биде еден, како и религијата.
– Нема повеќе раси, има една во повеќе бои.
Популаризација на Никола Тесла е најмалку што можеме да направиме, за сето она што тој го направил за нас.