Рубрика: Омнибус
165 години од раѓањето на големиот Никола Тесла
Автори: Калина С. Андонова, Невенка Стојановска
Објавено на 10.07.2021 - 14:45

Научната дејност на визионерот и изумител Никола Тесла е во најголем дел позната, општопризнаена и славена. Тој оставил зад себе околу седумстотини пронајдоци и откритија. Почесен доктор е на петнаесет универзитети во Европа и Америка. Бил и визионер, хуманист и филозоф, со исклучителна структура на карактерот.

Роден е на 10 јули 1856 година во селото Смиљан кај хрватски Госпиќ, како син на Јука Мандиќ и Милутин Тесла. Од мајка му ја наследил склоноста кон изумителството, фантазијата и философијата, а од татко му големата љубов кон читањето и големата семејна библиотека. Затоа Никола Тесла покрај електротехниката добро ја познавал и светската литература и философијата. Освен со научна работа се занимавал и со преведување. Во најголемата библиотека во Чикаго се наоѓаат мноштво негови преводи, меѓу кои и песни за деца од Јован Јовановиќ Змај.

Меморијалниот Центар Никола Тесла во неговото родно Смиљане

Неговото монументално научно дело е познато, признато и високо ценето во светски размери. Тој е еден од најголемите изумители, физичари, машински и електротехнички инженери. Неговите пронајдоци се епохални и без нив животот денес би бил многу сиромашен и во мрак.

Не жалам што ми ги украдоа моите идеи, жалам што немаат свои” рекол Тесла кој на светот му оставил повеќе од седумстотини пронајдоци. Не е докажано, но се смета дека уште толку му биле украдени од неговите современици. Борбата меѓу Тесла и Едисон од медиумите била наречена војна на струите – Едисон се залагал за еднонасочна, а Тесла употреба за наизменична струја. Едисон бил еден од неговите најголеми противници, па Тесла дури одбил да ја прими Нобеловата награда за физика бидејќи требало да ја дели со Едисон.

За неговите епохални пронајдоци во доменот на електротехниката досега се пишувало многу и многу се знае, но за неговата структура како личност и интересен човек, се знае мошне малку и недоволно веродостојно. Личноста на Никола Тесла и денес е енигматична, обвиткана со превез на тајни. Неспорни се неговата развиена фантазија, интровертноста, љубопитноста, рационализмот, аскетизамот. Тесла уште во раното детство покажал особена моќ на имагинацијата, благодарејќи на којашто во својот ум ги развивал голем број од експериментите без правење на нацрти и без употреба на лабораториски инструменти. Најголемата и најгрижливо негувана страст на Тесла била страста за изнаоѓање непознати принципи, закони и неистражени појави. Најголема радост овој воздржан и дисциплиниран човек наоѓал во истражувањето и откривањето.

Мислам дека не постои восхитување кое може да помине низ човечката душа слично на она што научникот го чувствува кога ќе види дека творбата на неговиот мозок се претвора во успех. Таквите чувства го тераат човек да заборави на храна, сон, пријатели, љубов, на сè”.

Големиот научник со силата на железната волја успеал својата енергија да ја насочи кон една единствена цел – творечката работа. Аскетизмот на Тесла е видлив во неговиот однос кон жените. Тој како да ја избришал секоја друга љубов, освен љубовта кон неговата мајка и науката.

Во едно интервју на прашањето “Дали научниците и уметниците треба да се женат?” Тесла одговорил: “Уметникот да, музичарот да, научникот не. Првите двајца мора да добиваат инспирација за фините достигнувања до кои можат да дојдат само водени од љубовта, но природата на научникот е толку дивa и страстнa по себе, така што предавајќи и се на жената би дал сè, и ништо не би му останало за избраното поле на истражување. Не верувам дека можете да наведете многу научници што биле среќно оженети.” Притоа не негирал дека и научникот понекогаш се чувствува многу осамен. Така и починал, сам во хотелска соба на 7. јануари 1943 година.

Овој голем рационалист имал склоност кон мистичните и култни појави кои биле длабоко потиснати во него. Под неговата скромност и аскетизам се кријат елементи на нарцисоидност што се видливи на неговите впечатливи фотографии. Тие се секогаш ефектни и сензационални, веројатно сакајќи со тоа да ја фасцинира јавноста, што во никој случај не ја намалува неговата големина и големината на неговото дело. Факт е дека Никола Тесла имал и фобии – претеран страв од нечистотија, претерана уредност, тврдоглавост, аверзија кон накит и коса и др. Сето ова не значи дека бил невротичен. Неврозата по дефиниција поразбира слабост на функцијата на егото, неспособност на мисловна концентрација, проблем во одлучувањето. Големиот научник имал огромна енергија и исклучително плодна научна дејност.

Создателот на современата електротехника, телекомуникации и роботика имал огромна верба во моќта на логиката и техниката. Тој во себе носел и просветителско убедување дека со напредокот и знаењето човекот незадржливо се движи кон благосостојба, материјална и духовна.Сепак, најголемата вредност на Никола Тесла е што успеал во тоа време да ги убеди луѓето во реалноста на својот сон за доброто на човештвото. Еве неколку негови мисли што ја потврдуваат неговата хуманост и космополитизам:

– Човекот не треба да се понижува, треба да се велича неговата моќ над природата

– Развојот на човештвото е витално зависно од науката

– Треба да се земе енергијата од земјата, да се крене и воздигне до непроценливи големини, а во исто време да биде достапна и од корист на секој поединец.

– Мракот може да го победи само светлината на науката.

– Нашите убави особини и мани се неразделни, како силата и материјата, ако се раздвојат човекот нема да постои.

– Мирот може да биде само природна последица на спојување на расите и државите.

– Патриотизмот треба да биде еден, како и религијата.

– Нема повеќе раси, има една во повеќе бои.

Повеќе за животот на Тесла и неговите пронајдоци може да прочитате воЕмитер 9/2006 – "Тесла и неговите ривали", Емитер 2/2006 – "Никола Тесла – Пронаоѓач од соништата", Емитер 4/2006 – "Направи сам: "Електронски" Теслин трансформатор", Емитер 3/2013 – "Неверојатниот Тесла (1): 120 години од првата јавна презентација на радиопренос", Емитер 7-8/2013 – "Неверојатниот Тесла (2): 125 години превласт на Теслиниот систем на полифазни струи", "Чудни факти за најголемиот иноватор на сите времиња", "Никола Тесла – човекот од иднината", "Пронајдок на Никола Тесла стар еден век може да има современа примена"

Клучни зборови:
Меморијалниот Центар Никола Тесла во неговото родно Смиљане

Меморијалниот Центар Никола Тесла во неговото родно Смиљане