Рубрика: Омнибус
Чудни факти за најголемиот иноватор на сите времиња
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 10.07.2014 - 19:00

Никола Тесла денес се смета за еден од најголемите пронаоѓачи во историјата. Овој смел, но и ексцентричен научник, пионер во многу области на електричната енергија, и ден-денес е предмет на многу истражувања на неговиот живот и дело.

На 10. јули 2014 година се навршуваат 158 години од раѓањето на Никола Тесла во Смиљан, Лика. Татко му Милутин бил свештено лице и имал голема библиотека. Мајка му Георгина била домаќинка и од неа наследил да биде сонувач со отворени очи. Тесла школувањето го почнал во родниот Смиљан, а учел во Госпиќ и Карловец, студирал во Грац и Прага, но студиите никогаш не ги завршил. Европа ја напуштил во 1884 година со надеж дека во Њујорк, тогаш прочуениот пронаоѓач и индустријалец Томас Алва Едисон, во чија фирма работел во Париз, ќе му помогне да ги реализира своите технички иновации. Во 1885 година, во Њујорк основал компанија “Тесла”, кадешто почнал да произведува уреди што користат наизменична струја - иновација којашто го преобрази светот. На Едисон тоа не му се допаднало затоа што тој вложил огромен капитал во уреди на еднонасочна струја. Од ова потекнуваат неговата нетрпеливост кон Тесла и нападите врз неговите изуми.

За да го одбележат што подобро овој настан, голем број научници, новинари и поклоници на овој генијален човек се враќаат назад низ годините кога тој работел и живеел. Интересен е и феноменот што толку години по неговата смрт жива е и научната дебата што постојано се разгорува - за тоа кој треба да биде крунисан за најголем иноватор на сите времиња: Никола Тесла или Томас Едисон. Како и да е, по повод 158-годишнината од раѓањето на Тесла, многумина се во потрага по нови факти за што поавтентично да го запознаат светот со неговата личност и неговите изуми. Списанието “Популарна механика”, коешто постои од јануари 1902 година и денес има девет меѓународни изданија со милионска читателска публика, во 2010 година објави посебна статија под наслов “108 години од футуризмот”, со предвидувањата на Тесла, меѓу кои и оние за безжичниот пренос на електрична енергија и за преносни уреди што ќе праќаат пораки со кои луѓето ќе комуницираат на далечина. Посветеноста на “Популарна механика” на Никола Тесла се должи и на тоа што токму во ова списание тој своевремено објавувал свои написи. Сет Порџ, уредник на списанието, во таа пригода напиша: “Никола Тесла можел да предвиди изуми што ќе се случат по сто години. Неговата најголема пасија, безжичниот пренос на енергија, денес се истражува во лабораториите на престижниот универзитет MIT, во корпорацијата “Интел” и во многу истражувачки центри низ целиот свет."

Иако Тесла има 112 патенти регистрирани за време на неговиот живот во САД, починал без скршена пара и во релативна анонимност на 7. јануари 1943 година, на возраст од 86 години, во соба број 3327 во хотелот "Њујоркер". Урна со пепелта на Тесла најнапред се чувала на њујоршките гробишта, а 1951-ва година пренесена е во Белград, кадешто се чува и во Музејот “Никола Тесла” кој се наоѓа на Кунска улица. Покрај многубројните негови изуми за кои некои сметаат дека се многу позначајни од сите изуми што се пронајдени за сите години по неговата смрт имал и некои чудни идеи и нерационални размислувања и експерименти со кои бил опседнат. Неговите екстремни идеи, меѓу кои е и создавање на “пиштол на честички” или “смртоносен зрак”, му донеле углед на личност која се наоѓа некаде на средина помеѓу творечки гениј и луд научник. Еве уште некои чудни факти за таткото на електричната енергија:

• Тесла бил висок 188 см, а тежок бил 64 кг, и таа тежина ја имал од 1888 до 1926 година!

• Тесла ретко спиел. Тој за себе тврдел дека никогаш не спие повеќе од 2 часа, а му се случувало да работи и цели 84 часа без одмор. Ова тврдење е поместено во книгата “Блудниот гениј: Животот на Никола Тесла” (Prodigal Genius: The Life of Nikola Tesla) од Џон О'Нил (John O'Neil).

• Како релативно стар во времето кога се населил во хотелот во којшто и починал сосема сам, имал обичај да шета по њујоршките паркови и да спасува повредени гулаби, коишто потоа ги негувал, и кога ќе оздравеле ги пуштал на слобода. Во врска со ова негово хоби, тој го замолил готвачот од хотелот да приготвува посебен микс од семиња со кои ги хранел настраданите гулаби. Тесла бил уверен дека рецептот еден ден ќе го продаде да се произведува и дека со него ќе заработи многу пари.

• Тесла бил вегетаријанец. На крајот од животот се ограничил на диета од само млеко, мед, леб и зеленчукови сокови. Ова го тврди Мар Зајфер (Marc Seifer), автор на книгата "Волшебникот: животот и времето на Никола Тесла" ("Wizard: The Life and Times of Nikola Tesla"). Подоцна во животот, Тесла бил обземен од екстремна аверзија кон бактериите и јадел само храна којашто била варена. • Според некои истражувања, Тесла особено мразел бисери, а се плашел да допре коса, особено женска.

• Според Маргарет Чејни (Margaret Cheney), автор на книгата “Тесла: човек надвор од времето” (Tesla: Man Out of Time), Тесла наводно имал фотографска меморија и можел да запамети цели книги. Ваквата меморија била резултат на тоа што тој постојано ги стимулирал мозочните клетки масирајќи ги прстите на нозете, понекогаш и 100 пати во ноќта на секоја нога!

• Во САД досега се подигнати 4 споменици на Тесла. Првиот споменик е подигнат на Нијагарините водопади 1976 година; во Њујорк, на Менхетен, во портата на црквата “Свети Сава” има биста; споменик на Тесла има и пред лабораторијата во Шорхем (Shorham) во Њујорк и четвртиот се наоѓа во Силиконската долина во центарот на градот Пало Алто.

• Во Македонија споменик на Никола Тесла има пред Факултетот за електротехника и информатички технологии во Скопје.

Постојат уште многу интересни нешта за Никола Тесла и за нив може да прочитате и во неколкуте објавени написи во поранешните броеви на ЕМИТЕР (2/06, 9/06, 12/06, 3/13 и 7-8/13). Ако ги немате побарајте ги во нашата е-продавница тука