Никола Тесла бил еден од најзначајните изумители, визионер кој е најпознат по неговите придонеси во дизајнирањето на современите системи за напојување со наизменична струја и по Теслиниот калем. Зад себе оставил околу 300 патенти во целиот свет за своите пронајдоци. Бил почесен доктор на петнаесет универзитети во Европа и во Америка. Роден е на денешен ден и ова е добра пригода да се потсетиме на неговиот живот и дело.
Тесла е роден на 10 јули 1856 година како етнички Србин во селото Смилјан, округот Лика, во Австро-унгарското Царство (денешна Хрватска). Го започнал основното училиште во Смилјан, каде што изучувал германски, аритметика и религија. Во 1862 година, семејството Тесла се преселило во блискиот Госпиќ, каде што таткото на Никола работел како парохиски свештеник. Таму го завршил и основното училиште. Во 1870 година се преселил во Карловац за да посетува средно училиште. Училиштето го завршил за три години, во1873 година. Подоцна Тесла напишал дека се заинтересирал за електричната енергија преку својот професор по физика. Истакнал дека „овие демонстрации на овој мистериозен феномен го натерале да сака да знае повеќе за оваа прекрасна сила“. Набргу по враќањето во родното село, заболел од колера. Лежел во кревет девет месеци и повеќепати бил близу до смрт. Татко му (кој првично сакал Никола да биде свештеник како него), во момент на очај ветил дека ќе го испрати во најдоброто инженерско училиште, ако закрепне од болеста.
Во 1875 година, Тесла се запишал на Политехниката во Грац, каде што добил стипендија. За време на својата прва година, никогаш не пропуштил предавање, добил највисоки можни оценки, положил девет испити (речиси двојно повеќе отколку што се барало), основал српски културен клуб, па дури и деканот на Техничкиот факултет испратил писмо за пофалба до неговиот татко, во кое пишувало: „Вашиот син е ѕвезда од прв ранг.“ За време на втората година од студиите, Тесла дошол во судир со професорот Пешл (Poeschl), околу Gramme динамото (Gramme dynamo), кога Тесла посочил дека не се потребни комутатори. На крајот на втората година, Тесла ја изгубил стипендијата и станал зависник од коцкање. Кога дошла испитната сесија за трета година, не бил подготвен и побарал продолжување на студиите, но неговото барање било одбиено. Не добил оценки за последниот семестар на третата година и никогаш не дипломирал на универзитетот. Во декември 1878 година, го напуштил Грац и ги прекинал сите односи со семејството за да го скрие фактот дека го напуштил факултетот. Се преселил во Марибор, каде што работел извесно време. Во март 1879 година, таткото на Тесла отишол во Марибор за да го моли својот син да се врати дома, но тој одбил. Никола доживеал нервен слом во исто време. На 24 март 1879 година, Тесла бил вратен во Госпиќ со полициска придружба, поради тоа што немал дозвола за престој. Во текот на таа година починал и татко му, па Тесла морал да работи како предавач во своето старо училиште во Госпиќ
Двајца чичковци на Тесла собрале доволно пари за да му помогнат да го напушти Госпиќ и да оди во Прага, за да продолжи да студира (1880). Пристигнал предоцна за да се запише на универзитетот Чарлс-Фердинанд; тој никогаш не учел грчки јазик, кој бил задолжителен предмет; и бил неписмен за чешки јазик, друг неопходен предмет.
Во 1881 година, Тесла се преселил во Будимпешта, Унгарија, за да работи во телеграфската компанија „Будимпешта телефонска размена“. Му била доделена главната позиција за електричар. За време на неговото вработување, направил многу подобрувања во опремата на централната станица и тврдел дека усовршил телефонски репетитор или засилувач, кој никогаш не бил патентиран, ниту јавно опишан.
Наскоро добил друга работа во Париз (1882) во компанијата Континентал Едисон. Започнал да работи во тогашната нова индустрија, задолжена за инсталирање системи за осветлување. Во овој период се стекнал со големо практично искуство во електротехниката. Менаџментот го забележал неговото напредно знаење во областа на инженерството и физиката и наскоро го насочил на дизајнирање и градење подобри верзии на динама и мотори. Исто така, го испраќале да ги реши инженерските проблеми во другите единици на Едисон што се граделе низ Франција и Германија.
Во 1884 година, менаџерот на Едисон, Чарлс Бачелор (Charles Batchelor), кој ја надгледувал инсталацијата во Париз, бил вратен во САД за да раководи со Edison Machine Works, (производствена единица во Њујорк) и побарал Тесла да дојде со него. Во јуни 1884 година, Тесла емигрирал во САД. Како и во Париз, работел на проблеми на инсталации и подобрување на генератори. Кратко време работел во компанијата на Едисон пред да започне самостојна работа. Наскоро по напуштањето на компанијата, работел на патентирање на лачен систем за осветлување, најверојатно оној што го развивал кај Едисон. Со помош на партнерите кои се согласиле да финансираат компанија за производство на комунална опрема за осветлување со лак, во име на Тесла, основал компанија за електрично осветлување и производство (Tesla Electric Light & Manufacturing). Во текот на остатокот од годината работел на добивање на патентите, првите патенти издадени на негово име во САД, и на градење и инсталирање на системот во Њу Џерси. Новиот систем на Тесла добил позитивни коментари во техничкиот печат, кои ги истакнувале неговите напредни карактеристики. Откако комуналните услуги биле ставени во функција и работеле во 1886 година, партнерите формирале нова компанија, напуштајќи ја компанијата на Тесла. Тесла дури изгубил и контрола над патентите што ги создал, бидејќи ги доделил на компанијата во замена за акции. Во тој период морал да работи разни електричарски работи за поправки и како копач на ровови за 2 долари на ден. Подоцна во животот, Тесла го раскажал тој дел од 1886 година како време на мака, пишувајќи: „Моето високо образование во разни гранки на науката, механиката и литературата ми се чинеше како исмејување.“
Во 1887 година, Тесла развил индукционен мотор што работи на наизменична струја (Alternating current - AC), формат на електроенергетскиот систем, кој брзо се ширел во Европа и САД, заради неговите предности во долгиот, високонапонски пренос. Моторот користел полифазна струја, што создава ротирачко магнетно поле за да го сврти моторот (принцип за кој Тесла тврдел дека го замислил во 1882 година). Овој иновативен електричен мотор, патентиран во мај 1888 година, бил со едноставен, самостоен дизајн на кој не му требало комутатор. Со тоа се избегнувала искра и скапото одржување поради постојано сервисирање и механичката замена на четкичките. Неговиот наизменичен (AC) индукциски мотор и сродните полифазни AC патенти, лиценцирани од „Вестингхаус електрик“ во 1888 година, му донеле значителна сума пари и станале камен-темелник на полифазниот систем што таа компанија го продавала. Тоа било навистина плодна година за Тесла, во прв ред, поради комплетниот двофазен систем за дистрибуција на електрична енергија, заедно со системот на трансформатори кои дозволуваат многу мали загуби при преносот на далечина.
Обидувајќи се да развие пронајдоци што може да ги патентира и да ги пласира на пазарот, Тесла спровел низа експерименти со механички осцилатори / генератори, електрични цевки со празнење, рендгенската и радарската технологија. Исто така, изградил безжично управуван чамец, еден од првите изложени дотогаш. Станал добро познат како пронаоѓач и им ги покажувал своите достигнувања на познати личности и богати покровители во својата лабораторија, а биле забележани и неговите јавни предавања.
На 30 јули 1891 година, на возраст од 35 години, Тесла станал натурализиран граѓанин на САД. Во истата година го патентирал Теслиниот калем.
Во текот на 1890-тите, Тесла ги следел своите идеи за безжично осветлување и безжична дистрибуција на електрична енергија во светот, во своите експерименти со висок напон, со висока фреквенција на напојување во лабораториите во Њујорк, а подоцна и во Колорадо Спрингс. Во 1893 година, ја навестил можноста за безжична комуникација со неговите уреди. Тесла се обидел да ги примени овие идеи во практиката, во својот недовршен проект Кулата Варденклиф (Wardenclyffe Tower), интерконтинентална безжична комуникација и предавател на моќност. До јули 1901 година, Тесла ги проширил своите планови да изгради помоќен предавател за да го прескокне радиосистемот на Маркони, за кој сметал дека е копија на неговиот сопствен. Упорно барал повеќе средства од финансиерот на проектот Морган, но тој одбил да обезбеди дополнителни средства. Во декември 1901 година, Маркони со успешната демонстрација на неговиот систем ги привлекол инвеститорите на Волстрит да ги даваат своите пари во системот на Маркони, а некои во печатот почнале да пишуваат против проектот на Тесла, тврдејќи дека станува збор за измама. Финансирањето на проектот било прекинато пред Тесла да може да го заврши. По ова, експериментирал со низа пронајдоци во 1910-тите и 1920-тите, со различни степени на успех.
Трошејќи поголем дел од своите пари, Тесла живеел во разни хотели во Њујорк, оставајќи ги зад себе неплатените сметки. На 7 јануари 1943 година, на 86-годишна возраст, починал сам во собата 3327 од хотелот Њујоркер. Неговото тело подоцна го пронашла собарката, откако влегла во собата на Тесла, игнорирајќи го знакот „не вознемирувај“ што Тесла го поставил на својата врата два дена порано.
Два дена подоцна, Федералното биро за истраги (FBI) му наложило на Џон Г. Трамп (John G. Trump), професор на М.И.Т. и познат електроинженер што бил технички експерт во Националниот комитет за истражување на одбраната, да ги анализира предметите на Тесла, кои биле задржани. По тридневната истрага, во извештајот на Трамп бил наведен заклучок дека нема ништо што би претставувало опасност за безбедноста на САД ако паднат во непријателски раце. Според него: „Мислите и напорите на Тесла во последните 15 години беа првенствено на шпекулативен, филозофски и малку промотивен карактер, кој честопати се однесуваше на производство и безжично пренесување на енергија; но не вклучува нови, валидни, применливи принципи или методи за реализација на ваквите резултати.“
На 10 јануари 1943 година, градоначалникот на Њујорк, Фиорело Ла Гвардија, прочитал проштална реч, напишана од словенечко-американскиот автор Луис Адамиќ, во живо, преку радио WNYC, додека во заднина се слушале виолински сегменти од Аве Марија и Тамо далеко. На 12 јануари, две илјади лица присуствувале на државниот погреб за Тесла во Соборниот храм Свети Јован Богослов во Менхетен. По погребот, телото на Тесла било однесено на гробиштата Фернклиф во Ардсли, Њујорк, каде што подоцна било кремирано.
Во 1952 година, под притисок на внукот од сестра на Тесла, Сава Косановиќ (кој бил југословенски дипломат во Вашингтон по Втората светска војна), целиот имот на Тесла бил испратен во Белград. Во 1957 година, била транспортирана и урната со пепелта на Тесла, од САД во Белград. Пепелта е сместена во позлатена сфера, на мермерен постамент во Mузејот Никола Тесла во Белград.
Делото на Тесла паднало во релативен заборав по неговата смрт, сè до 1960 година, кога Генералната конференција за тежини и мерки ја именувала SI единицата за густина на магнетниот флукс Тесла, во негова чест.
Досега, на страниците на Емитер читателите многупати можеа да се запознаат со Никола Тесла и со неговите дела преку написите од нашите соработници, како на пример: Никола Тесла - Пронаоѓач од соништата (2/2006), Тесла и неговите ривали (9/2006), Големиот визионер и изумител Никола Тесла (12/2006), Неверојатниот Тесла (1): 120 години од првата јавна презентација на радиопренос (3/2013), Неверојатниот Тесла (2): 125 години превласт на Теслиниот систем на полифазни струи (7-8/2013) итн. Уште повеќе, со помош на нашите упатства можеа и сами да го изработат популарниот Теслин трансформатор за генерирање високофреквентни и високонапонски електрични осцилации и молњи (Емитер 3/2006, 4/2006, 7-8/2007).
Популаризација на Никола Тесла е најмалку што можеме да направиме, за сето она што тој го направил за нас.