Еве пред некој ден градот Скопје бил најзагаден град во Европа. Штом дојде студот и почне грејната сезона, се повторува истата приказна. Во енергетскиот сектор годишно се вртат неколку милијарди евра, дали сте гледале некоја стручна дискусија на јавните медиуми, некоја тркалезна маса на телевизија?
Речиси сите граѓани и новинари системот за градско централно греење го нарекуваат како парно греење или најчесто кратко “парно“. Ме изненади и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски кој пред неколку дена даде изјава во која го користи истиот термин “парно“.
Веднаш да кажам дека во градот Скопје “парно“ (парно греење) нема бидејќи во градската дистрибутивна мрежа за греење струи топла вода, а не пареа. До пред неколку години се користеше зборот топлификација и тој е многу посоодветен и коректен термин. Во англискиот јазик овој систем за греење се именува како “district heating“, преведено на македонски = реонско греење. Кај нас овој термин не е прифатен. Во Србија се користи терминот далечинско греење што сигурно е посоодветно отколку парно. Ама кога кај нас ќе кажеме далечинско, тогаш мислиме на далечинско за телевизорот. Сепак моја препорака е терминот: топлификација. Со еден збор сé е јасно.

Оваа забуна со парното произлегува од новинарите кои не се воопшто упатени во секторот енергија. Во Македонија јас не познавам новинар што го покрива енергетскиот сектор, барем да знае некои основни работи. Па речиси ретко некој од нив знае што е разликата меѓу kW (киловат) и kWh (коловатчас). Прашањата што ги поставуваат се: за колку ќе поскапе струјата, парното, увозот на енергенти и сл. Па не може телевизиски канали со национална концесија да немаат ниту еден новинар барем малку упатен во енергетиката, не мора да биде стручњак. А имаат одредени за здравство, земјоделство, разни политики, култура ... Во енергетскиот сектор годишно се вртат неколку милијарди евра, дали сте гледале некоја стручна дискусија на јавните медиуми, некоја тркалезна маса на телевизија? Дали знаат нешто за стратегијата за енергетскиот развој на земјата? А таков документ се прави на секои пет години.
Еве пред некој ден градот Скопје бил најзагаден град во Европа. Штом дојде студот и почне грејната сезона, се повторува истата приказна. Надлежните постојано велат дека не може да се реши проблемот “преку ноќ“. А знаете или дека цевководот со природен гас е пристигнат во Скопје во 1998 година и првите 15 години се користеше само до 15% од неговиот номинален капацитет, а по изградбата на “ТЕ-ТО“ денес се користи со помалку од 50%? Колку ноќи се поминати од тогаш? Каде се новинарите да ја запознаат јавноста со овој факт? Во последно време постојано пишуваат за интерконекторот со Грција. Во ред, диверзификацијата во снабдувањето со гас е пожелна, но ние веќе имаме на располагање природен гас за релативно големи зафати. Па фрламе огромни милиони евра за увоз на електрична енергија бидејќи немаме доволно базно производство, а не сме изградиле наша гасна когенеративна централа (КГЦ). Го гледам предлог буџетот за 2026 година, а во него нема ставка за изградба на гасна КГЦ иако Владата вели дека на тој начин ќе го решава проблемот со загревање на домаќинствата и другите објекти.

Скопје, утрински поглед кон Скопска Црна Гора во едно "почисто" утро. На лева страна од фотографијата видлива е топланата која е дел од Те-То фото: Невенка Стојановска
Ако се направи преглед на градскиот систем за топлификација, во топланите “Исток“ и “Запад“ има капацитет за производство со топлинска моќ од околу 440 MW топлина со кои може да се покријат потребите за централно греење на околу 80 000 потрошувачи (домаќинства и други објекти), а приклучени се околу 60 000 потрошувачи. Ако на ова се додаде капацитетот на “ТЕ-ТО“ од 160 MW, веднаш се наметнува прашањето: зошто да се чека изградба на нова гасна КГЦ? Па на располагање има доволен капацитет за илјадници нови корисници и тоа веднаш да се приклучат, не “преку ноќ“, туку “преку ден“.
Но кога сум кај градската топлификација на Скопје да наведам дека тој систем датира од 1965 година, и по кратко време цевководната мрежа се рашири низ голем дел од градот. Цевководната мрежа е многу стара, има кородирани челични цевки и оштетени затинки така што се јавуваат релативно големи загуби на топла вода. Според некои сознанија се губат 500 до 800 m3 на ден. Тука има двојни загуби: 1-потрошена вода за која се плаќа, и 2-потребна топлина да се загрее таа вода (од 12ºС) до работната температура од 90ºС. Во минатото преку лето гледав некои прекопувања на улици со цел замена во некои делници со нови цевки, но во последниве неколку години не сум забележал такви зафати. Тие чинат пари и тоа треба некој да го плати, а тоа се потрошувачите. Во врска со ова, претседателот на РКЕ објави дека ќе има поскапување на сметките за топлификација за 5,9% за да се покријат тие трошоци.
Би сакал да укажам дека решението за изградба на гасни КГЦ и соодветни градски цевководни мрежи заради избегнување на аерозагадувањето е едностран и застарен приод. Во моите колумни објавени во февруари 2025 година е направен краток опис на историјата на градските топлификации во светот и содветните технолошките еволуции класирани во пет генерации. Во најновите генерации на системи за топлификации нема гасни КГЦ бидејќи природниот гас не е еколошко гориво, а на него се гледа како транзиционо решение. Во повеќе европски земји греењето со природен гас е веќе забрането во новите згради, а во старите може да се користи додека трае опремата за греење. Има голем простор за усовршување на централните системи во самите згради со вградување калориметри на ниво на цела зграда и на ниво на посебни станови, вградување на термостатски вентили. Во моменталните системи во зградите корисниците немаат мотив да штедат бидејќи плаќаат според квадратурата на станот.
Како и во неколку мои написи објавени порано и сега ќе нагласам дека топлинските пумпи овозможуваат ефикасни и чисти решенија за греење, а со тоа и избегнување на аерозагадување на градовите. Нивната примена е можна веднаш, но државата треба да ја промовира нивната употреба и да дава субвенции во рамките на своите можности. Меѓународната агенција за енергија (IEA), но и други компетентни институции имаат став дека иднината не греењето на просториите ќе се одвива со примена на топлински пумпи.
Би сакал да нагласам дека во Македонија во енергетскиот сектор има слаб стручен кадар со исклучок на мал број поединци. Тоа е резултат на опаѓање на квалитетот на нашите универзитети што се покажува на т.н. Шангајска листа. Не е воспоставен систем на вредности, има нереални рецензии, необјективни избори во звања, појави на непотизам, понекогаш влијание на политички функционери итн.
Во врска со загадениот воздух во Скопје и во многу други градови кај нас ќе чекаме сé почесто да се остварува она што е испеано во детската песна “Дувни ветре развигорче ...“ за да имаме почист воздух. Ама понекогаш дуваат и поинакви ветришта, па не мал број на квалитетни инженери ја напуштија земјата.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Mашински факултет – Скопје
* * * *
Написи објавени во списанието ЕМИТЕР на тема топловодно греење и греење.
Топловодно греење (1) | Емитер
Топловодно греење (2) | Емитер
Топловодно греење (3) | Емитер
Топловодно греење (4) | Емитер
Топловодно греење (5) | Емитер
Греење 1: Физиолошки услови и пренесување на топлина | Емитер
Греење 2: Термотехничка пресметка | Емитер
Греење 3: Греење со цврсти горива | Емитер
Греење 4: Греење на струја | Емитер
Греење 5: Греење на нафта и гас (LPG и NG) | Емитер
Покрај овие написи сме објавувале и повеќе други на тема ентергетска ефикасност, проекти за самоградба за дополнување на домашна изведба на т.н. "парно" односно топловодно греење, подно греење и слично