Рубрика: Енергетика
Греење 4: Греење на струја
Автор: Томе Скендеровски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 12/2010.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Во државите каде цената на струјата се дефинира според берзанските движења, веднаш станува јасно дека струјата не е исплатливо средство за греење. Во принцип, таа таму е изгор скапа. Но, сепак, има мал простор за мало и "срамежливо" користење на струјата за греење и тоа само во преодните периоди за пригревање на просторијата или, во поретки случи, за полнење на термоакумулационите печки во ноќната евтина тарифа и само во случај да немаме друга алтернатива. Овие изгор цени на струјата и нас во Македонија наскоро ќе нè најдат. Засега, кај нас струјата е евтина и, за жал, е како измислена за греење – дури припаѓа во групата на релативно евтини енергенси за греење (според евтината тарифа). Секако, најфин, најелегантен, најчист, најконцентриран, најсофистициран, најподатлив за автоматска регулација на греењето и со најголем степен на корисно дејство на постројката е греењето со струја. За неа и за грејните тела која таа ги опслужува ќе стане збор во текстот што следува.

Највредното нешто што човекот го има "украдено" од природата е струјата. И најтажното нешто што може човек да го направи е струјата да ја користи за производство на топлина. Навистина жално. За да нема недоразбирање, во оваа смисла ќе нагласам два момента. Прво: логиката наложува струјата, како најфин енергенс, да се користи онаму каде не можат да се користат за таа работа други енергенси. На пример, во индустријата, потоа за погон на компјутерите, електромоторите и разните стандардни и специјални машини, домашните електрични уреди (бела техника), осветлување, автоматиката и командите во превозните средства и сл., а кога веќе се работи за производство на топлина, нека тоа биде, на пример, рерната во домот. За загревање на домот треба да се користи друг енергенс (јаглен, дрва, пелети, брикети, природен гас и сл.). Второ: Во Македонија најголемиот дел од произведената струја е од термоцентралите на РЕК Битола. Тоа значи дека струја се произведува од топлината која ја нуди јагленот. Навистина, далеку е од здравата логика струјата произведена од јаглен повторно да се "враќа" во топлинска енергија за загревање на нашите домови! За понеупатените, ориентационите пропорции на овие трансформации се следни: Само околу 25% од расположливата топлина на одредена количина јаглен, со многу сложен термоенергетски процес, се претвора во струја, т.е. од 100% топлина од јаглен добиваме САМО 25% топлина од електричната енергија произведена од тој јаглен. 75% од топлината оди неповратно и неискористена во атмосферата низ разладните кули на централата. Тоа се чисти огромни загуби. Природно е да се размислува на следниот начин: ако веќе ми треба само топлина за мојот дом, тогаш можам таа директно да ја произведам (добијам) од јагленот со само околу 25 – 30% загуби.
Но, реално, ситуацијата е посложена и зависи од многу фактори кој се различни од регион до регион и од држава до држава. На пример, во државите кои имаат моќна индустрија за која се потребни огромни количини на електрична енергија кога таа работи преку ден, во ноќните часови е невозможно и неисплатливо драстично да се намалува производството на електрична енергија (познато е дека струјата не може да се складира во големи количини) и токму тука се отвора можност за користење на електричната енергија за затоплување на нашите домови. Ова е веќе оправдано изнудена ситуација. Првенствено во овај контекст треба да се разбере овој текст кој говори за користењето на електричната енергија за затоплување на нашите домови.

Клучни зборови:

Кварцна плафонска греалка

Дијаграм на греење на кварцна печка

Конвекторска греалка

ИЦ панелите извонредно се вкопуваат во ентериерот

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 12/2010. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.