Две кратки вести коишто никако не ме оставија равнодушен и ми влеаја верба дека конечно даваат големи резултати кампањите за ефикасно и рационално користење на енергијата.
Првата вест се однесува за Данска, во која се вели дека потрошувачката на енергија во оваа држава од 1990 година до денес е намалена за 18%, а бруто домашниот производ за истиот период е зголемен за 41%. Навистина, нема што да се додаде или искоментира за состојбата што ја прикажуваат овие бројки. Сè се може доколку се пристапи рационално на проблемот применувајки висока технологија. Зачудувачки, но вистинити податоци.
Втората кратка вест се однесува на превозот на луѓе. Имено, Меѓународното здружение за јавен патнички превоз излезе со научно поткрепена прогноза во кое се вели дека до 2025 година се очекува двојно поголем пазарен удел на јавните превозни средства во однос на 2009 година. Од исклучително значење е оваа прогноза да се оствари. Јавниот превоз е поевтин, значително побезбеден, значително еколошки поприфатлив, и сето тоа собрано на купче е одлична замена за скапиот, помалку безбеден и еколошки проблематичен (нечист) автомобилски превоз.
Одлични вести кои влеваат оптимизам и докажуваат дека кампањите за заштеда и рационално користење на енергијата, како и зачувување на животната средина, даваат резултати. Заедничкото делување на науката, високата технологија и добрите намери и навики на човекот секогаш даваат позитивни и охрабрувачки резултати.