Рубрика: Енергетика
Енергетска ефикасност (1)
Автор: Мирослав Китаноски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 1/2014.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Енергијата во каква било форма е најзначајниот фактор во животот на човекот. Без енергија, нема живот. Во денешно време, кога човештвото доживува енормен и брз развој, модерното општество уште помалку може да се замисли без енергетските системи кои, што ни ги обезбедуваат сите функционалности. Од самата енергија како физички феномен потекнува и значајноста за нејзино правилно и ефикасно искористување. Овој серијал написи е посветен токму на енергетската ефикасност. Почнувајќи со првиот дел, ќе дискутираме општо за енергијата и за поимот енергетска ефикасност, за понатаму темата да се прошири кон конкретни енергетски системи и практични совети за нивна ефикасна употреба.

"Секаде околу нас сè се врти, сè се движи, секаде е енергија". Никола Тесла, мај 1891 година. Не е случајно тоа што започнуваме со мислата на еден од најголемите умови познати на човештвото, Никола Тесла. Тесла на човештвото му го подари својот ефикасен полифазен електроенергетски систем и го предвиде понатамошниот развој на технологијата до таа мера, што ние сè уште треба да се развиваме и да го усовршуваме за да го направиме ова општество онакво како што тој го замислил. Доколку во светот се случи пропаст и исчезне сè што досега е создадено од човекот, и доколку имаме можност за следната цивилизација да оставиме само една и единствена порака што би помогнала за нејзин најбрз развој, тогаш сметам дека таа порака несомнено е мислата на Никола Тесла.

Под поимот енергетска ефикасност подразбираме ефикасно искористување на енергијата, како и на енергетските ресурси за нејзино производство. Од гледна точка на физиката, секое количество потрошена енергија во даден систем или врз даден физички медиум резултира во извршена работа, којашто како физичка величина исто така има енергетска природа. Како пример, извршена работа може да биде движењето на автомобил со одредена брзина, рамномерно или забрзано. Во овој случај, топлинската енергија од согорувањето на горивото во моторот се претвора во механичка, односно во кинетичка енергија на автомобилот, со што се овозможува неговото движење. При оваа трансформација, целокупната енергија од согорувањето на горивото не се претвора во кинетичка енергија, туку дел од неа отпаѓа и на загуби како што се самото загревање на моторот како механички склоп од подвижни елементи, совладување на триењето помеѓу тие подвижни елементи, како и триењето на пневматиците со патот по којшто се движи автомобилот, отпорот на воздухот, итн.

Дури и самиот процес на согорување на горивото може да биде ефикасен или пак неефикасен, во зависност од условите под коишто се извршува тој, а тоа би значело од исто количество гориво да се добие помалку или повеќе топлинска енергија. Според тоа, ефикасно искористување на енергијата предадена од горивото би било кога најголем дел од неа ќе се искористи за движење како главна намена на возилото, а загубите да се сведат на минимум. Уште повеќе, ако со истата потрошена енергија возилото може да превезува товар и до 300 килограми, тогаш превозот на товар од 100 килограми со ваквото возило би значел НЕ-ефикасно искористување на потрошената енергијата. Овој, како и многу други примери, даваат јасна слика за тоа што претставува поимот енергетска ефикасност. Понатаму, нашата цел ќе биде да ги разгледаме можните мерки коишто на конкретен систем би му ја подобриле, односно зголемиле ефикасноста, а самото тоа би резултирало во значителни заштеди.

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 1/2014. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.