Рубрика: Енергетика
Светски ден на ладењето
Автор: Ристо Цицонков
Објавено на 26.06.2026 - 16:15

Денес е 26 јуни – Светски ден на ладењето. Воспоставен е 2019 година, а датумот е избран според роденденот на Лорд Келвин, познат по температурната скала.

Светскиот ден на ладењето е всушност меѓународна кампања за подигање на свеста во областа на ладењето, климатизацијата и топлинските пумпи и воедно ја истакнува суштинската улога што ја играат технологиите за ладење во поддршката на здравјето, безбедноста на храната, економскиот развој и условите за живот на луѓето во целиот свет.

Секоја година се одбира тема за одбележување на овој “празник“. Што мислите, која е темата за оваа година? За да биде поатрактивна, таа произлегува од она што е најактуелно во сегашниот момент, а тоа е вештачката интелегенција (ВИ). Така, овогодишниот Светски ден на ладењето се одбележува под темата “Ладилна интелигенција“ (Cool Intelligence).

Ова ме потсетува на минатото кога се појавуваа “модерни“ термини произлезени од некои тогашни иновации и нови производи. Се сеќавам на “турбо“, “паметен“ (smart), електрификација (сé уште трае), денес “вештачка интелегенција“, а во иднина веројатно “роботизација“?! Пред некој ден добив покана преку интернет порака да учествувам на конференција со наслов “Интелегентни згради“

Но, да се вратам на Светскиот ден на ладењето и темата “Ладилна интелигенција“. Оваа година се поставува цел да ги прикажува иновациите, стручноста и напредните технологии што ги трансформираат системите за ладење, климатизација и топлински пумпи за да работат поефикасно, одржливо и “интелигентно“.

Примените на ладењето се разновидни: за чување на прехранбените производи кои траат многу подолго и се побезбедни; ладење (климатизирање) на простории со што се обезбедуваат удобни услови за престој и работа на луѓето, соодветни услови во болници каде се вршат и хируршки операции; за греење на простории на еколошки начин (во режим на топлинска пумпа); ладење на вакцини за да се доставуваат безбедно до милиони луѓе на кои им е потребна здравствена заштита; за зимски спортови на мраз и снег; за климатизација на разни сали (спорт, театар и др.); ладење на центри за податоци (вештачка интелегенција), ладење на разни компјутерски и комуникациски системи (интернет, телефонски централи) итн.

Денес речиси сите ладилни машини се прават да служат и за ладење и за греење, а ова може да се види кај клима уредите кои почнаа масовно да се употребуваат за греење. Во режим на греење тие работат како топлински пумпи при што се троши околу четири пати помалку електрична енергија во споредба со електроотпорни греалки и печки. Ако притоа се користи електрична енергија добиена од обновливи извори на енергија, тогаш тие имаат нула емисии на стакленички гасови и велиме дека тоа е одржливо греење.

Денешниот начин на живеење на може да се замисли без ладење. Во секој дом има фрижидер за чување храна, бидејќи трајноста на многу земјоделски производи и прехранбени продукти (млеко, месо, ...) ќе биде многу пократка ако не се чуваат на пониски температури. Речиси во секој дом има клима уред за ладење на воздухот во просториите, а поради жештините од климатските промени нивната употреба станува сé помасовна, дури и неопходна.

Топлинските пумпи се, всушност, ладилни уреди, а тоа се согледува од клима уредите кои служат и за ладење и за греење. Според Меѓународната агенција за енергија (IEA) иднината на греењето на просториите е во примената на топлинските пумпи со кои се постигнува нула емисии на стакленички гасови во одредени случаи.

Речиси секоја фабрика во Македонија има ладилни системи кои служат за примена на одредена технологија во производството. Да наведам само неколку: млекарници, пиварници, фабрики за производство на чоколади и бомбони, безалкохолни пијалоци, технички гасови итн.

Индустријата за ладилни уреди доживеа земјотрес поради оштетувањето на озонската обвивка на планетата Земја. Во сите ладилни уреди струјат работни флуиди под притисок кои во минатото беа вештачки супстанции наречени фреони кои ја оштетуваат озонската обвивка. Во последниве децении се направи замена со нови вештачки флуиди, но тие имаат голем потенцијал на глобално затоплување на Земјата. Затоа, денес е во тек нова трансформација каде што се користат природни ладилни флуиди (амонијак, јаглерод-диоксид и јаглеводороди) кои не се штетни за животната средина, но потребни се некои поголеми безбедносни мерки.

Република Македонија беше предвесник на оваа трансформација пред повеќе од 20 години бидејќи организираше десет меѓународни конференции во Охрид на тема примена на природни ладилни флуиди заедно со Меѓународниот институт за ладење (IIR) од Париз. Повеќе детали за ова може да се видат на интернет страницата на конференцијата.

На крај да ја допрецизирам суштината на темата, односно што е “Интелегентно ладење“. Тоа е како интелигентно да се проектираат, инсталираат, управуваат и одржуваат системите за ладење и одржливо греење. Овој вид интелигенција тивко го одржува светот во функција, но може да се почувствува (ладно и топло). Да не заборавам: нема сладолед без ладење.

Д-р Ристо Цицонков*, редовен професор при Машинскиот факултет во Скопје и почесен член на Меѓународниот институт за ладење (IIR) со седиште во Париз.

Клучни зборови: