На денешен ден, пред точно 50 години, во 20 часот и 17 минути (UTC), вселенската мисија Аполо 11 беше крунисана со огромен успех. Двајцата патници сместени во месечевиот модул успешно стасаа на целта – Месечината. По серија маневри за слетување, во командниот центар на НАСА одекнаа зборовите што Нил Армстронг ги изговори од површината на друго небесно тело – “Орелот слета”.
По успешното слетување на месечевиот модул наречен “Орел”, двајцата астронаути го изедоа и првиот “месечев” оброк, a нестрпливата светска публика која го следеше директниот пренос од слетувањето на Месечината мораше да почека уште неколку часа за првиот чекор на човекот на Месечината. На 21 јули, точно во 2 часот и 56 минути по UTC, или во речиси 4 часот изутрината по македонско време, Нил Армстронг ја изговори познатата реченица: “Ова е мал чекор за човекот, но огромен скок за човештвото”, по што стапна на правливото Mесечево тло. По него, својот прв чекор го направи и вториот астронаут, Едвин Баз Олдрин. Двајцата чекорeа по тлото на Месечината цели 2 часа и 30 минути, при што собираа примероци, поставуваа научна опрема, правеа низа експерименти. По ова, следуваше не помалку опасниот пат назад кон Земјата – полетување, спојување со бродот во орбита околу Месечината и успешно враќање дома.
Почетокот на програмата "Аполо" беше најавен во говорот на тогашниот претседател Џон Кенеди, пред американскиот Конгрес, на 25 мај 1961 година. Намерата беше испраќање луѓе на Месечината и нивно безбедно враќање на Земјата до крајот на деценијата. Говорот беше одржан само неколку недели по првиот американски суборбитален лет во вселената, а неговата цел беше остварена по само осум години.
Од 1969 до 1972 година, на Месечината слетаa вкупно шест мисии Аполо: 11, 12, 14, 15, 16 и 17, со вкупно дванаесет астронаути. Аполо 7 и 9 беа летови во Земјината орбита, Аполо 8 бил лет до Месечевата орбита, Аполо 10 бил проба за спуштање на Месечината, без слетување, а спуштањето на Аполо 13 беше откажано поради експлозија на резервоарот со кислород, но астронаутите преживеаја и затоа оваа мисија е наречена "успешен неуспех".
Многу кратко по слетувањето, се јавија и низа теории на заговор кои тврдеа дека се работи за филмска сцена снимена во студио, којашто ја режирал легендарниот Стенли Кјубрик.
Скептицизмот е убава работа, всушност тој се наоѓа и во основата на науката. Но, како што вели латинската поговорка: Пред фактите и боговите молчат, а некои од фактите се следните: Снимки од местото на првото слетување се направени, за што пишувавме тука и тука. На нив јасно се гледаат стојниот трап на лунарниот модул и делови од опремата којашто астронаутите ја оставиле за научни експерименти, како и трагата од издувните гасови направена и останата при полетувањето назад кон Земјата. Овие артефакти можат да се видат и на снимката од Месечината во 4К резолуција која можете да ја погледнете тука. За сите останати тези и факти, може да се информирате во написот “Луѓе на месечината - лага или подвиг?” објавен во ЕМИТЕР 9/2004, како и во новиот напис кој ќе биде објавен во следниот број.
По повод јубилејот од половина век, НАСА на својот сајт (тука) емитува аудио и видеоснимки од мисијата Аполо 11. Емитувањето на оригиналните снимки од слетувањето на Месечината, во реално време како што се одвивал настанот, НАСА ТВ го закажа во точниот час кога во далечната 1969 година, Нил Армстронг во живо и се обрати на целата Земјина топка, означувајќи го успехот како достигнување не само на една нација, туку како триумф на целото човештво. За да ги проследите во живо, кликнете тука.
Скопското астрономско друштво вечерва (20.7.) во кафе-барот Котур организира настан “Првиот чекор на Месечината – 50-годишнина“, со кратко предавање од Радан Митровиќ и изложба на астрофотографии.
По повод големиот 50-годишен јубилеј од првите луѓе на Месечината ЕМИТЕР во бројот 4-6/2019 донесува серија написи посветени на мисијата Аполо: Радан Митровиќ го изложува детаљите за Мисијата Аполо 11 и патот што требаше да се изоди за да се постигне овој успех, Благој Ќупев го презентира компјутерот на Аполо и компјутерската програма којашто помогна за прецизно извршување на поставената патека и пристигнување на целта, Марјан Трајков пишува за макетите произлезени од мисиите Аполо, а Владимир Филевски ги анализира и разобличува многуте теории кои го негираат човековото освојување на Месечината.
Бидете и вие дел од овој голем јубилеј – присуствувајте на настанот на Скопското астрономско друштво, гледајте го вечерва на НАСА ТВ преносот “во живо“ со реставрираните снимки од првите чекори на човекот на Месечината и, секако, читајте ЕМИТЕР!
Снимка од 16 mm камера од Месечевиот модул синхронизирана со снимката од комуникацијата во живо со контролата на мисијата Аполо на Земјата
Повеќе за мисиите Аполо и за теориите на заговор околу нив можете да прочитате во претходните броеви на ЕМИТЕР: 4-6/2019, 7-8/2009 и 9/2004.