Како сон изминаа 50 години од едриличарската база во Битола во 1966 година составена од членови на едриличарските училишта од АК Скопје, Куманово и Битола. Како член на Аеро клубот во Битола бев учесник и до ден денес тие моменти ми останаа длабоко врежани во паметењето. Многу подоцна, читајќи за овој значаен настан во којшто учествував и анализирајќи ги состојбите, дознав дека едриличарската база се органзира поради недостиг на пилоти и технички кадар. Многу пилоти од формирањето на Воздухопловниот сојуз на Македонија (ВСМ) кои беа обучувани во воздухопловните центри Рума, Вршац, како и во аероклубовите ширум Република Македонија, се вработија во веќе формираните воздухопловни организации, а некои отидоа и во тогашната ЈНА, како и на факултетите ширум поранешна Југославија.