Технологијата за препознавање лице не е новина, таа одамна е присутна кај алармните системи, кај компјутерските конфигурации, па дури и кај вашите смартфони.
Она што е лудо, а што му текнало на Аркајц Гаро (Arkaitz Garro), фронт-енд инженер од Холандија, е да ја примени оваа технологија во проект од типот "направи сам" наменет за препознавање на личните црти и фацијални експресии на одредена мачка!
На идеја дошол бидејќи мачката на соседите честопати “заскитувала” во неговиот двор, но била доволно мил и добар гостин за да му прирасне за срце на домаќинот. Доволно за да посака да направи некој тип на систем којшто ќе го предупреди дека мачката е пред врата за да може да му ја отвори на животинчето.
Гаро за сопствениот проект употребил микрокомпјутер од типот Распбери Пај, којшто го поврзал со камера, сензор за движење и апликација за препознавање на лица. Кога сензорот ќе детектира движење, камерата прави фотографија од причинителот. Фотографијата се испраќа до софтверот за препознавање, кој ја споредува со претходно направена слика од мачката. Крајниот резултат е дека кога животинчето е пред врата, тој добива порака на неговиот паметен телефон преку апликацијата Slack. Целиот систем го чинел приближно 50 американски долари, а за негова изработка му биле потребни неколку часа.
“Проблемот” на распознавање на мачките се чини дека е доволно честа појава, па така дури и Мајкрософт има свој систем за препознавање на лицето на миленикот којшто е далеку покомплициран споредено со системот на Гаро. Функционирањето на системот на Мајкрософт за препознавање на миленик можете да го проследите на видеото подолу.