Рубрика: Медицина
Возрастa е само бројка... на нервните матични клетки
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 08.03.2018 - 15:00

Научниците можеби се на пат да успеат да го забават, па дури и да го вратат наназад нашиот биолошки часовник. Возрасните нервни матични клетки во хипоталамусот (регион на мозокот што ги регулира гладот, сонот, температурата на телото и низа други активности) се чини дека е главен одговорен за процесот на стареење на телото.

Истражувањето спроведено врз лабораториски животни покажало дека бројот на матични клетки присутни во хипоталамусот се намалува со возраста. За да утврдат дали оваа загуба на клетките е поврзана со стареењето, научниците ги уништиле матичните клетки од хипоталамусот кај глувци на средна возраст. По ова, глувците покажале јасни знаци на стареење, како губење на меморијата и намалување на издржливоста и координацијата.

Научниците исто така откриле дека матичните клетки ослободуваат мали пакети на микроРНК*, делчиња генетски материјал што го контролираат функционирањето на гените. Тие ја инјектирале овој вид на μРНК во средовечни глувци кај кои недостасувале хипоталамични матични клетки, и во здрави глувци на приближно иста возраст. Во двете групи, третманот го забавил стареењето.

Според водечкиот автор Донгшенг Каи од Колеџот за медицина на Алберт Ајнштајн, наодите би можеле да доведат до продолжување на животниот век и до подобрување на методите за лекување на болестите врзани со стареењето. "Но, ќе биде потребно време за овој процес да може да се примени кај луѓето", вели тој.

*РНК - рибонуклеинска киселина

Клучни зборови:
Хипоталамусот, прикажан со црвено, е регион во мозокот кој го регулира гладот, спиењето, температурата на телото и другите активности.

Хипоталамусот, прикажан со црвено, е регион во мозокот кој го регулира гладот, спиењето, температурата на телото и другите активности.