Рубрика: Автомобилска техника
Квалитетот на денешните автомобили
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 07.03.2018 - 14:30

Дали денешниве современи автомобили се поквалитетни од оние во минатото? Безрезервно, одговорот е ДА. Дали денешниве автомобили помалку се расипуваат од старите? Одговорот е ДА. Современиве автомобили се понадежни од старите автомобили. Следува краток коментар.

Без дискусија, современите автомобили се поквалитетни од старите автомобили затоа што се плод на современата техника и технологија, којашто за да се наметне како стандард МОРА да биде поквалитетна од старата технологија. И уште нешто: новата технологија МОРА да е и поевтина и попродуктивна од старата. Перверзија до безсвест е да се споредуваат старите и новите производни технологии. Тоа се два неспоиви света. А зошто денес имаме повеќе повлекување во сервис на новопродадените автомобили од порано? Познато е дека модерниве автомобили “вријат” од информационо-компјутерски системи. Нивна карактеристика е што, доколку има некој случајно провлечен проблем, откажуваат тотално (исцело), ненадејно и најчесто таквиот отказ знае да има погубни последици по безбедноста во сообраќајот (ABS, воздушни перничиња, ESR, електронски акцелератор, темпомат и т.н.). Затоа, и при најмал сомнеж во нивната исправност од страна на фабриката или докази од судски процеси поврзани со проблеми во сообраќајот, се прави нивен безбеден супститут во фабриката и анблок во овластените сервиси се врши нивна замена иако сè уште не откажале во нивната работа и тоа е она што дига узбуна и прашина во печатот. Тоа е цената на компјутерската технологија кога ќе покаже некои знаци на “несигурност” во експлоатацијата. Старите механички системи НИКОГАШ целосно (тотално) не откажуваа (во тој дел фабриките биле многу комотни) и оттука ретки биле повиците од фабриките за превентивна замена на некој склоп или дел. А за можностите кои ги нудат современиве автомобили и нивната комплицираност во однос (споредбено) на старите автомобили е непристојно да се прават споредби, затоа што имаме разлика во класи. Стара е вистината дека колку машината е поедноставна, толку е подложна на помалку проблематично однесување во експлоатацијата, ама пак истовремено е и некорисна за денешниве поимања за тоа што треба да понуди еден автомобил, т.е. таквиот едноставен автомобил не би преживеал на пазарот.

Исто така, бидете убедени дека денешниве автомобили поретко се расипуваат. Денес многукратно повеќе се поминуваат километри со својот автомобил, а ретко (еднаш годишно) се оди на редовен сервис. Во минатото многу помалку се возеше (автомобилот се штедеше!) а ремонт на моторот беше стандард да се прави на 100 000 km што за денешни поимања е смешна километража (денес ремонти на моторите не се прават или тие се прават на милион изминати километри).

И на крајот, денешниве автомобили се многу поефтини од старите автомобили. Денес скоро секој може да си дозволи нов автомобил што пред 40 години такво нешто не можеше да се помисли.

Бидете спокојни. Вашиот нов автомобил СИГУРНО е повеќекратно поквалитетен од автомобилот на вашиот татко. А има и подобра вожња, подобри перформанси и поевтино кошта.

Производство на каросерија во современи роботизирани услови.
Примитивно малосериско производство на автомобили во 60-тите години на минатиот век.