Дали вонземјаните знаат за нашето присуство? Ако навистина постојат интелигентни форми на живот кои како нас се прашуваат дали се сами во универзумот, тие вонземски популации веројатно би биле во можност да ги пресретнуваат радиосигналите што ги користиме за комуникација со вселенските сонди. Ако ова се случи, на одговорот можеби нема долго да чекаме.
Од 1972 година, НАСА се потпира на мрежа од големи радио комуникациски станици наречена Deep Space Network (DSN) за да испраќа сигнали до сондите лансирани ширум Сончевиот систем и надвор од него, и да прима податоци и комуникации од нив. Кога велиме надвор од Сончевиот систем, тука мислиме на сондите Војаџер 1 и 2 (види Мисија: повеќе од успешна, Потврдено: Војаџер 2 патува низ меѓуѕвездениот простор, Поправен Војаџер 2 надвор од Сончевиот систем и тука) кои знаеме дека го напуштија нашиот ѕвезден систем, како и на сондите Пионер 10 и 11 и сондата Нови хоризонти (3,3 милијарди километри долгото патување на New Horizons и Плутон и мисијата New Horizons), кои преземаа подеднакво далечно патување. Имено, во текот на овие повеќегодишни мисии, комуникацијата со сондите секогаш била одржувана со радио сигнали.
Радиоантени – нашите ‘уши’ насочени кон вселената за ослушкување кон можни сигнали
Астрономите Хауард Ајзаксон и Рајли Дерик се обидоа да разберат до кои точно и до колку други ѕвезди стигнале или ќе пристигнат овие сигнали и од која од нив би можеле да очекуваме прв одговор. За да го постигнат ова, се послужиле со каталогот на ѕвезди од мисијата GAIA на Европската вселенска агенција – најточната 3Д мапа на ѕвездите во нашата галаксија, а особено на повеќе од 330 000 ѕвезди кои се наоѓаат во радиус од 100 парсеци оддалеченост од нашето Сонце, растојание коешто е приближно 20 милиони пати поголемо од она помеѓу Земјата и Сонцето. Повеќе за мисијата GAIA во Млечниот пат виден низ окото на GAIA и Направена најбогата ѕвездена мапа на Млечниот пат и повеќе
Нивниот заклучок е дека сигналите од DSN веќе имаат пристигнато до четири ѕвезди. Доколку овие во нив има егзопланети кои се сместни блиску или во животната зона, како и интелигентни вонземјани кои се подеднакво љубопитни како нас и вољни да одговорат ни одговорат, нивните радио сигнали би можеле да пристигнат до нас веќе за неколку години. Имено потенцијалните жителите во системот на една од четирите ѕвезди, коишто се во линија на патеката што ја минуваат радио сигналите добиени од Пионер 10, можеби веќе започнале да испраќаат сопствени комуникациски сигнали кон нас коишто би пристигнале до Земјата до 2029 година. Додека потенцијалните радио сигнали емитувани од вонземјаните од два други ѕвездени системи, и кои би можеле да пристигнат како одговор на сигналите што ги емитува сондата Војаџер 2, би можел да пристигнат до нас во 2031 и 2033 година, соодветно.
Единствениот детаљ што, за жал, не е можно да се утврди е тоа дали околу овие ѕвезди навистина постојат екстрасоларни планети во животната зона. Имено, со оглед на тоа што ѕвездите за кои станува збор имаат далеку помал сјај од Сонцето, детектирањето на транзитот на небесните тела пред нив е вистински тешка задача. Сепак, статистички гледно, присуството на егзопланети околу ѕвездите е мошне честа појава, па можеби токму затоа треба да чекаме и да продолжиме да наслушнуваме.