За тоа дека Војаџер 2 го напушто Сончевиот систем и почна да патува низ меѓуѕвездениот простор јавивме лани. Веста тогаш пристигна од НАСА, а во неа беше кажано дека со мерењата од неколку инструменти на леталото, била регистрирана промена којашто укажува дека леталото го напушти сончевиот систем.
На научниците им требаше нешто помалку од година да ги обработат податоците и да дадат конечна потврда дека Војаџер 2 навлегол во меѓуѕвездениот простор (interstellar meduim – ISM), вселенски регион што се распостила понатаму од границата во облик на меур формирана од Сончевиот ветер. Со тоа ова летало стана вториот објект направен од човечка рака што го напушти Сончевиот систем. Првиот објект беше неговиот брат Војаџер 1, којшто навлезе во меѓуѕвездениот простор во август 2012 година.
Оваа недела во списанието Nature Astronomy беа објавени пет различни научни труда во коишто независно се потврдува стапнувањето на Војаџер 2 во меѓуѕвездениот порстор на 5 ноември 2018 година. Во трудот на Дон Гурнет и Бил Курт од Универзитетот во Ајова, се потврдува скокот во густината на плазмата. Разликата во густината на плазмата беше откриена со помош на инструментот за следење на плазма брановите сместен на Војаџер 2. Ова, според нив, е потврда дека леталото го напуштило топлиот регион со помала густина на плазмата којшто е карактеристичен за влијанието на сончевиот ветер, упатувајќи се кон студената плазма со поголема густина којашто е карактеристична за меѓуѕвездениот простор. Слично нешто се случи и со Војаџер 1 во 2012 година. Трудот содржи детали за карактеристиките на хелиопаузата, коојашто претставува најдалечна соларна структура и истовремено е граница помеѓу хелиосферата и меѓуѕвездениот простор.
Навлегувањето на Војаџер 2 во меѓуѕвездениот простор се случило на оддалеченост од 119,7 астрономски единици (АЕ), односно повеќе од 17 милијарди километри од Сонцето. Војаџер 1 премина во меѓуѕвездениот простор на оддалеченост од 122,6 АЕ од Сонцето.
Мисиите Војаџер 1 и 2 беа лансирани со неколку недели разлика во далечната 1977 година. Леталата имаа различни цели на мисијата и различна патека на движење низ вселената, но обете го напуштија Сончевиот систем на приближно исто растојание. Податоците од Војаџер 2, исто така, даваат корисни податоци за дебелината на хелиообвивката, надворешниот регион на хелиосферата и точката каде сончевиот ветер се трупа наспроти ветерот што доаѓа од меѓуѕвездениот простор. Истражувачите велат дека хелиообвивката има различна дебелина, врз основа на податоците кои покажуваат дека Војаџер 1 навлегол во меѓуѕвездениот простор некои 10 AU по неговиот “брат близнак” да стаса до хелиопаузата, граничната област каде сончевиот и меѓуѕвездениот ветер се во состојба на рамнотежа и којашто се смета за премин во меѓуѕвездениот простор. Некои научници, водени од различните модели на хелиосферата, сметаа дека Војаџер 2 прв ќе премине во меѓуѕвездениот простор.