Една од најпознатите астрофотографии денес наполни 25 години. Токму на денешен ден, од длабочините на вселената, Војаџер 1 го сврти своето "око" кон домот на човештвото и го направи најголемиот семеен портрет кога и да е направен - портретот познат под името "Бледата сина точка".
Војаџер 1 во тој момент се наоѓаше на оддалеченост од 40 АЕ од Земјата. На серијата фотографии не се најдоа само три од тогаш признатите девет планети во Сончевиот систем - Марс бил премногу темен, Меркур невидлив поради неговата близина до Сонцето, додека Плутон е премногу блед.
Мисиите Војаџер 1 и 2 НАСА ги лансираше во 1977 година и овие летала се едни од најдалечните објекти во вселената направени од човекот. Серијата фотографии познати како "Бледата сина точка" се последните фотографии коишто леталото Војаџер 1 ги направи и испрати до Земјата. Леталото го напушти Сончевиот систем и навлезе во меѓуѕвездениот простор во август 2012 година. Повеќе за мисиите Војаџер може да прочитате во ЕМИТЕР 7-8/2012 ("Големата задача на Војаџер"), со којшто го одбележавме тој настан.
За крај ве оставам со зборовите на Карл Саган од неговата книга "Бледата сина точка: Визија за иднината на човештвото во вселената":
"Успеавме да ја направиме оваа слика (од длабоката вселена) и, доколку ја погледнете убаво, ќе забележите една точка. Тоа овде. Тоа е домот. Тоа сме ние. А на неа, сите за коишто кога и да е сте слушнале, секое човечко суштество што кога и да е живеело, живеело тука. Изворот на сите наши радости и јадови, илјадници религии, идеологии и економски доктрини, секој ловец и собирач, секој херој и кукавица, секој создавач и разурнувач на цивилизации, секој крал и секој селанец, секој млад вљубен пар, секое дете исполнето со надеж, секоја мајка и секој татко, секој пронаоѓач и истражувач, секој морален проповедник, секој корумпиран политичар, секоја суперѕвезда, секој врховен водач, секој светец и секој грешник во историјата на нашиот вид, живеел на оваа ронка прав којашто стои закачена на зрак од сончева светлина.
Земјата е многу мала сцена во огромната космичката арена.. Помислете на бескрајните суровости направени од страна на жителите на еден агол од овој едвај препознатлив пиксел врз жителите на некој друг агол, колку чести се нивните недоразбирања, колку се желни да се убијат еден со друг, колку страсна е нивната омраза. Помислете на реките крв пролеани од страна на сите оние генерали и цареви со цел во моментот на слава и триумф да станат на момент господари на делче од оваа точка.
Нашите ставови, нашата умислена значајност, заблудите дека ние имаме некоја привилегирана позиција во универзумот, се ставени под знак прашалник од страна на оваа точка бледа светлина. Нашата планета е осамена дамка во големиот сеприсутен космички мрак. Имајќи ја предвид нашата анонимност, во сиот овој простор, нема никаков знак дека помош ќе пристигне од друго место за да нè спаси од самите себе си.
Земјата засега е единствениот познат свет на којшто постои живот. Не постои друго место, барем не во блиска иднина, на коешто нашиот вид би можел да мигрира. Да го посети, да. Да се насели, сè уште не. Сакале или не, во овој момент Земјата е местото каде што ние се наоѓаме.
Се зборува дека астрономијата учи на скромност и претставува искуство коешто го гради карактерот. Можеби и не постои подобар показател за глупоста на човечката вообразеност од оваа далечна слика на нашиот мал свет. За мене, таа ја подвлекува нашата одговорност да се однесуваме пољубезно еден кон друг, и да ја чуваме и негуваме оваа бледо сина точка, единствениот дом којшто го знаеме. "