Следејќи ги стапките на неговиот постар брат, вселенското летало Војаџер 1 на НАСА, сега и Војаџер 2 навлезе во меѓуѕвездениот простор. Напуштањето на хелиопаузата, местото каде жешкиот сончев ветер се среќава со студениот меѓуѕвезден простор, беше забележано минатиот месец преку податоците од опремата за следење на плазма, сместена на леталото. Како што вчера беше објавено на страницата на JPL на НАСА, податоците потоа биле потврдени од уште три други инструменти.
Сондите Војаџер 2 и Војаџер 1 ќе продолжат со доставување на информации за процесите и реакциите кои се случуваат додека хелиосферата е изложена на постојаниот меѓуѕвезден ветер.
Да потсетиме, мисиите Војаџер беа лансирани во далечната 1977 година, а Војаџер 1 се наоѓа во меѓуѕвездениот простор од 2012 година. Сондите одамна ја надминаа нивната првична петгодишна задача за проучување на надворешните планети во Сончевиот систем и во моментов ја претставуваат најдолготрајната мисија на НАСА.
Повеќе за мисиите Војаџер може да прочитате во ЕМИТЕР 7-8/12