Рубрика: Астрономија и астронаутика
Поправен Војаџер 2 надвор од Сончевиот систем
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 12.02.2020 - 10:30

Благодарение на неколку инженерски интервенции, изведени на (ооогромна) далечина, научната мисија на овој неуморен истражувач продолжува и понатаму. Војаџер 2, којшто во моментов е оддалечен околу 18,5 милијарди километри од Земјата, повторно беше вклучен и ја продолжува својата мисија којашто се состои од собирање научни податоци за Сончевиот систем и од меѓуѕвездениот простор распослан зад неговите граници.

Одржувањето на оваа 42-годишна вселенска сонда во работен режим не е лесна задача. Откако автоматските рутини за заштита од дефекти ги исклучија научните инструменти на Војаџер 2, инженерите напорно работеа да го вратат во нормален режим на работа.

Операторите на мисијата известуваат дека сега сондата е стабилна и дека комуникациите помеѓу Земјата и вселенското летало се добри. Вселенското летало продолжи со обезбедување научни податоци и научните тимови сега ја проценуваат состојбата на инструментите по нивното кратко исклучување.

Истражувачката мисија на НАСА на сондите близначки Војаџер трае веќе со децении и нивната досегашна работа воодушевува. Обете сонди пред неколку години го напуштија Сончевиот систем, обезбедувајќи ги првите директни мерења на универзумот што се простира надвор од “нашето” мало парче во него.

Првиот знак за проблем се појавил на 25 јануари, кога леталото не успеало да го изврши планираниот маневар за калибрирање на инструментот за испитување на магнетно поле. Војаџер 2 останал во контакт со Земјата, но неговите мерни инструменти се исклучиле по неуспешниот маневар. Откако тимот ја проучил телеметријата од сондата, било утврдено дека при обидот за маневар биле истовремено вклучени два системи коишто консумираат многу енергија. Оваа состојба го активирала системот за заштитата од дефекти на сондата по што биле исклучени несуштинските системи, поради недостаток од погонска енергија.

Војаџер 1 и Војаџер 2 биле програмирани со повеќе рутини за заштита од дефект со цел да се му се овозможи на вселенското летало автоматски да преземе активности за да се заштити при потенцијално штетни околности.

На 5 февруари, корисничката сметка на Војаџер на Твитер ја пренесе добрата вест – Војаџер 2 не само што е стабилен, туку се врати кон извршување неговата научна мисија.

Иако Војаџер 2 беше прволансирана од двете сонди, во 1977 година, нејзината траекторија низ Сончевиот систем беше подолга. Таа сè уште останува единственото летало што ги посетило и Сатурн и Нептун, поради што нејзиниот пат беше подолг и сондата пристигна до меѓуѕвездениот простор дури во 2018 година (за ова види тука и тука). Од друга страна, Војаџер 1 го напушти Сончевиот систем уште во 2012 година (за што пишувавме тука).

Во Jet Propulsion Laboratory на НАСА, инженерите сè уште комуницираат со вселенското летало и добиваат телеметрија.

Клучни зборови: