Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов – 23/24 ноември
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 24.11.2020 - 17:30

Во овој времеплов го одбележуваме роденденот на македонскиот астрофизичар Паскал Сотировски и го одбележуваме првото издание на “За потеклото на видовите”, книгата која донесе револуција во претставувањето на научната мисла.

 

23.11.1927 – Роден е Паскал Сотировски, македонски астрофизичар

Паскал Сотировски е роден во село Врбен, денес општина Маврово – Ростуше. Завршил основно училиште во местото на раѓање. Своето образование го продолжил во Горњи Милановац (Србија) каде завршил три одделенија од гимназијата, за потоа успешно да го заврши Образовното училиште во Белград. Поминал неколку години како наставник во училиште во Бела Црква, а во 1950 година како редовен студент се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје, на катедрата за физика. Дипломирал во 1956 година и започнал да предава физика во гимназијата “Јосип Броз Тито“ во Скопје.

Во 1961 година, Сотировски бил вработен како доцент по астрофизика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, по што е испратен на специјализација во Сорбона, Париз. Во 1964 година дипломирал астрофизика, а во 1971 година ја одбранил својата докторска теза по соларна физика и ја добил највисоката можна оценка. По добивањето на докторатот, Сотировски станал член на Францускиот национален центар за научни истражувања, што претставува големо признание за работата на еден научник. Тој бил член на Францускиот оддел за соларна и планетарна астрономија, а во 1991 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.

Сотировски имал својот кабинет во Опсерваторијата Медон во Париз и работел главно на зрачењето што потекнува од површината на Сонцето. Објавил таблици на спектрите од двоатомни молекули присутни на сончевата површина. Како научник со меѓународна репутација држел предавања во Америка, Јапонија, Русија, Индија и др. Неговите научни дела биле објавени во многу списанија ширум светот.

Во ’90-тите години од минатиот век ја основа фондацијата што го носи неговото име, која финансиски ги поддржува младите и талентирани македонски умови.

Починал на 20 јануари 2003 година во Париз, Франција. (Д. М.)

 

23.11.1992 – Магазинот BusinessWeek предвидува радикална промена во компјутерската индустрија

Со проекција дека IBM ќе има загуба од 5 милијарди американски долари во 1992 година, магазинот BusinessWeek ќе го опише компјутерскиот бизнис како индустрија што е на “работ од пропаст“. Според магазинот, компјутерската индустрија станува презаситена и може да колабира. Како поткрепа за неговите предвидувања списанието го наведува трендот на отпуштање работници што ги зафатил повеќето етаблирани компјутерски компании од тоа време, како што се ветеранот IBM, но и помладата фирма од типот на Sun Microsystems, Inc. Во нивната статија BusinessWeek ќе каже дека решението го гледа во диверзификација на индустријата, каде секоја компанија и бизнис ќе понуди специјализирани производи и услуги. (И. З.)

 

24.11. 1859 – Објавена е “За потеклото на видовите” од Чарлс Дарвин

Книгата со полно име “За потеклото на видовите преку природна селекција, или зачувување на подобрите раси во борбата за живот” ќе покрене револуција во научната литература. Иновативната теорија изложена пред јавноста ќе укаже на тоа дека биолошките популации еволуираат со текот на генерациите низ процес на природна селекција. Книгата на Дарвин е поттикната од мноштвото артефакти што тој ги собрал во текот на неговото второ патување со бродот “Бигл“ во 1830-тите. Доказите, надополнети со нови истражувања и експерименти спроведени по враќањето тој ќе ги формулира во единствена теорија.

Книгата, напишана за да биде читлива и за лаици, предизвикува голем интерес во јавноста. Имајќи го предвид времето во кое е издадена како и погледите кои директно се спротивставуваат на религиозните верувања за потеклото на животот, не е воопшто чудно што книгата предизвикала многу дискусии на научна, филозофска и религиозна основа.

Од нејзиното прво претставување пред јавноста, Теоријата за еволуцијата и самата ќе еволуира во склад со новите сознанија. Денес природната селекција е широкоприфатен научен модел за настанокот на видовите. Но и покрај мноштвото докази кои одат во прилог на оваа теорија, и покрај широкиот научен консензус, во некои земји и ден денес постојат огорчени противници на Дарвиновата теорија.

Повеќе за Дарвин, неговата книга “За потеклото на видовите” и за “контроверзите” може да прочитате во ЕМИТЕР 1/2004 (Еволуцијата на човекот на виделина), ЕМИТЕР 2/2005 (Дали Дарвин бил во право?), ЕМИТЕР 4/2005 (Науката на обвинителна клупа), ЕМИТЕР 10/2008 (Бебето на Луси), ЕМИТЕР 5/2009 (Дарвиновите јубилеи), ЕМИТЕР 12/2009 ("Еволуција" на теоријата за еволуција), ЕМИТЕР 2/2013 (Еволутивниот пат на системот за вид), ЕМИТЕР 1/2014 (Птиците се потомци од диносаурусите!), ЕМИТЕР 4-6/2017 (Заблуди, измами и вистини: Дали теоријата е докажана?), Историјата на нашиот свет сместена во 1 година, ... (Н. С.)

Клучни зборови:
Паскал Сотировски

Паскал Сотировски

Паскал Сотировски

Паскал Сотировски

Паскал Сотировски

Паскал Сотировски

Насловната страница на BusinessWeek

Насловната страница на BusinessWeek

Првото издание на За потеклото на видовите

Првото издание на За потеклото на видовите

Првото издание на За потеклото на видовите

Првото издание на За потеклото на видовите