Босанскиот Индијана Џонс - Семир (Сем) Османагиќ, кој себеси се опишува како босански Американец и слободен истражувач, со децении наназад бил во експедиции кои главно биле поврзани со археолошките локалитети на древните цивилизации во Централна и Јужна Америка. Особено внимание има посветено на скалестите пирамиди градени од Маите и Астеките во Мексико, Ел Салвадор, Гватемала, Хондурас и Костарика, нивната мистичност и значење. Во април 2005 година бил во посета на босанското гратче Високо во центална Босна, 30km оддалечено од Сараево каде што една случајна забелешка го навела во потрага на првата пирамида во Европа. Неговите сомнежи и теории во почетокот на оваа година го обиколија светот, привлекувајќи високи научни кругови од сите страни на светот, како и значително медиумско покритие. Сепак, скептицизмот сé уште преовладува во очекување на првите цврсти материјални докази за неговата теорија.