Античкиот географ и математичар Ератостен (275 – 194 пр.н.е.), е таткото на географијата; неговата географска терминологија се користи и денес. Бил роден во грчката колонија Кирена, денес градот Шахат во Либија. Бил одличен во сите научни дисциплини, па бил наречен „Пентатлонец“ – како натпреварувачите на Олимпските игри кои се способни за одлични резултати во пет различни атлетски дисциплини. Неговите опоненти цинично го нарекувале „Бета“, бидејќи не бил најдобриот („Алфа“) во секоја поединечна наука одделно. Сепак, широките познавања на Ератостен за сите можни области му ја донеле престижната позиција на главен библиотекар во Александриската библиотека – најголемата библиотека во тоа време.