Рубрика: Астрономија и астронаутика
Изградба на астрономска опсерваторија во Македонија
Автор: Слободан Таневски
Објавено на 28.01.2022 - 23:30

Опсерваторијата сместена на островот Хвар во Хрватска

Идејата за изградба на астрономска опсерваторија во Македонија прострујува низ македонскиот интелектуален простор отприлика на секои десетина години. Ова им е на сите добро познато, особено на аматерските астрономски друштва како и на сите љубители на астрономијата во Македонија. Колку сме блиску или далеку од вакво нешто?

Сонувачите никогаш не се откажуваат, а младите сили влеваат надеж дека можеби работите е можно да се мрднат во некоја подобра насока. Овој пат иницијативата за астрономска опсерваторија во Македонија доаѓа од порталот Арно.мк и неговиот уредник Бранко Прља, кој за таа цел формираше фејсбук група во којашто ќе може сите заинтересирани да дадат свое видување за можните опции за конечно да се стигне до оваа цел.

Како што велат од групата Астрономска опсерваторија во Македонија, нејзината цел е да се собереме сите заинтересирани за астрономијата, науката, напредокот и подобра иднина на Македонија и на сите нас, кои живееме тука. Да разменуваме знаења, информации, да се поврземе и да дојдеме до реализација – градење на првата модерна научна астрономска опсерваторија во Македонија по 6000 години од мегалитската опсерваторија во Кокино.

Колку што имам информации, првичната идеја за астрономска опсерваторија во Македонија е од пред 20-тина години од нашиот познат астрофизичар Паскал Сотировски и двајца професори од ПМФ при УКИМ – Скопје. Во тоа време се разгледувале и неколку можни локации, меѓу кои и Солунска Глава.

Некаде во 2010 година веќе почна погласно да се зборува за изградбата на еден ваков објект во рамките на проектот за геомагнетната опсерваторија за која иницијатива дал Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, т.е. Факултетот за природни и технички науки, катедра за геологија и геофизика. Проектот за градење астрономска опсерваторија на планината Плачковица, беше критикуван од неколку домашни научници, а со сите превирања што се случуваа во доменот на политиката некако оваа идеја се чини дека спласна и се изгуби некаде по коридорите и слепите улички од нашето секојдневие.

Астрономската опсерваторија Звездара во Белград. Опсерваторијата често се користи во образовни цели за студентите од соодветните насоки

Пред 11 години, од страна на тогашниот претседател на Република Македонија, проф. д-р Ѓорѓи Иванов, беше основана работна група која требаше да даде предлози и идеи за развојот на науката, техниката и иноваторството во Македонија. Во таа група, составена од декани и професори од повеќе факултети, претставници од Народна техника, здруженијата на пронаоѓачи и фирми кои имаа иновативни производи, бев и јас како уредник на ЕМИТЕР. Еден од предлозите на ЕМИТЕР вклучуваше и формирање на истражувачки центар со добро опремен технолошки парк, во склоп на кој би имало и астрономска опсерваторија. Но, како што и обично се случува, од сите идеи дадени од членовите на работната група не се реализира речиси ништо, освен Фондот за иновации и тоа во друга форма од предложената.

На темата Астрономска опсерваторија во Македонија Александар Шулевски (истражувач поврзан со радио интерферометарот за ниски фреквенции LOFAR и постдокторант при институтот за астрономија на Универзитетот во Амстердам – Холандија) во 2019 на својот блог ќе посвети посебен напис, при што ќе потенцира дека градбата и одржувањето на една Национална астрономска опсерваторија е скапа работа, но од друга страна градбата на неколку помали опсерватории секако би можело да внесе ветар во грб во популаризацијата и развојот на астрономијата барем на некое основно до средно ниво. Изградбата на барем една помала опсерваторија, поставена на соодветно место би претставувало огромен напредок од она што сега го имаме, а тоа е ништо.

Тимурленк Чековиќ, магистрант по кризен менаџмент на Воената Академија во Скопје, предложи локација на врвот Рамно, според него “место оддалечено на само 30км од Скопје, напуштен бивш воен камп (белгиски камп) со сета потребна инфраструктура кој има струја и многу поволно место за набљудување на ѕвездите“ .

Куполата на еднометарскиот телескоп, дел од Хварската опсерваторија, Хрватска (лево) и куполата од опсерваторијта во Прокупље, Србија (десно)

Накратко, ова се основните информации за иницијативата за изградба на Македонска астрономска опсерваторија на која, секако, се приклучува и ЕМИТЕР. Истовремено упатуваме повик до сите заинтерeсирани, почнувајќи од професорите на катедрата за астрономија при ПМФ, па сè до астрономите-аматери и љубителите на науката и техниката, да ја поддржат оваа иницијатива, за почеток со учество во дискусиите, размената на мислења и собирањето информации во фејсбук групата Астрономска опсерваторија во Македонија. Да се надеваме дека овој пат иницијативата ќе резултира со Македонска астрономската опсерваторија која ќе овозможи вклучување на нашите астрономи во сериозни научни истражувања, а ќе придонесе и за квалитетна практична настава на студентите од ПМФ и другите кои ја изучуваат астрономијата, а преку студиски посети и за сите заинтересирани наставници и ученици од македонските училишта.

Клучни зборови:
Опсерваторијата сместена на островот Хвар во Хрватска

Опсерваторијата сместена на островот Хвар во Хрватска. Изградена како мала опсерваторија во 70-тите години од минатиот век, оваа опсерваторија денес е дом на три сериозни телескопи.

Куполата од 1-метарскиот телескоп на Хварската опсерваторија

Куполата од 1-метарскиот телескоп на Хварската опсерваторија

Астрономската опсерваторија Звездара во Белград. Опсерваторијата често се користи во образовни цели за студентите од соодветните насоки

Астрономската опсерваторија Звездара во Белград. Опсерваторијата често се користи во образовни цели за студентите од соодветните насоки

Опсерваторијата лоцирана недалеку од Прокупље Србија

Опсерваторијата лоцирана недалеку од Прокупље Србија. Местото за изградба е избрано поради минималното, речиси никакво светлинско загадување

Телескопот од опсерваторијата во Прокупље

Телескопот од опсерваторијата во Прокупље