Сè во природата е променливо, бидејќи сè е составено од атоми кои се спојуваат и се распаѓаат во облици што постојано се менуваат. Но, колку долго траат атомите? Дали тие навистина се вечни? Всушност, некои атоми се практично вечни, но има и други кои постојат само неколку многу кратки моменти.
Во рудиментарна смисла може да кажеме дека атомите се составени од јадро и облак од електрони што го опкружуваат јадрото. Електроните, особено оние најоддалечените, се движат непрекинато од еден атом до друг, при што воспоставуваат хемиски врски. Но, она што навистина ја дава природата на атомот е неговото јадро. Општо земено, од јаглеродот до силициумпт, од железото до среброто итн, јадрата што го формираат светот околу нас се мошне стабилни. И ова накратко објаснува зошто алхемичарите не биле во можност да преобразат други елементи во злато.
Сепак, постојат некои елементи каков што е ураниумот (U-238), на пример, кои се нестабилни и за подолги или помалку долги (или кратки) временски периоди се трансформираат во други елементи. Ураниум 238 има полуживот, односно период на полураспаѓање од 4,5 милијарди години, кај полониумот (Po-209) овој период изнесува еден век, додека кај франциумот (Fr-223) тој изнесува сè на сè само 22 минути. Јаглеродот-14 (C-14), којшто претставува изотоп на јаглеродот и којшто се користи за датирање на наодите во археологијата, има полуживот од 5 730 години.
Основата на атомското јадро ја чинат протони и неутрони. Неутроните се стабилни само во атомите. Па така, ако се изолираат тие се трансформираат во други честички за неколку минути. Од друга страна протоните се мошне стабилни. Но, сепак, за долотрајноста на животниот век на протонот сè уште се дебатира помеѓу физичарите, бидејќи конечниот заклучок би имал мошне важни теоретски последици. На ова прашање сè уште нема дефинитивен одговор и единствено сигурно е дека трајноста на протонот е енормно супериорна во однос на животниот век на сè друго во Универзумот. Оттука, за сите практични цели, водородните јадра, кои во основа се состојат од само еден протон, може да се сметаат за вечни.