Климатските промени ги доведоа во ризик зимските спортови – многу градови што во минатото биле домаќини на зимската олимпијада денес веќе не би можеле да да го сторат тоа.
Човековите активности предизвикуваат зголемување на емисиите на штетни гасови, овие емисии го влошуваат ефектот на стаклена градина, ефектот на стаклена градина доведува до зголемување на просечните температури на планетата, а зголемувањето на просечните температури го затвора кругот, со уништувачко влијание врз целокупната животна средина, врз човекот и неговите креации. Шемата се повторува насекаде, не поштедува никого и ништо, па ниту спортот.
Имено, одредени спортови се тесно поврзани со временските прилики, на што укажува и студијата објавена деновиве во Current Issues in Tourism, во којашто се анализира еден од, барем засега, најмалку разгледуваните несакани ефекти на климатските промени, а тоа е штетата што ќе ја претрпат Зимските олимписки игри и спортовите што се практикуваат на снег. Студијата е дело на меѓународен научен тим координиран од Даниел Скот од Универзитетот во Ватерло, Онтарио.
Истражувањето не случајно започнува од Канада, една од најпознатите дестинации во светот за зимски спортови, која во минатото веќе двапати била домаќин на ЗОИ. Скот и неговиот тим го разгледаа податоците за климатските промени на локално ниво за 21 град домаќин на ЗОИ во последните 100 години; потоа тие ги споредија овие податоци со климатските проекции за иднината и се обиделе да одредат кој од овие градови сè уште би можел да биде домаќин на настанот по 30 и по 60 години од денес.
Резултатите се поразителни – во најлошото сценарио, она во кое не можеме да ги намалиме емисиите стакленички гасови и во коешто глобалните температури растат со сегашнoто темпо, до 2050 година само еден од овие 21 града сè уште би можел да се јави како организатор на зимската олимпијада. Дури во најдоброто сценарио, во кое успеваме да ги намалиме емисиите на стакленички гасови во согласност со парискиот договор, иднината не е особено светла – само 8 од 21 град би можеле да бидат домаќини на ЗОИ.
Истражувањето на свој начин овозможува да сфатиме колку брзо и колку многу се влошиле работите во однос на климата. За време на ЗОИ одржани помеѓу 1920 и 1950 година, просечната температура на градовите домаќини била -0,4 °C, помеѓу 60-тите и 90-тите таа се покачила на 3,1 °C, додека на олимпијадите одржани во овој век просекот веќе изнесува 6,3 °C !
Понатамошното очекувано зголемување на просечните температури уште повеќе ќе го отежне, а можеби ќе го направи речиси невозможно безбедното организирање на овие настани. Особено ќе настрада Европа, која до 2050 година веројатно веќе нема да има каде да ги организира Зимските олимписки игри. Проблемот веќе го чувствуваат и сите оние кои учествуваат на Олимпијадата. Студијата вклучува анкета спроведена меѓу спортистите и тренерите за зимски спортови – од нив 94% се изјасниле дека се сигурни дека климатските промени ќе имаат силно негативно влијание врз нивната работа.