Рубрика: Астрономија и астронаутика
Потврдено постоењето на нов земјин тројански сателит
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 02.02.2022 - 13:45

Новооткриениот тројански сателит на Земјата ќе остане сместен во една од Лагранжовите точки во наредните четири илјади години.

Меѓународен тим од астрономи предводен од Тони Сантана-Рос од Универзитетот во Аликанте и Институтот за вселенски науки при Универзитетот во Барселона (ICCUB) го потврди постоењето на, досега, вториот земјин тројански астероид – 2020 XL5. Откритието доаѓа по една деценија потрага, а резултатите од студијата беа објавени неделава во списанието Nature Communications.

Сите небесни тела што се движат низ нашиот Сончев систем го чувствуваат гравитациското влијание на масивните објекти што влегуваат во неговиот состав, тука вклучувајќи го и Сонцето и планетите. Ако го земеме предвид само системот Земја – Сонце, Њутновите закони за гравитација наведуваат дека има пет точки во коишто сите сили што дејствуваат на објектот лоциран во таа точка се поништуваат една со друга. Овие региони се нарекуваат Лагранжови точки и тие се области со голема стабилност. Тројанските астероиди на Земјата претставуваат мали тела што орбитираат околу Лагранжовите точки L4 или L5 во системот Сонце – Земја.

Добиените резултати потврдуваат дека 2020 XL5 е засега вториот минлив Земјин тројански сателит за којшто знаеме до денес. Сè укажува на тоа дека објектот ќе остане тројанец, “заробен” во Лагранжовата точка во наредните четири илјади години, поради што е оквалификуван како минлив (транзиентен). Истражувачите проценија дека објектот е со пречник од околу еден километар, што го чини поголем од првиот Земјин тројански сателит за којшто знаеме, 2010 TK7, а чијшто пречник изнесува “едвај” 0,3 километри). Истовремено научниците дадоа и проценка за импулсниот потисок што треба да го поседува една ракета за да отпатува од Земјата до астероидот.

Дијаграмот го прикажува распоредот на петте Лагранжови точки во системот Земја – Сонце

Иако со децении се знае за постоењето на тројански сателити на другите планети како Венера, Марс, Јупитер, Уран и Нептун, првиот астероид во форма на тројански сателит на Земјата беше пронајден дури во 2011 година, и покрај бројните претходни обиди за пронаоѓање на Земјините “тројанци”. Веќе биле правени in situ набљудувања и претраги во областа на Лагранжовите точки, како пребарувањето во регионот на L4 извршено од леталото OSIRIS-Rex на НАСА, или пребарувањето во регионот L5 спроведено од мисијата Hayabusa-2 на JAXA. Но, сите овие претраги не вродиле со плод.

Нискиот успех на потрагата делумно може да се објасни со геометријата на самиот објект што орбитира околу точките L4 или L5 во системот Земја – Сонце, односно неговата видливост од нашата планета. Имено, овие објекти вообичаено се видливи кога над хоризонтот се поблиску до Сонцето. Со самото тоа временскиот интервал за набљудување – од астероидот што се издига над хоризонтот до изгрејсонцето, е мошне мал. Поради тоа астрономите ги насочуваат своите телескопи многу ниско над хоризонтот, каде што условите за видливост се најлоши и каде непосредната сончева светлина почнува да ја заситува заднинската осветленост на сликите по само неколку минути од набљудувањето.

За да го реши овој проблем, тимот најнапред направил проценка за тоа кои од четириметарските телескопи би можеле да набљудуваат во такви услови, по што ги истражиле податоците од 4,3 метрарскиот телескоп Ловел Дискавери (Аризона, САД) и 4,1 метарскиот телескоп SOAR на Националната научна фондација NOIRLab (Серо Пачон, Чиле).

Новооткриениот тројански сателит на Земјата, засега втор познат сателит од овој тип, ќе остане сместен во една од Лагранжовите точки во наредните четири илјади години

Откривањето на Земјините тројански астероиди е многу значајно бидејќи тие во себе можеби кријат чист “запис” за раните услови што владееле при формирањето на Сончевиот систем. Ова се должи на тоа што примитивните “тројанци” веројатно коорбитирале околу планетите за време на нивното формирање и имале удел во динамичната еволуција на Сончевиот Систем. А освен тоа, тројанските сателити на Земјата се и идеални кандидати за потенцијални идните вселенски мисии – бидејќи точката L4 ја има истата орбита како и Земјата, потребна е сосема мала промена во брзината на ракетата за таа да се достигне. Ова значи дека на вселенското летало ќе му треба низок енергетски буџет за да остане во заедничка орбита со Земјата, одржувајќи фиксно растојание до неа. Како што укажуваат научниците земјините “тројанци” би можеле да станат идеални бази за напредно истражување на Сончевиот систем, па дури и извор на ресурси.

Откривањето на повеќе тројанци ќе го прошири нашето знаење за динамиката на овие непознати објекти и ќе даде подобро разбирање на механиката што ја овозможува нивната минливост.

Клучни зборови:
Новооткриениот тројански сателит на Земјата ќе остане сместен во една од Лагранжовите точки во наредните четири илјади години.

Новооткриениот тројански сателит на Земјата, засега втор познат сателит од овој тип, ќе остане сместен во една од Лагранжовите точки во наредните четири илјади години Фото: NOIRLab/NSF/AURA

Дијаграмот го прикажува распоредот на петте Лагранжови точки во системот Земја – Сонце

Дијаграмот го прикажува распоредот на петте Лагранжови точки во системот Земја – Сонце Фото: NOIRLab/NSF/AURA