Рубрика: Информатика
Започна номинирањето за Сајт на годината 2021
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 01.02.2022 - 18:30

Традиционално, изборот којшто Media Solutions го организираат за Сајт на годината се одвива од некаде кон крајот на ноември до последните десетина дена во декември од тековната година. Но, како што тоа време дојде и појде, многумина сметаа дека можеби организаторите се откажале од манифестацијата. Сепак, се чини дека со мало задоцнување, поради (како што велат тие) глобално неизвесната ситуација, идејните автори на овој настан Медиа Солушнс, повторно на едно место ќе ги соберат најдобрите, а интернет публиката ќе има можност најнапред да ги номинира, а потоа со гласање и да ги избере најдобрите македонски сајтови во минатата 2021 година.

Како и лани, веб-сајтовите што учествуваат во изборот за Сајт на годината 2021 може да бидат пријавени од секој интернет-посетител на сајтот sajtnagodinata.mk најдоцна до 13 февруари на следниов линк https://sajtnagodinata.mk/nominacii/ . Споредено со лани бројот на категории е зголемен за четири, во што не е вклучен и изборот на “севкупниот победник” за Сајт на годината.

За разлика од лани, овојпат номинирањето е мошне подноставено и поинтуитивно, така што целиот процес се одвива во неколку чекори и ќе ви одземе најмногу 1-2 минути од вашето време: внесувате име и адреса на сајтот, ги чекирате категориите во коишто го номинирате, ги оставате вашите податоци, по избор (не е задолжително) внесувате и име на уредникот и скриншот на сајтот/порталот и, на крај, го притискате копчето “Номинирај”. По ова веднаш на вашата e-mail адреса ќе биде испратена информација дека вашата номинација за Сајт на годината 2021 е прифатена. И – тоа е тоа.

Секој интернет посетител може да пријави повеќе сајтови во различни категории, а еден ист сајт може да се номинира во максимум 6 од предложените категории: Најдобар забавен сајт, Најдобар сајт за вести и информации, Најдобар спортски сајт, Најдобар мобилен сајт, Најдобра мобилна апликација, Најдобар корпоративен сајт, Најдобар сајт за образование, наука и култура, Најдобар сајт за невладини организации, Најдобар сајт за владини/државни институции, Најдобар сајт за ИТ и електроника, Најдобар сајт за финансиски услуги, банкарство и осигурување, Најдобар сајт за туризам и угостителство, Најдобар сајт за автомобилизам, Најдобар сајт за мода и убавина, Најдобар сајт за храна и здравје. Наместо избор за Најдобар сајт за е-трговија и огласи, оваа година имаме раздвојување на оваа категорија во Најдобар сајт за е-трговија и Најдобар сајт за огласи и вработувања, додека досегашната категорија Најдобар блог сега се расчленува на две нови категории – Најпопуларна е-атлета и Најпопуларен Јутјубер. Се воведуваат и две сосема нови категории – Најпопуларен онлајн / хибриден настан и Најдобра автоматизирана алатка/ чет бот.

Па, доколку имате некој ваш фаворит за секоја или барем за некоја од овие категории, повелете и номинирајте го. Бидејќи оваа вест ја читате тука, се надеваме дека вашата номинација ќе биде токму за emiter.com.mk во категориите: Најдобар сајт за вести и информации, Најдобар сајт за образование, наука и култура и за Најдобар сајт за ИТ и електроника и, секако, нашата фан страница facebook.com/EmiterSpisanie за избор за Најдобра Facebook фан страна или група. wink

Откако номинациите ќе бидат затворени, следува гласањето коешто ќе се одвива во периодот од 14 до 26 февруари, а веќе следниот ден по затворање на гласањето, на 27 февруари ќе бидат прогласени победниците.

Како што истакнуваат организаторите, проектот Сајт на годината има за цел да ги промовира, развива и поддржува интернет медиумите и севкупното интернет издаваштво во Македонија. Мисијата е да го подигне нивото на електронскиот медиумски простор преку препознавање и наградување на најдобрите остварувања од разни области на електронското издаваштво и развој на интернет културата.

За потсетување главната награда Сајт на годината 2020 ја понесе Фејсбук групата Ковид19 искуства и совети а Првиот победник за 2010 година беше kajgana.com

Клучни зборови: