Рубрика: Информатика
Прогласени победниците за Сајт на годината 2020
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 20.12.2020 - 12:00

Македонската дигитална маркетинг-агенција Media Solutions годинава по 11. пат го организираше изборот на Сајт на годината и од вкупно 533 номинирани сајтови прогласи по три победници во 18 категории. Изненадувачки и збунувачки, епитетот Сајт на годината 2020 го понесе фејсбук групата „Ковид19 – искуства и совети“. А позитивно изненадување за нас е што сајтот на Емитер се закити со сребрена плакета во категоријата „ИТ и електроника“.

Media Solutions, како сопствeник на платформата keepaneye.mk, а со поддршка на Министерството за култура го организираше изборот за Сајт на годината 2020. За потсетување, Сајт на годината е проект што се организира по 11. пат и според организаторите има за цел да ги промовира, развива и да ги поддржува интернет-медиумите и севкупното интернет-издаваштво во нашата земја.

Во оваа насока, од Медиа солушнс ќе кажат:

 „Оваа година, во услови на светска пандемија со ковид-19, особено дојде до израз потребата од квалитетен кибер-простор. Во услови на препорачана физичка дистанца, темпото на миграција на активностите онлајн беше принудно засилено и многу институции и компании, иако непотполно подготвени, за кратко време успеаја да ги овозможат своите услуги и активности преку интернет. Сите што можат работат онлајн, учениците и студентите учат онлајн, дури и се дружиме преку интернет. Интернет-просторот расте и е сѐ покомплексен и разновиден. Веројатно ќе ја паметиме оваа 2020 година по многу лоши работи, но се надеваме дека ќе остане и нешто добро – алтернативни начини на работа, учење, купување, дружење – сето тоа овозможено преку интернет.

Прогласувањето на победниците за 2020 година беше проследено од голем број гледачи, преку платформите за онлајн-стриминг, достапни на Sajtnagodinata.mk и на Фејсбук-профилите на организаторот Media Solutions. Беа прогласени по три победници во 18 категории, избрани од вкупно 533 номинирани сајтови за коишто гласаа десетина илјади гласaчи. Целокупниот список на наградени по категории е достапен на крајот од овој напис.

Eпитетот Сајт на годината 2020 го понесе сегмент од социјалната мрежа Фејсбук ‒ групата ‘Ковид19 искуства и совети’. По тој повод, на манифестацијата се приклучи администраторот на Фејсбук-групата „Ковид19 искуства и совети“, Антони Пешев, кој се заблагодари на наградата и им ја посвети на членовите на групата.

Позитивно изненадување за нас беше што порталот на списанието Емитер, emiter.com.mk, беше прогласен за втор најдобар во категоријата „ИТ и електроника“. Со оглед на тоа што сме свесни за некои технички недостатоци на нашиот сајт во поглед на неговата скалабилност при приказ на различни уреди, на пример, а на кои работиме за наскоро да бидат надминати, задоволни сме од нашиот пласман и ви благодариме на сите што нè номиниравте и што гласавте за нас.

За изборот за Сајт на годината да биде прогласена Фејсбук-групата ‘Ковид19 искуства и совети’ од Медиа солушнс велат:

 „Оваа 2020 беше година без преседан. Како што велат луѓето од Оксфордскиот речник, кои секоја година избираат збор на годината, 2020, малку иронично, нѐ остави без зборови, а беа прогласени десетина зборови како зборови на 2020, меѓу кои ковид-19, пожари, работа од дома, локдаун, меури за поддршка, Црните животи се важни и др.

Оваа година, победникот на Сајт на годината не е сајт, сосема во стил на другите работи што ни се случуваа оваа година. Оваа година победникот на Сајт на годината е заедница на луѓе, кои во најголем број не се познаваат меѓусебно, но си помагаат несебично. Оваа година, кога се плашиме да излеземе и да се дружиме, дури и со најдрагите и најблиските, кога знак на љубов кон нашите мајки и татковци, баби и дедовци е да не се гледаме со нив, победи заедништвото, сплотеноста околу заедничкиот непријател.

Оваа година победникот на Сајт на годината е Фејсбук-група, формирана многу неодамна, на 1 ноември 2020 година, а по 6 недели брои над 28 000 членови. Им честитаме на креаторите на групата за победата, за одличната идеја и за уште подобрата организација. Им честитаме на сите членови на групата што активно ги споделуваат своите искуства, со надеж дека ќе им помогнат на другите. И секако, им посакуваме добро здравје и брза и лесна победа над вирусот.

Од Медиа солушнс велат и дека изборот на Сајт на годината во текот на овие 10 години прерасна во алатка за промоција на талентот на сè поголема група сопственици на сајтови, дизајнери, програмери, новинари, фриленсери и огромен број ентузијасти кои работат во кибер-просторот во Македонија. Ние ќе прашаме каде се сите овие нишани кај Фејсбук-група?

Секако, треба да им се честита на сите што се борат и се бореле со опаката болест, за поздрав е идејата за размена на искуства, но... Фејсбук-група не е сајт. Со овој чин се потценуваат сите што вложиле сопствен труд, време, материјални средства да изградат и да направат виртуелно место што ќе има сопствен белег и ќе претставува своевидно оригинално решение. Ако Медиа солушнс велат дека проектот има за цел и да ги поддржува интернет-медиумите и севкупното интернет-издаваштво во нашата земја, која е пораката? Дали треба да престанеме да се залажуваме со креирање сопствени сајтови и онлајн-продавници, мобилни апликации и решенија, кога нели постојат готови (бесплатни) социјални сервиси кои многу полесно ќе нè доведат до решението што можеби не е оригинално, но ете, пак се брои за сајт!

Се разбира, ги поддржуваме организаторите дека треба да има категорија посветена на социјалните мрежи и во таа насока би им предложиле и воведување категорија за најдобар YouTube канал/ најдобар јутјубер, најдобар корпоративен Инста-профил, најдобар Инста-профил, највлијателен Твитер-профил, можеби. Исто така би ги поттикнале во својот избор да вклучат и награда за најдобар видео- и аудиоподкаст.

Во поглед на изборот за сајт на годината, освен гласањето од публиката, можеби како главен репер треба да се воведат и некои објективни критериуми за вреднување, како што се, на пример: брзина на отворање на сајтот, организираност, дизајн, функционалност, застапеност на неопходните сегменти (импресум, контакт...), процент на сопствени содржини, итн. Објективните параметри да ги вреднува пошироко стручно жири составено од претставници на маркетинг-агенциите, претставници од интернет-медиумите (или нивните здруженија) и професионалци од соодветните области, врз основа на што би бил направен изборот за Најдобар сајт во соодветните категории. Од друга страна, гласањето од публиката би одлучувало за изборот на Најпопуларен сајт во соодветните категории. Исто така предлагаме да се обрне повеќе внимание на дефинирањето на категориите и на тоа да не се мешаат различни работи во иста категорија, на пример информативен сајт, е-продавница и фирма (како годинава во категоријата за ИТ и електроника), или блог и сајт (како во категоријата автомобилизам, на пример).

Се надеваме дека во Медиа Солушнс ќе ги разгледаат нашите предлози и дека следната година ќе имаме можност да гледаме еден уште поразновиден избор за најдобар Сајт на годината, кој ќе има поголема тежина и сеопфатност.

 

Преглед на сите наградени за Сајт на годината 2020 по категории:

Категорија Најдобра мобилна апликација

1. Cashback world
2.
Мојот А1
3. 
Air Care (Мој воздух)

Категорија Храна и здравје

1. Sezahrana.mk
2. 
Moirecepti.mk
3. 
Gotvi.mk

Категорија Мода и убавина

1. Elieve.mk
2.
Irinatosheva.com
3.
Fashiongroup.com.mk

Категорија Автомобилизам

1. Mkformula1.blogspot.com
2.
Krug.mk
3.
Avtomagazin.com.mk

Категорија Туризам и угостителство

1. Impala.com.mk
2.
Patokolusvetot.mk
3.
Llgourmet.mk

Категорија Финансиски услуги, банкарство и осигурување

1. Ohridskabanka.mk
2.
Silkroadbank.com.mk
3.
Sparkasse.mk

Категорија ИТ и електроника

1. Neptun.mk
2.
Emiter.com.mk
3.
Smartportal.mk

Категорија Фејсбук фан-страница или група

1. Ковид19 искуства и совети
2. Здрава Храна МК верзија - Zdrava Hrana MK verzija
2. Донирај компјутер - Борче Стаменов
3. Бифе Тафталиџе

Категорија Невладини организации

1. Msmakedonija.eu.org 
2. 
Borka.org.mk
3. 
Nextgeneration.com.mk

Категорија Владини/државни институции

1. Nationalgallery.mk
2.
Krivapalanka.gov.mk
3. 
Karpos.gov.mk

Категорија Образование, наука и култура

1. Ykc.edu.mk
2.
Fakulteti.mk
3. 
Msu.edu.mk

Категорија Е-трговија и огласи

1. Vrabotuvanje.com.mk
2. 
Cashbackworld.com
3. 
Rakupen.mk

Категорија Корпоративен сајт

1. Mchamber.mk
2. 
A1.mk
3. 
Unet.com.mk

Категорија Мобилен сајт

1. Cashbackworld.com
2.
Serafimov.mk
3. 
Iqos.com

Категорија Блог

1. Blog.literatura.mk
2. 
Fashiongroup.com.mk/blog
3.
Sezahrana.mk

Категорија Спорт

1. Sportmedia.mk
2. 
Gol.mk
3.
Ekipa.mk

Категорија Забава

1. Crnobelo.com.mk
2.
Gg.mk
3.
Cinesquare.net

Категорија Вести и информации

1. Fakulteti.mk
2.
Porta.mk
3. Plusinfo.mk

Клучни зборови: