Малиот рептил Тридентиносаурус антиквус (Tridentinosaurus antiquus) бил откриен во далечната 1931 година во близина на Страмајоло, на висорамнината Пине, во алпскиот регион Трентино. Фосилот се чува во Природонаучниот музеј при Универзитетот во Падова, а се смета дека е значаен не само поради неоспорната вредност на фосилните докази за времето на Пермот (периодот пред 300 до 250 милиони години), туку и поради неговиот необичен изглед што се должи, како што барем досега се веруваше, на мошне редок процес на зачувување на меките ткива, особено на кожата. Токму поради оваа причина се сметаше дека се работи за уникатен примерок со непроценлива научна вредност. Но, отсуството на слични фосили поттикна сомнеж меѓу научната заедница за веродостојноста на карактеристиките на овој фосил.