Пред десетина дена во многу јавни медиуми беше објавена вест за можна изградба на т.н. “Скопје на вода“, градежен комплекс на кејот на реката Вардар на потегот помеѓу хотелот “Александар Палас“ и устието со Лепенец (кај ул. Љубљанска), нешто слично како “Белград на вода“. Инвеститори ќе бидат фирми од Србија и од Македонија, како и компанија од Обединетите Арапски Емирати, која го градела “Белград на вода“.
Но, според генералниот урбанистички план (ГУП) донесен во време на владата на Заев згради може да се градат покрај бул. Илинден на извесно растојание од реката Вардар, а не покрај неа. Било предвидено изградба на 42 згради и кули, а еден дел да биде парк-шума. Иако се работело на донесување на детален урбанистички план (ДУП) во општината Карпош, до денес тоа не е направено, што значи дека не може да се даваат одобренија за градба.
Општина Карпош објави демант на информациите за урбанизација со наводен проект „Скопје на вода“. Велат дека тоа е груба лага и манипулација за некакви проекти налик на искуства од други држави во регионот. Ниту планирале таков тип на урбанизација ниту планираат таков проект.
Од кабинетот на сегашниот градоначалник на општината Карпош изјавуваат дека сите започнати постапки од претходното раководство, преку надлежната комисија за урбанизам се дадени на ревидирање и повторно разгледување, а со цел да се заштити интересот на граѓаните, развојот на зелениот простор во општината, хуманото уредување на просторот во рамки на законската регулатива.
Во урбанистичките планови оваа површина е означена со четврт З-01 (меѓу ул. Љубљанска и вливот на Лепенец) и четврт З-04 (од ул. Љубљанска до бул. 8 септември (т.е. до хотел Александар Палас). Делот З-01 е многу помал, а претходната градоначалничка на Скопје го уреди со трева и млади дрвја, но без одржување тоа брзо се запусти – сега има само гола земја. Делот З-04 е многу поголем и таму веќе се изградени неколку големи згради почнувајќи од ул. Љубљанска долж бул. Илинден. Видете ја сликата подолу – класична бетонизација. Реката Вардар е зад нив, а свежиот воздух покрај реката нема можност да го премине “ѕидот“ од згради.

Нови згради на бул. Илинден скоро изградени (пред некоја година) Позади е реката Вардар на растојание помало од 100 метри
Според информации од некои медиуми (провериле во Катастар), голем дел од земјиштето вдолж бул. Илинден е веќе откупено и спремно за градење. Ако во иднина работите се одвиват “како до сега“, изградба на нови згради ќе продолжи вдолж бул. Илинден.
Апелирам веднаш да се запре изработка на ГУП и ДУП врз основа на претходната и сегашната верзија за овој дел од градот, да се создава амбиент за похумано живеење со повеќе зеленило, почист воздух и услови според потребите на граѓаните. Според проверени податоци во градот Скопје околу 35% од становите во зградите се празни.
Според мене отворен проблем е делот (четврт З-04) кој има голема површина меѓу бул. Илинден и реката Вардар, помеѓу нив има променливо растојание од околу 200 до 400 м. Во моментов тој дел e запуштена површина и најчесто нелегално се користи за одложување на отпад, односно претставува еден вид дива депонија.
Во изработката на нов урбанистички план предлагам овој дел да биде зона за рекреација, спорт, култура, забава и други содржини што ќе ги предложат урбанисти, но задолжително да има ефективна (не фиктивна) анкета кај граѓаните од оптината Карпош. Предлагам:
• Голем дел од површината да биде како парк-шума, да има тревници (со автоматско полевање со вода), да има патеки и клупи, фонтани, јавни чешми за вода за пиење...
• За спортски активности да има: едно игралиште за голем фудбал (веќе постои едно) и неколку игралишта за мал фудбал, за кошарка, за одбојка, за тенис, разни справи за вежбање за возрасни.
• Катчиња за игри за мали деца.
• Да бидат засадени дрвја со веќе оформено стебло, да се оформат мали шумски површини.
• Веројатно ќе треба да се предвидат јавни тоалети. Можеби неколку киосци за јадење и пиење “на нога“, но не ресторани и слични објекти со цврста градба.
• Да се направи нешто како мала сцена со бина за разни претстави, приредби, промоции и слично.
Се разбира дека архитекти (урбанисти) можат да го осмислат овој простор постручно од мене, со повеќе идеи, а во интерес на похумано живеење на граѓаните. За предложените горни содржини не се потребни големи финансиски средства за инвестиции. Но, треба да се размислува и за одржување, а ако за тоа треба многу пари, тогаш предложените содржини треба да се редуцираат.
Упатувам апел до градоначалникот на Град Скопје и советниците да го ревидираат ГУП-от на овој дел од градот во насока на спречување на изградба на нови згради покрај реката Вардар. Истото важи и за градоначалникот на оптината Карпош на кој во изборната програма ударна заложба му беше стоп на бетонизација, а советниците на општината Карпош да го подржат неговото ветување.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје