По минатото издание на макетарската изложба и интернационален натпревар во организација на Макетаскиот клуб “Мајор Михајло Ивановски – Микс” од Скопје, членовите на клубот донесоа одлука истото да се оддржува како биенале. Причините за тоа лежат во фактот дека во овој период се оддржуваат повеќе вакви манифестации во соседството и пошироко, кои имаат интересна содржина, голем број посетители и натпреварувачи и богата берза! Така членовите на клубот ќе бидат во можност да присуствуваат на некој од тие настани, а воедно и да им се овозможи на партнерските клубови да нѐ посетат во поголем број.
По поминати две години минатиот викенд (27-ми и 28-ми февруари и 1-ви март) се одржа Осмото издание од овој настан и шестиот по ред натпревар попознат како “Куп Скопје”.
Оваа година бевме пријатно изненадени со големиот интерес при отворањето на настанот со поголем одзив на наши пријатели, блиски и останати граѓани кои биле информирани или преку страницата на клубот, страницата на Културниот центар “Јадро” или останати информативни страни и медиуми.


Вториот ден беше резервиран за изложбата каде сите оние кои имаат да прикажат некоја своја креација имаа можност тоа да го сторат. На изложбата можеа да се видат околу 200 макети, диорами, вињети и останати креации кои спаѓаат во овој домен. Покрај макетарските поставки имавме и еден дополнителен куриозитет, настанот односно изложбата ја надополнија членовите на Гандам клубот “Ore Wa Gundam – Crew” со своите Гандам фигури.

Во неделата, на 1-ви март се оддржа интернационалниот натпревар “Куп Скопје” на кој учествуваа 50-тина натпреварувачи со околу 200 макети или креации од целиот регион и пошироко. Натпреварувачите се натпреваруваа во вкупно 21 категорија од кои 19 беа сениори, една кадети и една јуниори. Имавме макети на клубовите од Република Грција, Република Бугарија, Република Србија, Република Словачка, Руската федерација и секако на домашни учесници.



Во вкупниот пласман се доделија по три места за секоја категорија рангирани од прво до трето. Покрај тоа беа избрани и најдобра макета на овогодишното натпреварување кое му припадна на макетарот Станислав Петков од Република Бугарија, кој се прикажа со макета на кокпит од авионот МиГ-29 во размер 1/16 изработен во самоградба и секако меморијалната награда во чест на нашиот доајен по кој е именуван клубот му припадна на макетарот Николај Новиков од Руската федерација кој се претстави со макета на Masserschmitt Bf-109 во размер 1/72.

Трите дена резервирани за макетарските ѕвезди во Скопје поминаа во атмосфера на дружење, размена на мислења и знаења, како и евоцирање спомени од минатите натпревари. Секако, не изостанаа поканите за следните средби што ќе се оддржат во соседството, на кои дел од членовите на МК Мајор Михајло Ивановски – Микс секако ќе одговорат и ќе го прикажат најдоброто од своите работилници, ниво кое веќе нашироко е признато и прифатено како финален производ со издржана тематика, завршна површина и квалитет на детали кои се рангирани во самиот врв на макетарската сцена.
За крај, да ги спомнеме и спонзорите на овогодишниот настан без кои секако немаше да се прикажеме на достоинствено ниво: компаниите ПИК.КО, Микротех, Литература МК, Про-поинт и секако Културниот центар “Јадро” кој нѝ го овозможи просторот за оддржување на настанот.
Следното издание на овој настан е планиран за две години во ист термин – првиот викенд од март, викенд кој е резервиран за македонското макетарско издание на ниво на сите балкански макетарски збиднувања. Благодарност до сите посетители, верни поддржувачи и ентузијасти кои нѐ следат и поддржуваат сиве овие години наназад.
Повеќе детали и фотографии од изложбата можете да најдете на фејсбук профилот на макетарскиот клуб 'Мајор Михајло Ивановски – Микс'