Со децении научниците од Институтот SETI внимателно го слушаат космосот, надевајќи се дека ќе уловат радио порака од интелигентна цивилизација. Но, едно ново истражување објавено во The Astrophysical Journal предлага дека можеби сме барале на погрешен начин. Се покажува дека сигналите што би ги испраќале вонземјаните не секогаш стигнуваат до нас во нивната „чиста“ форма.
Ако некоја вонземска цивилизација постои и потенцијалоно испраќа порака во вид на радио сигнали, оваа порака мошне извесно започнува како остар и тесен фреквенциски пик и токму такви се сигналите што истражувачите од SETI најчесто ги бараат. Но, патот низ вселената е полн со пречки. Турбуленцијата на плазмата околу ѕвездите, сончевите ветрови и короналните ерупции од матичната ѕвезда, можат да го „заматат“ сигналот, да го прошируваат и ослабат. Па, наместо јасен пик до Земјата може да стигне нешто со многу поширок опсег и послаба јачина. Имајќи предвид дека : SETI традиционално бара исклучително тесни сигнали, алгоритмите за пребарување може едноставно да ги игнорираат ваквите „заматени“ пораки и тие би останале незабележани.
Истражувачите го потврдиле ова со анализа на радио преносите од сондите во нашиот Сончев систем. Имено, тие внимателно измериле како плазмата влијае врз сигналите и потоа ги екстраполирале резултатите кон други ѕвезди. Особено интересни се М-џуџињата, најчестиот тип ѕвезди во нашата галаксија (околу 75% од сите ѕвезди во Млечниот Пат). Тие се познати по својата бурна активност, па токму таму шансата за „заматување“ е најголема.

„Ако сигналот се прошири уште во матичниот ѕвезден систем, тој може да падне под нашиот праг за детекција, иако е таму,“ објаснува д-р Вишал Гајар од SETI. Неговата колешка Грејс Браун додава дека “со квантитативно мерење на влијанието на ѕвездената активност, можеме да дизајнираме пребарувања што се усогласени со тоа што навистина стигнува до Земјата.”
Ова откритие носи важна порака: „радио тишината“ што ја бележиме со децении можеби не значи дека сме сами. Можно е сигналите да постојат, но се скриени во шумот што досега не сме знаеле да го препознаеме со нашите инструменти поради нивната изменета форма.
SETI веќе планира да ја прошири својата стратегија. Наместо да се фокусира само на тесни пикови, ќе се бараат и пошироки сигнали, особено на повисоките радиофреквенции каде ефектот на плазмата е помал. Програмата SETI STRIDE ќе развива нови почувствителни алгоритми што ќе го прошират спектарот на набљудувања и ќе продолжи да развива нови методи за откривање техносигнатури. Ова може да се покаже како клучен чекор кон конечно откривање на сигнал од интелигентен живот надвор од Земјата.
Ако оваа промена даде резултат, можеби ќе бидеме чекор поблиску до моментот што човештвото го очекува со трепет: првиот доказ дека не сме сами во космосот.