Во февруари 2026 година, научната заедница повторно се најде во центарот на јавноста поради новообјавените документи што откриваат врски меѓу познати истражувачи и финансиерот Џефри Епстин – човек кој зад себе остави криминално досие и контроверзно наследство. Иако Епстин не е меѓу живите уште од 2019 година, неговите контакти со познати научници и угледни универзитети што неодамна излегоа на виделина, продолжуваат да ја брануваат и тресат академската јавност.
Така Универзитетот Харвард објави дека економистот Лоренс Самерс ќе ја напушти својата академска позиција и ќе се повлече од катедрата на еден од универзитетските центри, како дел од ревизијата на документите поврзани со Епстин. Истовремено, математичкиот биолог Мартин Новак е ставен на административен одмор додека трае истрагата за неговите контакти со финансиерот.
Слична судбина го снајде и нобеловецот Ричард Аксел од Универзитетот Колумбија, кој се повлече од директорска функција, признавајќи дека неговата претходна поврзаност со Епстин била „сериозна грешка во проценка“.

Џон Џек Хорнер, познат како консултант за филмската франшиза Jurassic Park, повеќе не е дел од Универзитетот Чапман. Документите укажуваат дека во 2012 година тој го посетил Епстин со цел да обезбеди донација за истражувачки проект. Во својата „одбрана”, Хорнер признава дека направил „лоша проценка“ и жали што не ја истражил подлабоко позадината на Епстин. Особено се дистанцира од терминологијата што ја употребил во имејл преписките, каде што спомнува „девојки“ кои можеби биле некои од жртвите.
Епстин, и покрај својата криминална историја, инвестирал милиони долари во научни проекти. Од Институт за технологија на Масачусетс (MIT) признаваат дека примиле околу 850 000 американски долари од Епстин во период од 15 години. Внатрешните ревизии таму веќе констатирале „значителни грешки во проценка“ при прифаќањето на тие средства.
Документите откриваат и случаи на „нерегуларни“ универзитетски приеми. Така на Универзитетот Колумбија, стоматолошкиот факултет примил студентка блиска до Епстин, со посредство на професори кои подоцна се санкционирани.
Иако документите не докажуваат директна вмешаност на научниците во криминалните активности на Епстин, тие покажуваат колку е тенка линијата помеѓу научната амбиција и етичката одговорност. Прифаќањето донации или контакти со личности со проблематично минато може да остави долгорочни последици врз кредибилитетот на институциите и поединците.
Науката, како поле што се темели на доверба и интегритет, мора да биде особено внимателна при изборот на донатори, мецени и соработници. Овој случај е потсетник дека финансиската поддршка не смее да биде поважна од моралните стандарди.
Транспарентноста и етичките принципи се неопходни за да се зачува довербата на јавноста. Научниците и институциите мора да покажат дека знаењето не може да се гради врз сомнителни основи, туку само врз чесност и одговорност.
Извор Nature