Рубрика: Астрономија и астронаутика
НАСА ја трансформира програмата Артемида
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 05.03.2026 - 14:45

Мисијата Артемида 1 – на платформата СЛС ракетата и леталото Орион и полна Месечина на ноќното небо

По повеќе од половина век од ерата на мисиите Аполо, враќањето на човекот на Месечината повторно е глобална амбиција. Но, патот до оваа цел не е праволиниски. НАСА најави значајна трансформација на архитектурата на програмата Артемида (Artemis), потег што некои медиуми го опишуваат како вистинска 'промена на курсот'.

Првичните планови предвидуваа релативно брзо враќање на астронаутите на месечевата површина, со датум зацртан за оваа година. Но, сложеноста на новите технологии, интеграцијата со приватни партнери и безбедносните предизвици ја натераа агенцијата да се врати некој чекор наназад за да може да направи два чекори нанапред.

Со најновата стратешка промена, NASA го прилагодува својот амбициозен план за враќање на астронаутите на Месечината, со цел да го зголеми темпото на експедиции и да ги минимизира ризиците поврзани со сложените мисии во длабоката вселена. Овие измени не значат откажување од крајната цел – постојано присуство на месечевата површина, туку сознание дека патот до таму мора да биде постепен, во согласност со лекциите од минатите програми за истражување на вселената.

Програмата Артемида (Artemis) од самото своето создавање беше замислена како серија сложени мисии што постепено ќе ги надградат човечките способности надвор од ниската орбита на Земјата. Мисијата Артермида 1, која се изведе без астронаути, успешно ги потврди можностите на системите на ракета SLS (Space Launch System) и вселенското летало Орион, што постави темел за натамошните летови.

Следниот чекор сега е Артемида 2, прва пилотирана обиколка околу Месечината по повеќе од 50 години без слетување на месечевата површина. Притоа леталото Орион ќе ја тестира издржливоста на системите со екипаж во длабока вселена, подготвувајќи го тимот и технологијата за покомплексни задачи.

Она што е ново е промена на улогата на мисијата Артемида 3. Наместо слетување на површината на Месечината, мисијата ќе се фокусира на критични тестови, вклучително и сложеното „спојување“ (docking) помеѓу Орион и лунарниот лендер што го развива СпејсЕкс (SpaceX). Овие маневри се технички исклучително чувствителни и претставуваат клучен предуслов за безбедно слетување.

Еден од факторите што придонесоа за оваа промена се проблемите со топлинскиот штит на Орион, забележани по тест-летот на Артемида 1. Иако капсулата успешно се врати на Земјата, анализите покажаа дека одредени аспекти бараат дополнително подобрување. Дополнително, развојот на лунарниот лендер заснован на модифицирана верзија на системот Старшип (Starship) на СпејсЕкс, претставува огромен инженерски потфат.

Според актуелниот план, првото слетување на човечки екипаж на површината на Месечината во рамките на програмата Артемида е поместено за почетокот на 2028 година, со мисијата Артемида 4. По што треба да уследи и мисијата Артемида 5 кон крај на истата година.

2028 година се позиционира како симбол на реалистичен амбициозен рок. Имено, целта не е само „забивање знаме“, туку воспоставување долгорочно присуство на површината на нашиот најголем природен сателит, преку редовни мисии и постепена изградба на инфраструктура околу и на Месечината, којашто ќе поддржува научни истражувања и подготовки за уште подалечни цели, како што е мисија до Марс.

Во основата на оваа реформа стојат реални технички и оперативни предизвици. За разлика од времето на мисиите Аполо, денешната архитектура вклучува повеќе независни системи што мора совршено да се синхронизираат во орбитата околу Месечината. Стандардизацијата на конфигурацијата на SLS и постепеното додавање мисии значи дека НАСА ќе може да спроведува повеќе летови годишно, со помал ризик и подобра контрола на технологијата.

Но, контекстот не е само научен. Во следната деценија Кина најавува сопствена пилотирана мисија кон Месечината. Иако НАСА официјално го нагласува меѓународното партнерство и научната соработка, јасно е дека Артемида се одвива во рамки на нова геополитичка динамика. За разлика од 1960-тите, денешната „вселенска трка“ е технолошки и комерцијално поразлична. Приватните компании играат централна улога, а развојот на технологии за долгорочно преживување во вселената е подеднакво важен како и самото слетување.

Програмата Артемида не е само мисија до Месечината. Таа е тест-полигон за идни мисии кон Марс. Секој систем, од заштитата од радијација до автономните операции, се развива имајќи предвид некои наредни подолги и подалечни патувања. Оттаму „промената на курсот“ може да се толкува и како знак на зрелост. Наместо агресивни ветувања, НАСА избира инженерска дисциплина и постепена еволуција.

Ако сè се одвива според новиот план, 2028 година нема да означи само враќање на човекот на Месечината туку и почеток на нова ера на одржливо човечко присуство надвор од Земјата.

Клучни зборови:
Мисијата Артемида 1 – на платформата СЛС ракетата и леталото Орион и полна Месечина на ноќното небо

Мисијата Артемида 1 – на платформата СЛС ракетата и леталото Орион и полна Месечина на ноќното небо Фото: НАСА