Една од најважните вештини што треба да ја стекне секој што сака да се занимава со практична електроника е лемењето. Па така, секој вистински и пасиониран електроничар, веќе одамна ги има прочитано сите објавени упатства и совети за лемење од стручните книги и списанија за електроника и има изгледано стотици видеа на YouTube на оваа тема. Поседува повеќе лемила и лемни станици за различни намени и се гордее со вештината со којашто знае да ги користи. За одржување на кондицијата, дневно леми и одлемува најмалку по сто компоненти на/од двострани плочки (за однапред зададено време), ужива во мирисот на растопениот калофониум и смета дека е кондициски подготвен за каков било натпревар или задача поврзана со лемење, барем на државно ниво. Но, дали неговата висока самодоверба и мислење за себе навистина соодветствуваат на неговите способности и на постигнатото ниво? А што ако направил некаков ситен превид, па некако се случило во темелите на своето знаење да стави и некои фалични елементи, сметајќи ги за исправни? Дали некогаш направил сериозен стрес-тест, за да ја провери стабилноста на својата градба?