Ако сте од оние кои поминуваат навистина многу време дружејќи се со играчките конзоли и со видеоигрите, сигурно честопати сте помислувале дали некогаш и самите би можеле да создадете подеднакво привлечна игра или можеби игра која ќе нема “багови” или барем минимален број од нив. А како бонус, сево ова да го направите без некое големо познавање на софтвер, едноставно играјќи... Па, се чини дека е можно!
Можноста за создавање интерактивни игри не е ништо ново. Но, благодарение на платформата The Sandbox овој процес може да биде многу полесен и позабавен. За што се работи? Sandbox претставува онлајн универзум поддржан од заедница на ентузијасти, креатори и гејмери. Внатре, во него, секој може да добие пристап до ресурси, алатки и деловни модели за создавање на видеоигри.
За да се "пробате" во гејминг креаторството, сè што треба да направите е да се регистрирате на gamemaker.sandbox.game и да преземете софтверот Game Maker. Откако ќе влезете, можете да се препуштите на создавање на игра со помош на воксели, волуметриски пиксели (или ако претпочитате мали коцки) што ќе ви овозможат да креирате светови и ликови.
Оние со оригинална идеја имаат дури и можност да заработат пари на платформата која овозможува трансформација на забавата во професија. Sandbox, всушност, создаде фонд од 2 милиони американски долари на gamefund.sandbox.game со којшто ќе ги финансира стоте најиновативни и најубедливи предлози, а наградите се движат од 4 илјади до 30 илјади долари, при што може да добивате и совети за време на развојната фаза, но како да ја промовирате играта по објавувањето платформата.
Во пракса, софтверот овозможува избор да започнете од целосно нов тродимензионален план или, пак, да изберете некоја од готовите поставки (пустина, град, итн.), кои се достапни во софтверот или од оние што другите корисници ги споделуваат, и да започнете со нивна модификација, градејќи притоа свое сопствено искуство со игри. Потоа можете да се посветите на механиката на игрите, да дефинирате аватари и карактери, со цел да обликувате авантура или платформа или RPG... или што и да посакате – единственото ограничување е вашата креативност.
Пред да започнете со регистрација имајте на ум дека за користење на Game Maker потребно е да поседувате виртуелен паричник за криптовалути, или барем за Ethereum. Виртуелниот паричник е поврзан со блокчејн технологија преку која сопственоста на секој предмет, карактер, конструкција или видео игра ќе биде загарантирана, исто како и трговијата со другите корисници или компании на платформата којашто ќе се одвива со употреба на дигиталната валута на The Sandbox наречена $SAND.