Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 1.7.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 01.07.2021 - 17:00

Во денешниот времеплов одбележуваме 375 години од раѓањето на германскиот философ, математичар, научник, дипломат и полимат Готфрид Вилхелм Лајбниц и 161 година од смртта на Чарлс Гудјир, човекот којшто ни ја даде гумата во форма каква што денес ја познаваме. Ја одбележуваме појавата на Вокменот, како производ што засекогаш го промени начинот на којшто слушаме музика, и создавањето на SOS сигналот како код за повик за помош.

 

1.7.1646 – Роден е Готфрид Вилхелм Лајбниц, германски философ и математичар

Готфрид Вилхелм Лајбниц (Gottfried Wilhelm Leibniz) бил германски философ, математичар, научник, дипломат и полимат. Тој е истакната фигура и во историјата на философијата и во историјата на математиката. Како философ,  бил еден од најмаркантните претставници на рационализмот во 17 век. Како математичар, неговото најголемо достигнување бил развој на главните идеи за диференцијални и интегрални пресметки. Бил пионер во областа на механичките калкулатори и го усовршил  бинарниот систем на броеви, којшто е основа на речиси сите дигитални компјутери.

Готфрид Лајбниц е роден на 1 јули 1646 година во Лајпциг, Саксонија. Неговиот татко починал кога имал шест години и од тој момент го воспитувала неговата мајка. Татко му бил професор по морална философија на Универзитетот во Лајпциг, а момчето подоцна ја наследило неговата приватна библиотека до којашто имал слободен пристап од седумгодишна возраст. Додека училишните работи на Лајбниц биле во голема мера ограничени на проучување на мал број авторитети, библиотеката на неговиот татко му овозможила да проучува широк спектар напредни философски и теолошки дела – оние што инаку немало да може да ги чита до годините на колеџ. Пристапот до библиотеката на неговиот татко на малиот Готфрид му овозможило одлично владеење на латинскиот јазик, што го постигнал на 12-годишна возраст. Во април 1661 година, на 14-годишна возраст, се запишал на поранешниот универзитет на неговиот татко и завршил со диплома по филозофија во декември 1662. Лајбниц магистрирал филозофија на 7 февруари 1664 година бранејќи ја дисертацијата Quaestionum Philosophicarum ex Jure Collectarum (Есеј на собрани филозофски проблеми на правото). По уште една година правни студии, му била доделена диплома на 28 септември 1665 година. Неговата дисертација била насловена De conditionibus (За условите).

На почетокот од 1666 година, на 19-годишна возраст, Лајбниц ја напишал својата прва книга De Arte Combinatoria (За уметноста на комбинацијата). Неговата следна цел била да добие лиценца и докторат на правни науки, за што вообичаено биле потребни три години студии. Во 1666 година, Универзитетот во Лајпциг ја одбил апликацијата за докторски студии, најверојатно поради неговата релативна младост. Лајбниц потоа го напуштил Лајпциг и се запишал на Универзитетот во Алтдорф (универзитетски центар на слободниот град Нирнберг). Брзо доставил теза, на која веројатно работел порано во Лајпциг со наслов Disputatio Inauguralis de Casibus Perplexis in Jure (Инаугуративна дискусија за двосмислени правни случаи). Лајбниц ја добил својата лиценца за пракса и доктор на правни науки во ноември 1666 година. Потоа ја одбил понудата за академска позиција во Алтдорф, велејќи дека „мислите ми беа свртени во сосема друга насока“. Првата позиција на Лајбниц била платен секретар на алхемиско друштво во Нирнберг. За време на неговиот престој во Нирнберг, се сретнал со Јохан Кристијан, Фрајхер фон Бојнебург (Johann Christian, Freiherr von Boyneburg), еден од најистакнатите германски државници во тоа време. Бојнебург го зел во служба и го вовел во дворот на надбискупот во Мајнц, Јохан Филип фон Шонборн (Johann Philipp von Schönborn), каде што се занимавал со прашања од правото и политиката, меѓу другото и со преработката на правниот законик за изборите во Мајнц. Во 1669 година бил  назначен за оценувач во Апелациониот суд.

Калкулатор со чекори за којшто Лајбниц бил обвинет дека е плагијат од уредот на Њутн

 

Во 1672 година, Лајбниц отишол во посета на Париз заради дипломатски разговори. Наскоро по пристигнувањето, се сретнал со холандскиот физичар и математичар Кристијан Хајгенс (Christiaan Huyigens) и сфатил дека сопственото знаење за математика и физика е недоволно. Со Хајгенс како свој ментор, тој започнал програма за самостојно учење што наскоро го припремило да даде голем придонес за двата предмети, вклучително и откривање на неговата верзија на диференцијалните и интегралните пресметки. Во тоа време ги проучувал и записите на Декарт и Паскал.

По смртта на Бојнебург и Шонборн, неговите двајца заштитници, бил слободен да ги продолжи своите научни студии. Во потрага по финансиска поддршка, изградил машина за пресметување и му ја претставил на Кралското друштво за време на неговото прво патување во Лондон, во 1673 година. Тој ја продолжил својата работа, но сè уште бил без финансиски  приходи. Сепак, до октомври 1676 година, го прифатил вработувањето од Џон Фредерик (John Frederick), војводата од Брауншвајг-Линебург (Braunschweig-Lüneburg) во Хановер. Тој го назначил за библиотекар, но од февруари 1677 година, Лајбниц ја побарал советничката функција, која конечно му била дадена во 1678 година.

Во 1685 година, Лајбниц бил именуван за историчар на куќата на Брауншвајг, служејќи на тројца последователни владетели како историчар, политички советник и, следствено, како библиотекар на војводската библиотека. Бил назначен за библиотекар на библиотеката Херцог Август во Волфенбител, Долна Саксонија, во 1691 година. Тој придонел и во областа на библиотечната наука – смислил систем за каталогизација што ќе служи како водич за многу од најголемите библиотеки во Европа.

Најважните математички трудови на Лајбниц биле објавени во периодот од 1682 до 1692 година, најголем дел во списанието Acta Eruditorium што тој и Ото Менке (Otto Menche) го основале во 1682 година. Тој журнал одиграл клучна улога во унапредувањето на неговата математичка и научна репутација, што пак го подобрило и неговото истакнување во дипломатијата, историјата, теологијата и философијата.

Во 1708 година, Џон Кил (John Keill), пишувајќи во списанието на Кралското друштво и со претпоставен благослов на Њутн, го обвинил Лајбниц дека бил плагијатор на калкулаторот на Њутн. Така започнал спорот за приоритет што ќе го затемни остатокот од животот на Лајбниц. Починал во Хановер на 14 ноември 1716 година. Во тоа време, тој бил толку неомилен  што ниту еден друг дворјанин, освен неговиот личен секретар, не присуствувале на погребот. И покрај тоа што Лајбниц бил доживотен член на Кралското друштво и Берлинската академија на науките, ниту една организација не сметала за соодветно да ја испочитува неговата смрт. Неговиот гроб останал необележан повеќе од 50 години.  (Д. М.)

 

1.7.1860 – Почина Чарлс Гудјир

Чарлс Гудјир бил трговец со железарии кој се почнал да се занимава со пронаоѓаштво по пропаста на неговиот бизнис. Тој измислил вентил за надувување елеците за спасување во вода. Вентилот бил изработен од еден во тоа време нов материјал наречен индиска гума. Индиската гума била штотуку откриена како супстанција којашто се добивала со цедење и собирање на смолата/млекото од каучукови дрва во Амазон.

Насекаде низ светот инвеститорите вложувале големи пари во компаниите коишто се занимавале со гума, кои никнувале на секој чекор. Гудјир го прикажал својот вентил во една таква компанија во Њујорк, којашто веќе била во финансиски потешкотии. Причината – на повисоки температури природната гума премногу омекнувала добивајќи структура налик на желатинска смола, додека во услови на студ гумата станувала тврда и лесно ронлива. Откако ги видел големиот број вратени и неупотребливи гумени производи за чиешто производство биле потрошени десетици илјади долари, тој решил да изнајде начин да ја направи гумата корисна.

Следните неколку години Гудјир ќе ги помине обидувајќи се со да го подобри квалитетот на гумата со додадавање различни адитиви. Така на пример се обидел да ја отстрани лепливоста со додавање на прашести супстанции, но во летните горештини сите готови производи се стопиле формирајќи леплива паста. Во еден момент помислил дека конечно успеал да го фиксира квалитетот на гумата кога во неговата смеша додал азотна киселина, што резуртирало со мазен и сув производ. Користејќи го овој процес, Гудјир успеал да ја убеди владата на САД да купи поштенски торби изработени од овој тип гума. Но и оваа формула набргу се покажала како неуспешна, па договорот пропаднал.

На крајот, Гудјир се обидел како адитив да користи и сулфур. Еден зимски ден, еден од примероците со сулфур паднал врз плотната од печка. Кога го подигнал примерокот, Гудјир забележал дека тој не се топи како останатите тест-примероци, туку дека попримил карактеристика слична на производ од кожа. Сосема случајно, Гудјир го открил процесот на вулканизирање на гумата. Во следните две години ќе се обиде да ја утврди вистинската количина сулфур и точното количество топлина коешто го максимизира квалитетот на гумата пред да достави пријава за патентирање на овој процес.

Уметнички приказ на Чарлс Гудјир во неговата лабораторија

Гудјир имал мноштво идеи за употреба на гумата, но за несреќа не успеал да ги реализира за некоја поголема финансиска добивка. Лошо управувал со патентите, дел од нив ги продал за ситен ќар а голем дел едноставно биле пиратирани. До крајот на животот Гудјир ќе се обидува да ги одбрани правата за своите патенти на суд. Иако успеал да ги добие повеќето судски процеси во САД, пиратирањето на неговите патенти продолжило. Починал во 1860 година со долг од над 200 000 американски долари. Паричните надокнади за користење на неговите патенти од гума му обезбедиле пристоен живот на неговото семејство, но не и некое големо богатство.

Компанијата за гуми Гудјир (Goodyear), којашто е денес една од најголемите производители на автомобилски гуми е именувана во чест на Чарлс Гудјеар, а е основана 40 години по неговата смрт. (Н. С.)

 

1.7.1979 – Започна продажбата на Сони Вокменот

Компактната аудиокасета беше претставена во 1963 година од страна на холандската фирма за електроника Филипс. Во доцните 60-ти години од минатиот век, воведувањето и употребата на компактните аудиокасети како носачи на звук овозможи слушање музика на низа преносни уреди, како што се, на пример, автомобилските радиокасетофони, иако грамофонските плочи сè уште опстанаа како најпопуларен формат за слушање музика во домот.

Првиот модел на SONY Вокмен

Коосновачот на Сони, Масару Ибука го користел габаритниот касетофон TC-D5 на Sony за слушање музика за време на неговите бизнис патувања. Тој побарал од Норио Ога да дизајнира мал касетофон којшто ќе има можност само за репродукција а којшто ќе биде оптимизиран за употреба на слушалки. Првиот прототип претставен во 1977 година бил создаден врз основа на Sony Pressman, компактниот диктафон за касети наменет за новинари. Но, пошироките “народни маси” ќе почекаат за нискобуџетното решение за сечиј џеб уште две години.

На 1 јули 1979 година во Јапонија започа продажбата на првиот персонален аудиокасетофон Walkman TPS-L2 на Sony. Вокменот “спакуван” во метална сребрено сина мала кутија ќе се шрпдава за 33 000 јени (односно 150 американски долари). Во Сони предвидуваа месечна продажба од околу 5 000 парчиња, но само во првите два месеци ќе бидат продадени повеќе од 30 000 Вокмени.

Вокменот набрзо доживеа и интернационална продажба под различни називи – како Soundabout во САД, Freestyle во Австралија и Шведска и Stowaway во Велика Британија. Конечно, во раните 80-ти години, називот Вокмен (Walkman) ќе биде општоприфатен насекаде низ светот и Сони ќе го користи ова име во светски рамки.

 

Еволуција на Вокмен уредите

Осумдесеттите години на минатиот век беше декада на интензивен развој на за Вокменот. Во 1983 година Sony го воведе првиот ултра компактен Вокмен со големина на касета, а во 1986 година го претстави првиот модел опремен со далечински управувач. До 1999 година Sony продаде околу 186 милиони Вокмен касетофони.

Преносниот CD плеер ќе го означи крајот за преносните Вокмен касетофони и нивното производство во Јапонија прекина во 2010 година. Повеќе за Вокменот може да прочитате во "20 години Walkmania" (ЕМИТЕР 1/2к) и во "75 години на Sony(Н. С.)

 

1.7.1908 – Усвоена е употребата на SOS сигналот како Меѓународен сигнал за повик за помош

Со Втората меѓународна радиотелеграфска конвенција, потпишана во декември 1906 година, SOS сигналот којшто во Морзеовиот код се користи како повик за помош, составен од три точки три црти и три точки (• • • – – – • • •), беше прогласен за стандарден меѓународен сигнал за барање помош во областа на морепловствити. И покрај тоа што во 1999 година употребата на SOS-сигналот беше заменета со новиот Глобален поморски систем за безбедност и повикување во случај на нужда, тој и денес се смета за универзален повик за помош. За сигналот SOS честопати, погрешно, се смета дека претставува кратенка којашто го означува повикот Save Our Souls (Спасете ги нашите души) или Save Our Ship (Спасете го нашиот брод). (Н. С.)

 

Клучни зборови:
Готфрид Вилхелм Лајбниц

Готфрид Вилхелм Лајбниц

Калкулатор со чекори за којшто Лајбниц бил обвинет дека е плагијат од уредот на Њутн

Калкулатор со чекори за којшто Лајбниц бил обвинет дека е плагијат од уредот на Њутн

Чарлс Гудјир

Чарлс Гудјир

Уметнички приказ на Чарлс Гудјир во неговата лабораторија

Уметнички приказ на Чарлс Гудјир во неговата лабораторија

Оригиналниот Вокмен на Сони – моделот TPS-L2

Оригиналниот Вокмен на Сони – моделот TPS-L2

Еволуција на Вокмен уредите

Еволуција на Вокмен уредите