Рубрика: Медицина
Пандемиска викенд анализа 2.7.2021
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 03.07.2021 - 18:45

Штотуку излезе месечниот статистички извештај бр. 06.2021 со податоци за смртноста во Македонија заклучно со април 2021 година.

Врз основа на историските броеви на починати од месец 11.2015 до 3.2020 изработен е сезонски модел за смртноста, со што е прилично стеснет интервалот на доверба за сите предвидувања (линиите со сива и ќерамидна боја на дијаграмот). Темно-сината линија го дава предвидувањето на бројот на умрени од 1.4.2020 до 30.4.2021 со земање предвид на сезоналноста, а светло-сините вертикални прачки ги претставуваат броевите на починати според Државниот завод за статистика.

Одвишниот број на починати (разликата помеѓу вистинскиот број 30 026 и предвидениот број според сезонскиот модел 21 688) во тој 13-месечен период изнесува средно 8338. Во истиот период од ковид-19 официјално починале 4880. Разликата 8338 – 4880 = 3458 (со 95% интервал на доверба од 2 469 до 4 446) ја претставува необјаснетата одвишна смртност, која всушност го претставува бројот на неевидентирани починати од ковид-19, исклучиво починати во домашни услови за кои немало места во болниците. Со други зборови, вистинскиот број на починати е поголем од официјалниот за просечно 70,9% (95% интервал на доверба 50,6% – 91,1%).

Ако со овие проценти извршиме корекција на вкупниот официјален број на починати до 1.7.2021 (5486), се добива дека вистинскиот број на починати од ковид-19 во Македонија од почетокот на пандемијата изнесува средно 9117 лица (со 95% интервал на доверба од 7585 до 10 648). Значи, далеку помалку од 13 200, колку што пресметал (со којзнае каква методологија) Универзитетот во Вашингтон на covid19.healthdata.org. Но 9100 починати исто така не се малку, тоа одговара на еден цел изгубен град со големина помеѓу Ресен и Виница!

Инаку, бројот на необјаснетати одвишни смртни случаи е во силна математичка корелација со официјалниот број на починати од ковид, што значи дека многу мал дел може да се објасни со нелекување на други болести. Кога би било тоа случај, смртните случаи би биле случајни броеви без никаква корелација со официјалната ковид смртност. Впрочем, тоа го констатира и ДЗС во фуснота под табелата за месечната смртност во статистичкиот извештај.

Клучни зборови: