Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 2.7.2021
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 02.07.2021 - 18:00

Во денешниот времеплов го славиме роденденот на генијалниот Ханс Бете, кој остави длабоки траги на полето на теоретската физика, го одбележуваме првиот лет на воздушниот брод познат како цепелин и денот кога на Маркони му беше одобрен патентот за изумот радио.

 

2.7.1906 – Роден е Ханс Бете

Ханс Бетe (Hans Albrecht Bethe) е германско-американски физичар, една од движечките фигури во доменот на современата нуклеарна физика.

Уште од рана возраст се уживал во решавањето на математички проблеми и наоѓање на нивна практична примена. Чувствувал дека математиката е алатка којашто прави светот малку поопиплив и поскладен. Неговата докторска дисертација се бави со дифракцијата на електроните во кристалите. Тој претпоставил дека електроните можат да се третираат како бран, а брановата функција треба да има иста форма како и периодичноста на кристалната решетка. Тој открил дека постојат одредени агли на инциденца каде брановата функција ќе добива нулта вредност. Ова во практиката значи дека има случаи кога електронот не може да постои во кристалната решетка. Ова дело имало особена улога во зачетокот на современата теорија на цврсти тела.

По дипломирањето, Бет добил стипендија и работел извесно време во Кембриџ со Ралф Фаулер, британски теоретски физичар, и во Рим со Енрико Ферми, човекот кој ќе го создаде првиот нуклеарен реактор и ќе постигне нуклеарна реакција на ураниум. По овие патувања бил професор на Универзитетот во Тибинген во Германија, сè до 1933 година кога ја губи позицијата поради тоа што неговата мајка е Еврејка.

По овој инцидент Бете се сели најнапрад во Англијам а потоа во САД каде добива понуда за работа како професор на катедрата за теоретска физика на Универзитетот Корнел, каде ќе предава сè до крајот на својот живот.

Во текот на Втората светска војна, тој бил одговорен за теорискиот оддел во тајната лабораторија Лос Аламос, која ги создаде првите атомски бомби. Таму тој имал клучна улога во пресметувањето на критичната маса на бомбите, како и развивањето на теоријата заимплозивниот метод кој се користел при Тринити и Дебелко, бомбата која била фрлена на Нагасаки.

По Втората светска војна Бете, исто така, одиграл важна улога во развојот на водородната бомба, иако тој првично се приклучил на проектот со надеж дека ќе докаже дека не можно да се направи. Бете подоцна заедно со Алберт Ајнштајн и Итниот одбор на атомските научници против нуклеарни тестирања и нуклеарната трка за вооружување. Тој помогнал да ја убеди администрацијата на Кенеди и Никсон да го потпишат Договорот за делумна забрана на нуклеарни тестирања во 1963 и Противбалистичкиот ракетниот договор и САЛТ.

Тој не престанал со својата истражувачка работа и продолжил да објавуваа трудови и во неговите деведесетти години, што го прави еден од ретките научници кои објавиле барем еден голем труд во својата област во текот на секоја деценија од неговата кариера, во неговиот случај станува збор за седумдесет години. Фриман Дајсон, кој бил еден од неговите студенти, својот учител го нарекол “Врвен решавач на проблеми во XXвек“. (Н. С.)

 

2.7.1900 – Полета првиот воздушен брод, Цепелин

Воздушните бродови Цепелини го носат името на грофот Фердинанд фон Цепелин, пронаоѓач на дирижаблот и основач на компанијата за конструкција на воздушни бродови Цепелин.

Првиот воздушен брод на Цепелин го имаше првиот тест-лет над езерото Констанца во Германија. За разлика од балоните, цепелинот во својата градба вклучува цврста, вообичаено метална рамка врз којашто е оптегнато платно, а освен тоа тие се одликуваат и со далеку поголема управливост од балоните. Токму од овие причини германските воени сили ќе ги користат воздушните бродови за спроведување на воздушни напади за време на Првата светска војна.

Своето златно доба, како средство за превоз во мирнодопски услови, Цепелините ќе го доживеат меѓу двете светски војни. Несреќата на Цепелинот Хинденбург ќе означи крај на оваа ера во којашто воздушните бродови беа престижно и брзо средство за патување. (Н. С.)

 

2.7.1897 – Во Лондон одобрен патентот за радио на италијанскиот научник Гуљелмо Маркони

Гуљелмо Маркони (Guglielmo Marconi) од младост се интересирал за науката и електричната енергија. Во раните 1890-ти тој започнал да работи на идејата за “безжична телеграфија“ – пренoс на телеграфски пораки без жичена инфраструктура каква што користел електричниот телеграф. Ова не било нова идеја. Голем број истражувачи и пронаоѓачи истражувале безжични телеграфски технологии, па дури и граделе системи, но ниту еден од овие системи не се покажал технички и комерцијално успешен. Нов момент во развојот на безжичната телеграфија настанува по откритието на Хајнрих Херц (Heinrich Hertz), кој во 1888 година, врз основа на делото на Максвел, покажал дека може да се произведе и открие електромагнетно зрачење. Во тоа време, ова зрачење ќе се нарекува “Херцијански” бранови.

Маркони успеал да развие уреди, како предаватели за емитување и системи за прием, кои можеле да работат на големи растојанија, претворајќи го лабораторискиот експеримент во корисен систем за комуникација. Маркони му пишал на италијанското Министерство за пошта и телеграф, објаснувајќи ја својата безжична телеграфска машина и барал финансирање на неговата работа. Тој никогаш не добил одговор на неговото писмо. Поттикнат од малиот интерес за неговата работа во Италија, на почетокот од 1896 година, на 21 годишна возраст, Маркони отпатувал во Лондон, за да побара поддршка за неговата работа. Додека бил таму, добил голема поддршка од Вилијам Прис (Ser William Preece), главниот електроинженер на Британската пошта.

Некаде во тоа време, Маркони одлучил и да го патентира својот систем, за што аплицирал. На 2 јуни 1896 година, британскиот патент број 12039 со наслов “Подобрувања во преносот на електрични импулси и сигнали и во нивните уреди“,  ќе стане првиот поднесок за патент за комуникациски систем заснован на радиобранови. Првата демонстрација на својот систем за британската влада ја направил истиот месец. Следувала понатамошна серија демонстрации за Британците и до март 1897 година, Маркони веќе пренесувал сигнали со користење на Морзеовиот код на растојание од околу 6 километри. По дополнителните демонстрации Маркони почнал да го привлекува и меѓународното внимание, дури и во неговата родна Италија.

На 2 јули 1897 година во Лондон на Маркони му бил одобрен патентот за комуникацискиот систем за безжичен пренос наречен радио. (Д. М.)

Клучни зборови:
Ханс Бете

Ханс Бете

Ханс Бете

Ханс Бете

Гуљелмо Маркони

Гуљелмо Маркони

Маркони го демонстрира неговиот уред за безжична комуникација – предавателот е поставен од левата страна додека приемникот со снимачот на хартиена лента

Маркони го демонстрира неговиот уред за безжична комуникација – предавателот е поставен од левата страна додека приемникот со снимачот на хартиена лента

Првиот радиопредавател на Маркони со монопол антена

Првиот радиопредавател на Маркони со монопол антена