Рубрика: Омнибус
Sci-Tech времеплов 6.5.2020
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.05.2020 - 21:15

За да се разбере сегашноста и за да може да се прогнозира иднината, мора да се познава минатото. Во следните редови ги одбележуваме настаните од науката и техниката што се случиле на денешен ден. Изборот на настаните и коментарите се на нашите стручни соработници.

 

6.5.2011 – Почина академик Георги Ефремов, биохемичар-генетичар, редовен професор на Земјоделскиот факултет во Скопје

Роден е во Кратово на 8.12.1932 година. Ги завршил студиите на Ветеринарниот факултет во Загреб во 1956 година. По двегодишна теренска ветеринарна работа, избран е за асистент на предметот „Споредбена анатомија со физиологија на домашните животни“ на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (1959). Во 1961-62 година бил на специјализација на Институтот за физиологија и биохемија на Ветеринарниот факултет во Белград, каде што и докторирал (1963). Постдокторските студии ги остварува на Клиниката за интерна медицина при Ветеринарниот факултет во Осло, Норвешка (1963-65) и на Институтот за биохемија при Медицинскиот факултет во Августа, Џорџија, САД (1968-70). Во 1967 година е избран за доцент по биохемија на Земјоделскиот факултет во Скопје, за вонреден професор во 1973 г., а за редовен професор во 1980 г. Во периодот 1978-79 е редовен професор по биохемија и на Медицинскиот факултет во Августа и помошник директор на Центарот за анемија на српести клетки. Од 1965 до 1980 е научен консултант при Клиниката за детски болести на Медицинскиот факултет во Скопје.

За дописен член на МАНУ е избран во 1979 г., а за редовен во 1983г. Од 1987 до 1994 г. е раководител на истражувачкиот центар за нови технологии при МАНУ, а од 1994 г. е раководител на Центарот за генетско инженерство и биотехнологија. Основач е и раководител на Националната (од 1970), а потоа на Меѓународната референтна лабораторија за хемоглобинопатии (од 1995).                                                             

Од март 1991 г. до септември 1992 г. Ефремов е министер за наука во Владата на Република Македонија  и в.д. министер за образование (јуни 1991 – февруари 1992). Претседател на МАНУ е во периодот јануари 2000 – јуни 2001, а амбасадор на РМ во Народна Република Кина од април 2002 до ноември 2004.

Други должности што ги извршувал:

- редовен професор на интердисциплинарните студии по Молекуларна биологија и генетско инженерство на УКИМ во Скопје;

- раководител на Меѓународната референтна лабораторија за хемоглобинопатии;

- раководител на Меѓународниот информативен центар за абнормални хемоглобини и таласемии;

- визитинг професор во САД, Куба, Либија, Кувајт;

- предавал на постдипломските студии по молекуларна биологија и хематологија на универзитетите во Скопје, Белград, Нови Сад, Загреб;

- бил ментор на повеќе од 40 докторанди и магистранти на универзитетите во Хавана, Софија, Мастрихт, Белград, Загреб, Скопје;

- организатор на пет меѓународни курсеви за едукација на научни кадри за работа со рекомбинантна ДНК технологија и генетско инженерство, на кои учествувале повеќе од 120 млади научници од 23 земји (1991-1999);

- раководел со 30-ина научно-истражувачки проекти, главно финансирани од странство;

- бил член на Њујоршката и Медитеранската академија на науките, Бугарската и Српската академија за медицински науки, Европската и Светската академија на науките и уметностите, Американското друштво за унапредување на науките, Федерацијата на Европските биохемиски друштва, Меѓународното и Американското друштво за хематологија.

Главниот научен интерес на академик Ефремов се биохемијата на протеините и ензимите и примената на генетското инженерство во познавањето на молекуларните основи на вродените моногенски болести. Автор е на повеќе од 450 научни трудови, од кои повеќе од 250 се објавени во меѓународни списанија и е најмногу цитираниот научник од Република Македонија. (Д. М.)

 

6.5.1856 – роден е Зигмунд Фројд

Зигмунд Фројд (1856-1939) е австриски невролог познат како татко на психоанализата. Со создавањето на психоанализата, како клинички метод за лекување на психопатологијата преку разговор меѓу пациентот и психоаналитичарот, Фројд развива повеќе терапевтски техники, како што се употребата на слободна асоцијација и откриен пренос, коишто имаат централна улога во аналитичкиот процес. Редефинирањето на сексуалноста и анализата на соништата како потајни желби му овозможиле создавање на модели за клиничка анализа на формирањето симптоми и механизмите на репресија, како и за излагање на неговата теорија за потсвеста како агенс кој влијае на свесните состојби на умот. Фројд го постулира постоењето на либидото, како извор на повторувањето, омразата, агресијата и невротичната вина. Во својата подоцнежна работа, Фројд развива опсежни толкувања и критика на религијата и културата.

Психоанализата останува влијателна алатка во рамките на психотерапијата, во некои области на психијатријата и во општествените науки.  (Н. С.)

 

6.5.1937 – Се случи катастрофата на LZ 129 Хинденбург

LZ 129 Hindenburg бил еден од водечките германски воздухоплови меѓу двете светски војни, дел од флотата дирижабли од класата Хинденбург и до денес најголем цепелин што некогаш бил конструиран.

Бил долг 245 метри и можел да развие максимална брзина од 135 километри на час, односно 126 километри на час при крстарење. Иако конструкторски било планирано да лебди со помош на хелиум, внатрешноста од цепелинот била исполнета со водород поради извозните рестрикции што САД ги вовеле кон нацистичка Германија.

Првиот лет го имал на 4 март 1936 година, а во текот на неговата прва година од трансатлантските летови, овој воздушен брод пренел 1002 патница од Германија до САД и назад.

При неговото второто патување преку Атлантикот за 1937 година, при слетувањето крај Лејкхерст, Њу Џерси, Хинденберг ќе се запали и целосно ќе изгори. Од 97 патници и членови на екипажот, 35 ќе погинат, а со нив ќе погине и еден припадник на земскиот персонал. Пожарот настанал поради атмосферско електрично празнење во близина на истек  од водород од дирижаблот. Несреќниот случај бил забележан на филм, но и на фонографски диск.

Катастрофата на Хинденбург го означи крајот на ерата на воздушните бродови.  (Н. С.)

Клучни зборови:
академик Георги Ефремов

академик Георги Ефремов

Зигмунд Фројд

Зигмунд Фројд, таткото на психоанализата

Зигмунд Фројд, таткото на психоанализата

Зигмунд Фројд, таткото на психоанализата

Цепелинот LZ 129 над Њујорк

Цепелинот LZ 129 над Њујорк

Катастрофата на Хинденбург го означи крајот на ерата на дирижабли

Катастрофата на Хинденбург го означи крајот на ерата на дирижабли