Рубрика: Медицина
Антиковид пилула до крајот на годината?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 01.07.2021 - 12:45

Американската влада инвестира во развој на антиковид пилула до крајот на 2021 година. Таблетата би се купувала во аптека и би се земала уште при првите симптоми на болеста.

Изминатата година глобалните сили се фокусираа на една едниствена цел – сузбивање на ковидот. Во таа насока најмоќните влади финансираа истражувачи и научници од целиот свет за брз развој на функционална вакцина. Овој заеднички напор резултираше во неколку ефективни вакцини што станаа достапни за помалку од една година. Сега, кога кампањата за вакцинација е во полн ек, американската влада се реши да финансира друг вид на истражување, кое досега беше на листата на чекање – развој на антиковид пилула.

Министерството за здравство и хумани услуги на САД на 17 јуни ја претстави Антивирусната програма за пандемии која ќе придонесе со над 3 милијарди долари за развој на нов лек што ќе овозможи секому, веднаш по првите симптоми, да го земе и да го сотре коронавирусот во корен. Ако сè оди според планираното, првите апчиња би биле достапни до крајот на оваа година.

Засега единствен лек одобрен од американската Администрација за храна и лекови (ФДА) наменет за третирање на ковид е лекот ремдесивир, којшто првично бил развиен како потенцијален лек за вирусот ебола. Тој се користи кај хоспитализирани пациенти на кои им се дава интравенски. Неговата сегашна формулација, всушност, не дозволува орален внес во текот на првите фази на болеста, бидејќи соединението не би го преживеал преминот од устата, преку стомакот, до циркулаторниот систем. Друга мака со овој лек е неговата (не)ефикасност – повеќе за тоа може да прочитате во “SARS-CoV-2 е лукав вирус, COVID-19 е опака болест, а ремдесивир не го бидува” и “Кои лекови даваат резултати, а кои не ги бидува при третирање на Ковид-19

Истражувачите ширум светот проучуваат други веќе познати антивирусни лекови за да видат каво влијание тие имаат врз вирусот SARS-CoV-2. Ваков е случајот со молнупиравир развиен во 2019 година за ефикасно делување против неколку вируси. Првичните тестови, направени во април 2020 година не биле ветувачки поради лошите резултати кај хоспитализираните пациенти, но минатата есен лекот започнал да се тестира на пациенти во раните фази од болеста и неговата примена во оваа фаза дала добри резултати.

Друг лек кој го привлекол вниманието на американската влада е АТ-527, кој се покажал ефикасен против хепатитис Ц, а според првите анализи лекот би можел да функционира и против ковид. И фармацевтската компанија Фајзер е во првите редови на истражувањето за антиковид таблета. Во Фајзер се обидуваат да развијат лек од соединението создадено во првите години од овој век, во екот на борбата за сузбивање на епидемијата од САРС.

Можеби истражувањето започнува предоцна, и можеби првите антивирусни таблети нема да бидат достапни за неколку години. Но, дури и да е така, се работи за инвестиција во иднината. Да не заборавиме дека во глобализираниот свет во кој живееме, за жал, ќе мора да се навикнеме на ширењето нови вируси и избувнувањето нови пандемии. Финансирањето на истражувањата сега сè уште е добра идеја. Како што истакнува Марк Намчук од Медицинската школа на Харвард, во написот на оваа тема објавен во Њујорк Тајмс, истражувањето “може да ни помогне во оваа пандемија и да ни обезбеди прва линија на одбрана од следната“.

Програмата на Министерството за здравство и хумани услуги на САД, не само што го поддржува истражувањето на лекови против ковид, туку и против други високоризични патогени, како што се флавивирусите, кои предизвикуваат, меѓу другото, жолта треска, денга и нилска треска или алфавирусите, кои предизвикуваат повеќе болести кои се пренесуваат со убод од комарец.

Клучни зборови: